Ташко Георгиевски. Црвениот коњ За прв пат „Црвениот коњ” се појавува како што беше и замислен: романот, дневникот за романот и писмата на Борис Тушев пишувани до татко ми кои всушност и беа поттик и инспирација за оваа книга. Во дневникот „Вода пиј од својот извор”, кој за прв пат е печатен во списанието Разгледи, стои дека се 18 на број, меѓутоа, овде се понудени 19 извадоци од нив, зашто едно е пронајдено во дрвеното ковчеже на татко ми по неговата смрт. На овој начин „Црвениот коњ” повеќе не е отворена книга, незавршена како што стои на крајот од дневникот, туку со деветнаесетте извадоци од неговите писма тој сосема се завршува. Значи крајот на романот „Црвениот коњ” вистински е напишан токму денеска, на 12. 10. 1986 година. Пред извадоците од писмата се понудуваат и десетина страници надополна на самиот Дневник од моето патување во Узбекистан 1983 година. Иако писмата не се дадени целосно (за да не се преповторуваат некои нивни делови), иако во нив има празнини (мислам во преписите на писмата: оние делови што се на грчки), тие во оваа доза и во ваква форма се вклопуваат во општата концепција на романот и стануваат негов неразделен дел. На овој начин докрај ја разголувам постапката на раѓањето на една моја книга. Со извесни отстапувања, скоро сите што сум ги напишал досега, настанувале на сличен начин. Оти за мене ова не е дел на тајната на раѓањето на книгата. Тајната е чинот на пишувањето. Него никој не може да го разоткрие. Магијата трае додека се нема свест за тоа, а кога се мисли дека се доловени внатрешните механизми на тајната, сама од себе се брише. Аворо Прв дел Е, што да ви кажувам, таа работа излезе така, кога нè стиснаа од сите страни со бренди и аероплани, се најдовме во Албанија и уште не се ни испуливме околу себе останавме без оружје. Кој ти есапи што толку години сме ти бодињале по планињето за некаква си слобода! Ни ги зедоа не само пушките, брендите и топовите, туку и коланите со фишеци. Само караваните ни ги оставија во кои ни туруваа чорби и некои други нешта. Тонка беше чорбата ама и таа, таква каква што беше, малкумина можеа да ја протуркаат низ стиснатите грла. Нашата болка беше голема, поголема дури и од планините што нè заградуваа. Јас, навистина, не си ја толчев многу главата за тие работи, ама сепак ми се стегна срцето кога Албанците ги одвлечкаа топовите онака намачкани и блеснати. Со бонела како да ми откинаа парче од срцето.. Нејсене, понекогаш и таква мајна е убава колку човек да се затреби од секакви живинки и бодланки. Одбирав припекливи места, пласнував врз голата и топла снага на земјата и го оставав сонцето да ми шета по лицето и по разголеното меше. Напати, кога облак ми го крадеше сонцето, заушував студена глиста во душата: жив ли сум или не сум жив? Жароите на сонцето го прегоруваа облакот и пак паѓаа врз мене печејќи сè што беше студено во мене. Што да ви кажувам, присојни места не барав само јас. И другите се валкаа по голата земја, си ги покажуваа влакнестите гради, си ги топореа свиените грбови и внимателно ги алкаа рабовите на кошулите и мандиите.. Ви велам, сите носевме болка во градите оти кога ќе му ги земеш пушката и штикот на војникот како да си го оставил со разголен газ пред очите на светот. Во сите нас шеткаа малечки студени ежиња: а сега каде? Назад? А оружјето? Таму, преку границата, во нашата земја, прс и плева Американци и Енглези!... Луѓето не знаеја што прават, одеа околу, врескаа, пискаа, пцуеја. Еднаш заушив едно офицерче, малечко, пргаво, прописно пикнато во униформата и стегнато со ремења и копчиња. Нè прескокнуваше и викаше. Другари, што се случува со вас? Ние сè уште сме војска!... Тука сме за малку, колку да се совземеме, да се преброиме и назад! Така викаше офицерчето, ама никој не се завртуваше, не фрлаше опул кон него, како да беше сламка што топлиот ветер ја шетка врз нас. Само еден го фрчна со тешка плуканка, а друг му вресна Ајде доста јадеш лајна! и – молк! Официрчето ги наду образите како фуска, крвта му се качи во очите и во вршките на ушите, со раката се заалка по појасот сигурно барајќи пиштол, и онака надуен и вцрвен – избега. Значи нешто се случува. Не нè оставија да си ги врземе мислите оти што ќе се врзе врзано останува. Еден ден не спотераа по планињето. Барем од вошки се затребивме, ако! Нè спотераа низ пролетта, која, иако изврвена, топло испаруваше и мирисаше на трева. Широко ги ширевме ноздрите и се враќавме кој во што можеше: некој кај жената, некој при овците, друг не знам ти каде. Моето село е под самиот газ на Кајмакчалан, малечко, спрложено, заградено само со скрки, ама многу би сакал сега да сум во него. Крај мене поттрчнува Вани, па се наведнувам кон него и му велам Е, Ванче, ќе ја рацапаме и оваа пролет! Којзнае дали ме разбра. Вани Јосмов е детиште, дробно чекори, цело време како да трча за да биде рамно со мене. Од лицето не му бега насмевка, а црните мониста во очињата туку играат од нешто. Тоа копиле знаеше да иж се радува на пролетта. Трчкаше и се вртеше на сите страни, а го гледаш, а не го гледаш, се губеше под пат или над пат, а после се враќаше со набрстено гранче од габер, ми го пикаше под нос и ми велеше На, мирисни, вели, убаво мириса – на зелено и на ново. Јас чини само собери ги веѓите, подрашири ги ноздрите и продолжи си молчејќи. Знаев што значи нова пупка, како мириса и што ќе излезе од неа, ама, ех, не сме ти деца па да се радуваме на што било! Вани не се навредуваше, се вртеше кон друтите, им го пикаше гранчето под нос и им кажуваше дека сега во нашето село се е зелено, питомо и убаво. Им кажуваше и за спрежот, вели, тој се раѓа додека уште има снег, врз белината на снегот ги подава своите златни топчиња. Го слушам неговиот глас и чувствувам како во мене се раѓа нешто дебело и широко од што не можам дури ни да дишам. Е, доста бре Ванче, доста! вреснувам за да си го запрам срцето, да не ми побегне. Тогаш тој дотрчуваше пак крај мене и молчешкум продолжувавме. Јас и Вани не оти сме од едно село, што се вели од еден прдеш на ветрот, туку заедноти сме откако почнавме да пукаме со топови. Јас го тргав чаркот, а тој додаваше гранати. Бувтавме, бувтавме, а сега којзнае каде не носат.. Ги вртам очите надолу, се опулувам во него и откривам дека е уште дете, токму колку што беа долги и гранатите. Ја пикам раката во пазувата, алкам по ребрата, ама никако да си го зграпчам срцето – само едно бам бам бам по неа. Му велам Држи го патот, Ванче, што знаеш каде и уште колку ќе не туркаат! Така и помина денот, нè одмина кај едни висови, под едни мазни плочи што се урнуваа дури од небото, после тупотевме низ ноќта, молкума. И туку одеднаш, таму негде во ноќта плочите избегаа лево и десно, тупотот од чевлите ни оглуве и далеку и високо во темницата видовме како мижуркаат светилки. Прво помисливме дека се ѕвезди, ама не ти биле ѕвезди туку гратче со тесни улички и со камени куќи. Го изврвиме и жива душа не видовме. Отаде градот не изнапикаа во некои камионишта, се стиснавме еден во друт и испозаспавме. Ни сонот не пронајде процепка да се пикне во нас, толку бевме настегани. Утринта, кога наскокавме од камионите, сите бевме слепи од една силна светлина. Небото и земјата беа намачкани со сина боја. Во небото светеше сонце, ама и во земјата светеше сонце. И двете сонца светлината ни ја фрлаа во очите. После откривме дека под небото не е земја туку вода, голема и бескрајна вода. Дека ти сме на море се сетивме кога ги видовме и бродовите. Заслепени и ошумоглавени од големата светлина не ни сетивме како се најдовме во бродовите. Некои се сепнаа, се разбудија, ама беше позно. Оти меѓу нас правите и здравите имаше и другари со по една нога и со по една рака, а имаше другари и со по едно око и со по едно уво, некои беа легнати и на носила, ама имаше и такви на кои им фифнаа главите, иако исцицани во образите и со пожолтена кожичка врз коскулињата, очињата како жарчиња им светкаа во длапките, се вртеа како дамлосани и викаа Браќа, о, браќа, ќе ни ги јадат главите Арнаутиштава, ќе нè истурат во Солун право во Беаз Куле! Уште кога наскокавме од камионите Вани го немаше своето катадневно лице со кое се смееше и се радуваше, сега како да беше испреврзан со пепелава и валкана крпа од што срцето ти се стиснува. Море е ова, му велам, еднаш сум го цапал дури до Францијана, ете, колку да знаеш! ама гледам момчето уште си е со уплав во очите па продолжив Стрико ти Борис со пампур го има цапано, сум ти се качил во Солун а сум ти слегол во Марсеј, така ти се вика едно гратче во Франција, месје! И јас прв пат кога видов толку вода потклекнав малку, ми се одзедоа нозете, сета како да натежна врз мене. Го гледам момчето страничкум оди, во нозете ми се пика, ја крева главата и ми вели Олку вода стрико Борисе, а? Јас ти сум несреќен човек оти татко Туши ме дарувал со копрала и повеќе па мојата глава секогаш е врз сите други и ти гледам сè што се случува, а токму тоа и не чини, ти го гледам и арното и лошото. Затоа ја спуштив својата рака врз главата на Вани, му продумав како татко на син Ти само за мене држи се, ич немај гајле за друго! и му заповедав да си го смени лицето, да си го кладе она со кое му се радува на животот. Му велам Те слушав како им кажуваше на другите за спрежот а лицето и очите ти светеа од нешто убаво, токму како тие златни топчиња врз белиот снег! Ај биди пак таков, послушај го стрика ти Борис! Ме послуша, разбра што му кажував, ама може ли човек туку така да си го менува лицето? Спрежот цвета во рана пролет, првиот топол ветар посолува врз белиот снег безброј жолти топчиња. Јас ти имав заборавено за спрежот. А ти го имав детето на ум не оти бевме од едно село, туку затоа што ги сакам луѓето, децата, најповеќе оние што му се радуваат на животот и што му пеат песна. А Вани, ако не пееше, свир- каше низ едно смешно дупче што го правеше во устата. Таа свирка ја слушав дури и кога бувтаа топовите иако во ушите си пикав секакви нешта за да не оглувам. Право да ви кажам, другите гласови и сега како да ми доаѓаат од под девет веленца. Ете така, ти се најдовме на бродот и прави и здрави и сакати – секакви. Какви што нè имаше и во планината. Горе врз бродот купишта штици, греди – мирисаше на смола и на пресно дрво. Меѓу тие купишта имаше одлупени капаци исечени право во душемето, а ние – низ дупките прудолу, по едни скалиња што не беа ни заковани туку само закачени за нешто – и се најдовме во темничиште. Навистина, овде-онде мижуркаа ламби, ама додека не постојавме малку не можевме да го видиме ни оној до себе. За да не излезе некако поинаку работата јас Ванчето си го кладов под мишка па со сè него по скалилото. Преташе, врескаше, ама мислев дека така сепак е поарно. Арно ама кога го пуштив долу во темничиштето – го загубив. Разбрав оти се налути, па затоа и се потргна од мене. Ако, си реков, не ќе може севезден да ја стиска свирката. А долу да ти биде полно каци со катран и смола, одкрај накрај. Место – ни за стоење ни за легнување. Акавме, штуревме околу каците и видовме не видовме се вративме по скалите горе. Ама немаше каде, морало долу, оти назад на брегот не нè пуштаа, а да простите, оние од назад навалуваа како жедни на извор. Ни дадоа од штиците, ни дадоа крфии и ти се фативме со работа. Прво каците ги наредивме, ги стиснавме една до друга, а врз нив штица до штица, каде стигни удри крфија и ти направивме една полата одкрај накрај. Сега веќе беше поинаку, прво, малку ја затнавме онаа смрдеа од каците, а второ, имаше каде да се спушти раницата и да се прилегне. Знаете, не ми падна тешко ни од качувањето нагоре надолу, ни од носењето на штиците, од редењето – ама ете, овде во градите нешто ме стисна. Катранот навистина сум го собирал низ Кајмакчалан, ама никогаш не сум ти се навикнал на неговата миризма. Чудно, толку пати се качив горе, и долу загледував, ама Вани го немаше. Така и надрабав на Шујде, сме ти фатиле една штица, тој влечи, јас влечи, па кога ми домачни ја кренав на рамо со се него, и туку вика 0 Борисе ти ли си бре човеку? ај пуштиме долу да се поздравиме! и јас бап со сè штица – за влакното не го уљудив. Ја оставивме штицата се потргнавме меѓу купиштата и си направивме муабет. Шујде исто е од моето село, куќата им беше под скрката, оти од нивниот прозорец нагоре почнуваа камењата, смреката и зелениката. Долго не бевме се виделе, дури и не знам колку време, оти ако негде и сме се разминале, или јас сум го тргал чаркот на топот, или тој лежел зад некој камен. На зајдисонце и меѓу оние бели штици ми се виде многу осланет и испепелавен по лицето и косата. Не е право, барем десетина зими му бегав. Толку, а да ви кажам, не знам дали ни рака си подадовме, знам само дека му кажав И Ванчето Јосмов е тука! ама не му кажав дека избега од мене. После – уште носевме штици во мевот на бродот. Кога се беше готово, јас и тој си ги спуштивме раниците и легнавме еден до друг. Така, си велам, и ова се сврши, а право да ви кажам, и убаво ми беше. Над нас имаше една мижуркава светлинка, можев да поиспулам околу што се прави и што се чини, ама стегнато ми беше срцето заради детено. Гледав нагоре, во штиците врз мене, а Шујде прикажуваше што било и што не било со него. Мислам и не го слушав што прикажуваше, оти додека гледав во штиците врз себе ушите ми беа стрежнати како на добиче и ги ловев гласовите и шопкањата што се наближуваа или бегаа од местото каде што бевме. Еднаш го пресеков Шујдета, му велам, иако зборуваше за сосема други работи, А ти на Преспана бегаше? и помина многу време додека тој пак се јави, ама малку како навреден Е, вели, какво бегање! Ако не ни речеа уште ќе го држевме постот! Не му поверував, а и воопшто не ми беше важно дали сакале уште да се борат или и тие како нас бегале со петиците в газ додека не го поминале албанскиот синор. Шујде се поткрена и сигурно сакаше да ми докажува нешто, ама до мене допре свирката на Вани, доаѓаше од другата страна на полатата, и веќе знаев дека тој шета меѓу луѓето и ме бара, свирката беше се погласна и поблиска. Не знам зошто, ама јас скокнав и така седејќи го грабнав Шујде, го стиснав во прегратката велејќи му Ако, Гонче, ако, биди среќен што сме живи, радувај се, така да знаеш, тоа ти го вели стрико ти Борис! Сигурно се преплаши, почна да прета во мојот заграб, а можеби и навистина малку посилно сум го стиснал. После и тој се израдува, мислам беше среќен што го прегрнав иако помина време откако се видовме и – простете, ама не знам што се случуваше после, што ми зборуваше, што јас му зборував, и едно време туку ме плесна Шујде со својот глас право по лице, рече Се слуша ќе нè врателе одоколу, од кај Пелопонез или од таму некаде... за да го удриме од кај газот!... Мислам за миг се сепнав, ги овргалив очите во него, ама нималку не ме изненади човекот, оти мене сеедно ми беше каде нè носат и зошто нè носат. Токму тогаш сакав да му кажам дека Вани побегна од мене зашто се навреди оти по скалите удолу го симнав носејќи го под мишка, така да знаеш, саќав да му речам. Свирката на Вани секна токму врз нас и кога малку ги подзавртив очите тој стоеше со наведната глава. Јас му го истргав торбулето од рацете и му направив место меѓу мене и Шујде. После Вани и Шујде се вклештија во преграб испуштајќи некои гласови. Мене ми беше убаво во душата, си ја спуштив главата врз раницата и сакав да викнам колку што ме држи глас, како што правев понекогаш во планината. Е те така, ми ти влеговме во бродот, го наредивме како гостинска одаја и се испотркалавме кој каде најде и како најде. Ние тројцата, Вани, Шујде и јас сме ти фатиле едно брложе под едно отворче, до самите ребра на пампурот и цело време слушавме едно плас плус. Првин, да ви кажам, ништо не слушавме, оти како легнавме така и заспавме. Јас да ти се смалам колку едно топувче и да ти се најдам во едно цедило врзано за две цреши, летам наваму, натаму и слушам едно нани нани мајкино и онакво какво што ти бев малечко, дури помалчеко од зрно просо, и исповиено со пелени, се поткревам ама никој нигде и сум ти се превртел од цедилото и џенем удолу. Ме разбуди Вани, се потсмали кога сум ти ги овргалил очите во него, и го прашувам Ти ли ме фати? Додека кажуваше како сакал да ме ослободи од некаков сон, јас пак заспав. Не знам колку сум спиел, ама кога седнав и кога си ги истрив очите Вани ми рече дека поминале две ноќи. Не му поверував, мислев дека се шегува детето. Шујде не се замеша, седеше и молчеше. Ама горе долу толку се фати. Гладта сите нè крена на нозе. Се разлазавме и се развревивме како улиште пред роење, кој по едно, кој по друго, и кога се вративме во брлозите сите бевме чисти и празни. И ги бркнавме рацете во ранците, измолкнавме она што имавме и сечејќи со ножињата, натамина пикавме во устите. Значи работите вака стојат – тројца наши си сме, и заедно со сите други нè носат некаде. Затоа и ти сме го слушале она плас плус, оти пампурот цапаше по вода. Горе во дупчето беше ден ама се немаше како да се стигне дотаму. Некое чудно спокојство ме исполнуваше и ниеднаш не се фатив како се прашувам каде нè носат. Знаев дека некои други мислат за нас и немаше зошто да си ја кршам главата. Сигурно ќе нè однесат негде каде што сме потребни! Ми дојдоа на ум лафовите на Шујде дека нè носеле на Пелопонез за од кај газот да ги боцнеме. Сиџимка ни е работата штом нè носат одоколу. Поиспулив околу, велам да видам што вртат другите во очите, а очите никому да ги видиш, секој се наведнал врз ранецот и гнети. Па нека, си реков, што ќе биде ќе биде. Навистина, оружјето ни го собраа, ама ние пак сме си војска. Не нè соблекоа, не ни ги зедоа ни чевлите ни раниците. Еден ден, кој ќе ти знае кој ден, ги растргнаа каците што беа наредени околу дупката низ која се спуштавме, и се појавија двајца, рекоа дека се од командата. Едниот се качи врз една каца за да биде повисоко од нас, а друтиот остана крај кацата. Оној врз кацата долго нè гледаше, а после и долго зборуваше. Не ти ги умам сите лафови што ни ги изнакажа, ама бараше од нас да бидеме цврсти и храбри, вели како што се боревте на Вичо и на Грамос, такви да си останете, ако сме пикнати овде, инаку, вели, не се може, ама ќе истраеме, заедно ќе истраеме, Грција нè чека со поголем жар да се фрлиме и да ги ослободиме нашите татковци и нашите мајки, нашите браќа и нашите сестри што се однесени на островите! Долго стоеше врз кацата, мавташе со рацете, жилите на вратот му се бабреа и кога сакаше да скокне од кацата долу ни те насмеа до пукнувачка, оти додека стоел врз кацата под нозете да ти се растопи катранот и да ти му се залепат скорните. После неколкумина се мачеа да го одлепат, и го одлепија, па посрамен си замина. Ама оној што стоеше крај кацата не си замина, некому нешто шепна, после видовме донесоа две штици, ги наместија врз кацата и тој се качи врз штиците. Дури тогаш го познав, тоа беше она офицерче што нè прескокнуваше во Албанија додека се печевме по присојни места. Педја, извика, ние, вели, заборавивме дека сме народна војска! Штом не ни е оружјето на рамо стануваме (бараше збор, а и го најде)... мочковци! Вака, вели, не се може потаму, запаметете, тоа ви го вели поручникот Ставропулос! Не ни даде да издишиме песот, а не да гргнеме во смев, измолкна едно свирче, го пикна во устата и свирна. Слушнавте сите, нели? праша, е, вели, кога ќе слушнете едно свирче значи дека треба да се упражнува вежбата број еден и тоа на местото каде што ќе се најдете! Така и почнаа тие работи. Ставропулос беше дробно човече, како Ванчето мој, ама не чув некој да му рече да не јади лајна, како во Албанија. Вежбата број еден сме ти ја правеле и во планината, ама таму беше друго, прелог некој или меѓу дрвја, а во бродов е тесно, топло и задушно. Ама ти послушавме, а и што можевме друго па тој прр пррр пррр а ние клекни стани клекни стани, сврти се налево, сврти се на- десно, рацете на слабини па напред назад, или виј се од половината нагоре, или само вратот, ете така, тој прр прр прр а ние по него како прлиња. И папсаа луѓето, го изголтавме воздухот, алиштата од пот ни се залепија за снагите и – виде не виде свирката ја издолжи и запре. Утре ќе ви кажам друг марифет, рече и чинам направо од кацата се измолкна низ дупката угоре. Некои луѓе пак ги ставија каците една крај друга и една врз друга и ја затворија дупката од каде дотечуваше воздух. Другата вежба беше од две свирнувања, а ние скокавме како да бевме жегнувани по слабини, тупкавме со нозете во место додека таму кај дупката не се направеше ред а после боднувавме околу по полатата, тој прр прр ние така так така так, како сопнати коњчиња што учат раван, еднаш, три пати, или кој ти знае колку, додека не почневме да се откачуваме од синџирот, кој како ќе папсаше така и пласнуваше. Тој мајчиниот свиркаше додека и последниот не се издолжеше, после само ќе вреснеше Браво педја! и ќе се загубеше во дупката. Секое утро ни свиркаше, ние – ај, уј, ни живнаа малку дамарите, сила ни се врати и во рацете и во нозете, ама воздух никако да се надишиме. По страните имаше многу дупки, низ нив понекогаш морето ни ги прскаше жешките снаги, ама претчувствувавме дека ни Ставропулос не ќе може да нè додржи со своето свирче. Храна имавме, одвреме навреме и некои морнарчиња слегуваа долу и не нудеа со врел чај, ама кому му беше до чај кога чинам се печевме во горена фурна, туку овој обиди го, оној сркни, рекоа убав е и освежува па почнавме сите да го пиеме. Во тоа време, а кој ќе ти знае кое време беше, пак се појави оној првиот што се залепи за кацата, и стоејќи крај неа проговори тешко и загрижено, рече Агонисти, педја, нашата патрида стенка под фашистите, а ние сега ќе поминуваме низ нив, чујте ме добро, останете кој каде е, легнете и свртете се со муцките кон штиците за да не се чуе ни вашето дишење! Ете таква била работата! Ги огрваливме очите ама и го послушавме, оти тој рече Околу дупката ќе се наредат два реда каци ако некој призне да не може да види ништо, така! и по скалето го снема во онаа волшебна светлина. После слегоа морнарчиња, оние што ни носеа чај, Руси да ти биле ама ние не знаевме, ги наредија каците со катран во два реда, скоро до дупката, и останавме само со стравот. Вани се притисна во мене, од нешто сакаше да се скрие, ама може ли човек да побегне од стравот? Не знам колку ти останавме така легнати со муцките и носовите во смрдеата на катранот. Плас плус чинеа брановите однадвор, плас плус чинеше стравот во нас. Оти ако се исполазат фашистите на пампуров и ако признат зад кациве – го обравме бостанот! Горе еднаш или двапати свирнаа, некое брзо пампурче пробуче и се залепи однадвор, шуш муш и на тоа се сврши. Само да ја одзатнат онаа дупка па што сака нека биде! Оти Вани мој фучи низ процепите на штиците и полека зајдува. Шујде ниеднаш не се сврте кон нас. Нејсене, сме ти го изврвиле опасното и ја одзатнаа дупката. Го црпнав Вани и прескокнувајќи ги оние што сè уште лежеа, го однесов под дупката. Сурнаа и другите и не би час па сами го затнавме поточето воздух. Ама свирката на Ставропулос направи ред, нареди слабите и ранетите да се изнесат горе, а другите после. Така и ми се здаде да се најдам горе со Вани, пак си го кладов под мишка и се искачивме, ама овој пат не клоцаше и не викаше. Се испикавме меѓу купиштата штици и греди и легнавме на жешкото сонце. Колкава убавина, како фуска да плуснеш од толку воздух! До каде око досега – вода, над водата чиниш пак вода и големо жолто сонце. Гледај, му велам на Вани а тој не може да се испули од толку светлина. Полека си доаѓаше на себе и едно време туку свирна низ тоа негово смешно дупче во устата. Тогаш знаев дека можеме да се вратиме долу, а и нè спотераа, рекоа другите нека се качат горе, па така се спуштивме низ дупката и си појдовме на нашиот брлог. Што има горе, праша Шујде, а јас му велам Сам ќе видиш, сега на тебе е ред. Вели арно ми е мене, други нека се качат, јас можам да издржам, и не појде горе. Не знам што го имаше стиснато што не отиде да види сонце и море, ама јас не сакав да си ја матам главата уште и со неговата мака, легнавме со Вани и гледавме во штиците врз нас. Јас така и сум ти заспал. Свирчето на Ставропулос и нашето излегување горе, го направија своето – освен за леб, вода и воздух, почнавме и за други нешта да размислуваме. Сами си клаваме земја на хоризонтот и ја населуваме со жени, ама освен некое гргорење низ душата ништо друго не можевме да почувствуваме. Чинам го слушавме само нивното смеење, смеењето на жените, ама никако да им видиме лице или нешто друго. Така си е кога го гледаш рајот таму каде што го нема! Некои тоа ги враќаше дома, кај жените и кај дечињата. Чинеа испружи се колку што се долги, замижуваа и како да исчезнуваа. Јас немав таква среќа, мојата Марија ми остави три чупиња и си замина кога се обиде машко да ми роди, двајцата избегаа, ама оттаму каде што избегаа никој не може да се врати. Јас шетав горе од куп на куп, од штица на штица, од греда на греда, се обидував преку туѓи очи и јас да избегам негде, ама сите се вардеа да си останат сами во таа измама. Шујде си облече друго кошулче преку снагата, преку лицето, преку среброто на косата, ја раздува пепелта од очите и откри искри. Идеше по нас, по мене и по Вани, јазикот беспрекин му мелеше, како дете се радуваше кога ќе ја чуеше свирката на Вани, исто како што се радував и јас. Чиневме спружи се врз некои штици само по гаќи и додека сонцето нè вапцуваше, ја слушавме свирката на Вани која бегаше уго- ре во небото, а ние како да се кревавме по неа, додека не ни избегаше, многу горе или во сонот. Свирката на Вани и други привлекуваше, сите молкнуваа кога ќе почнеше да ја плете. Не знам како им се пикаше таа свирка и што им правеше на луѓето, ама мене ме поткреваше, ме вишеше, ми покажуваше нешто горе во празното, чинев ете сега некој мил и познат ќе видам, нешто убаво ќе ми се случи – ама секогаш ми побегнуваше, не можев да иж го досегнам врвот. Многу пати се на- топорив да го опитам зошто ми бега неговата свирка, кога знае толку убаво да свири сигурно знае и зошто им бега на другите? Ниеднаш не го опитав, велев ако, може не е време сам да признам во свирката. Вани еднаш свирката ја престори во песна, долу додека лежевме стиснати еден крај друг, затрепери над нашите глави и чинам прво како да не беа зборови, молкума сите застрежија со ушите плашејќи се да не пропуштат нешто, да ми простите, сите од ред, и Ендопи и Грци и Власи и Маџири, ама кога песната почна да кажува за Кулиман војвода што излегол да рашета кронцелски и саракински синор, тогаш, додека Вани велеше Ја стоите бре геги Арнаути, ја да видиме бре чиј седби пасите! во другиот дел на полатата се крена грчка песна, некоја смешна и срамотна, ја прифатија многумина, речиси сите, гракаа, пискаа, врескаа, плускаа со прстите ама не можеа да го заполтат Кулимана. Вани го крена уште повисоко, го протурка дури низ процепите на палубата, го извиши во ноќта. Грчиштана кога видоа дека со глас не ќе можат да се мерат со Вани, затупотија со нозе, вреснаа со муцки и почнаа да се собираат околу нас. Тогаш Шујде го залепи својот глас до Ваневиот, и јас нададов вик, ама мирно, спокојно, како да сме сами, и кога мислевме дека сета работа може и лошо да заврши, чувме и други гласови како се креваат од толпата Кулиман војвода малихерка ми симна! Грчиштана примолкнаа, се чудеа и се вртеа – само немаше ништо за чудење, ние заедно тераме една борба и кога можеме ние грчки со нив зошто да не можат и тие со нас ендопски? Никифор да простите, беше Грк од Кожани, ама дојде пред Вани и од срце му плескаше. Заплескаа и други, заплескаа сите, па така молкнавме, го излачивме гласот на Вани и се свртивме во себе молкума да му се восхитуваме. Бурата што сакаше внатре да бувне надвор никој не можеше да ја скроти. Ветрови плускаа од поодамна, а сега црпаа од морето и фрлаа врз бродот и го меткаа како да беше од книга. Секна секаква песна, секаков муабет, сите молкнавме и се вслушувавме. Почнаа да се подместуваат каците под нас, штиците скрцкаа, се стискаа или се оддалечуваа, се креваа или се кршеа, се ведневме на една или на друга страна и како ќе се се наведневме така низ дупките за ветреење џур- нуваше вода. Негде околу полноќ ветровите поминаа или бродот излезе од нив, не знам, само фати една мајна и се појави месечина. Околу нас имаше што да се види: штици раздробени, каци испревртени, некој од нас искасапен од штиците, друг вклештен меѓу каците, трети со испарани алишта и голи, како да бувнала бомба среде нас. За среќа, јас ти поминав само со една засечотина по лицето и ја носам до ден денешен, Вани ги најде само гаќите испарани, а Шујде го извлековме од меѓу каците намачкан со фаши катран. Сакатите и повредените ги извлековме горе, а ние здравите и Русиштана ги запрегнавме ракавите и пак ја направивме полатата каква што си беше. Кога се сврши сета работа, молчејќи и со болка во срцата, со штица спуштивме неколку другари во темната вода – нив си ги зеде морето како ак за скришното минување. Си се вративме долу, си ги најдовме брлозите и квакнавме. Што нè чека уште? Што, кој ти знае што, ама сме ти ја завртиле цела Грција, сè само по море, пикнати под штици како глувци, за срамови, и ај да нè истовареа на Пелопонез па да ти ги заберевме одоздола и да ги напикавме во мајчина им, ама ни те вртеле уште понадолу, дури под Крит, по Егејското Море и право на Дарданелите да ти излеземе. Ние не знаевме ништо, а ништо и не ни кажуваа, само ни свиркаа колку да не се залепиме за штиците, ни прикажуваа дека ние сме тие што треба да иж ја донесеме слободата на Патридата, ни велеа да ги креваме рацете горе, долу лево десно, да трчаме со нозете на едно место, дека не чекал долг пат, требало да ја сочуваме снагата и во нозете и во раците. Ни велеа уште да не заборавиме дека островите во Егејското Море се полни со наши татковци и наши браќа и наши мајки и наши сестри, ги мачеле кутрите како што не можеме и да помислиме, ама тие не потклекнуваат, велеа, не ја спуштаат главата, не ги затвораат очите, така да знаете, имајте го тоа на ум! Оружјето пак нè чека, велеа, и пушки, и шмајзери и митролези и топови и базуки и што ти уште не ама само треба да стигнеме до него. Ние веруваме дека е така сигурно ни го зедоа оружјето дека е опасно со него да нè пренесуваат. Ама кога ти сме рацапале по Дарданелите, па по она Мраморно Море, и кога сме ти влегле во портите на Босфор, ни заповедаа да се залепиме за штиците и да не дишиме ако треба, а не некој таму да си дозволи да прдне, се знае што го чека после. Не знаевме кај сме. Низ дупките по страните се ѕиркаше ден, а ние со носовите и со муцките во катранот! Писката на бродот се јави еднаш, два пати, три пати! Три пати значеше крајна опасност. Околу бродот заврте некое прпало, па после горе се искачија некои луѓе и зборуваа со руските морнари, ама освен што се слушаше дека по некој тешко проговорува руски, јасно и гласно чувме дека се зборува и турски. Е мајката, види пак сега! Ванчето си ја стискаше муцката во торбата, може не разбра, ама Шујде ја крена главата, а и јас се свртев кон него, па така ни се сретнаа очите. Ништо не си кажавме – и пак се разбравме. И се чу како го одлупуваат капакот на дупката и двајца или тројца слегоа по скалите, па се чу еден глас Вот что здес! а друг на турски вели Катран, смола... Чат пат знам по некоја турска колку за белја, и си велам сега ќе ги потргнат каците. А не ги потргнаа, удираа со нешто по нив, се врткаа вамутаму и пак се искачија горе. Верувам многумина се прашуваа од каде сега пак овие Турчишта, зар можеле дури на турската граница да нè фрлат? Бродот шлапаничкум продолжи по водата, а кога писката се јави само еднаш ние веќе знаевме дека не е опасно. Ги кренавме муцките, се вртевме еден кон друг, ама никој ништо – како да имавме затки во грлата. Ете така се сврши таа работа. Оти после ги тргнаа каците, слезе Ставропулос и оној другиот, ама Ставропулос не отвори муцка. Другиот со светнати очи зборуваше, велеше Завршија нашите маки, другари, сега сите можеме да се качиме горе и да дишиме воздух! Пред малку го поминавме Босфорот и сега сме во Црното Море! Се сврте кон Ставропулос, ги набра веѓите и го фрасна со тежок опул. Ставропулос ги крена рамењата и прв појде угоре. Се измолзгаа по дупката и ги загубивме од пред очи. Нагрваливме на дупката и за малку што не се испотепавме. Човекот понекогаш заборава дека е човек, штом некој ти седне на мислата како да ослепуваш на видело. Така се најдовме горе врз бродот, се изнакачивме на купиштата штици, се изнаобесивме по сите сиџимки и синџирчиња и зејнавме во морето. А да простите, тоа не беше црно како што ни рече човекот, туку сино и темно како и другите големи води. Алкајќи така по брановите се завртивме назад и таму видовме земја и планини и сфативме дека не се приближуваме кон земјата туку бегавме од неа. Тоа да ти биде Турција пустињата, а Грција да ти биде преку неа. Ами каде нè носат штом Грција остана зад Турција? Ете така, цапајќи по Црното Море сфативме дека црно ни било пишано. Бре мајката, арно ни се стори, кога не бевме од мајка родени и не се истопоривме уште кај Арнаутиштана, кога не кренавме рака и не рековме Е, ние понатаму не одиме, или назад да се биеме или сега ќе ви ја дериме кожлинката, така да знаете мајчини! Ама таму се преправивме нетокму, е, и како такви нè натуркаа во овие пампурчиња! Што дека сега зееме назад? Ете, ја нема ни земјата на Турчинот, ја прекри ова црно море и ни го остави само небото. А небото, да простите, поцрно од водата, набабрено од едни облачишта од кои косата ти се крева. Така се најдовме во уште една бура. Овојпат не слеговме во потпалубата кај каците, си останавме меѓу купиштата штици и секој се држеше за нешто да не го однесе ветрот или водата. Држи се за мојот ремен Ванче, му викам на Вани, јас имам цапано по такви грамади од вода, ич да не ми се плашиш!, го храбрев а тој се запи за мене како крлеж. Се плашев да не го откине, да не го однесе и држејќи се со едната рака, со другата успеав да го препашам со мојот ремен, го залепив за мојата снага и после бев спокоен. Мене бурата ми причини најголема радост. Облаците се туцкаа над нас, грмеа, светкаа, одоздола како да се издупчија и ја измочаа сета вода што ја носеа во себе, а ние стоевме над бродот, впиени во товарот како дел од него. Никогаш толку вода не се прелило преку мене, а и преку другите, чинам ни ја изми сета гнасотија и онаа врз нас и онаа во нас, и кога се раскинаа облаците, и кога нè плисна сонцето, бевме како од мајка родени. Ми текна и за Шујде, си реков тој е друго, нему сигурно не му требало врзување, и откако го от- пашав Ванчето од себе, појдовме да го бараме. И другите се пребаруваа, се довикуваа. Го најдовме кај газот, на голото, се беше испрепашал со некоја ортома, таа набабрила и го стиснала, преташе и се обидуваше да се отпетла. Гргнавме во смеа, му велиме Е, кроце, де! и почнавме да го одмотуваме, само гледам неубаво му е на човекот, како да сме го фатиле во зијан. Добро си сторил, му велам колку да го ослободам, оти сега ќе те носеа рибите накај турсконо, така да знаеш! И толку му требаше, ги покажа забите, а успеавме и да го одврзиме. После го слушнавме свирчето на Ставропулос, нè викаше на средината на бродот, таму кај што беше најчисто, и ние како искапени овци сме ти се собрале пред него. Апансас нè плесна, вели, сега да се преброиме! Број, број – некој туку расипи ја работата, па пак од почеток, и така неколку пати, додека Ставропулос не се откажа од таа работа. Ете така, не успеавме да изброиме колку нè немаше. Сигурно работата ја оставија за на суво, оти не ќе цапаме довека по овие црни води! И ние самите знаевме дека поарно е ако има некаков ред оти долу секој си имаше брлог и знаевме што треба да правиме ако ја чуеме свирката на Ставропулос. Уште, долу бевме под еден опул, а ваму нè криеја штиците и гредите. Еднаш еве ти го Ставропулос, ама со уште двајца. Едниот беше оној што се залепи за кацата, ама другиот прв пат ни беше пред очи. Се нагнетивме меѓу две купишта штици – тие се истопорија каршија, каде што го гледавме капетанот на бродот. Таму беше повисоко и заградено со железа. Е, оттаму ни се завртија, лаеја по ред, ама да простите ништо не ставив во ум оти меѓу нив го ѕиркав морето, мирно и спокојно, како некое живинче што те пушта да му стапкаш по меката снага. Дури не видов ни кога си отидоа, кога сосема ми го отскрија морето. Другите кажуваа што чуле. После само за тоа се зборуваше. Кажале дека сме во црвена Русија, во земјата на другарот Сталин, а ова ти било негово море оти ги плискало бреговите на неговата земја Грузија, така велеле, и уште додале дека да си имаме на ум за тоа дека овде сме за малку, колку да сме здивнале. Што дека не ги слушав додека лаеја, не можев да го слушнам Вани, а и Шујде чинам сето тоа со рацете ми го пикаше во главата. А јас, да ви кажам, не се возбудив многу, оти зошто сам да си ја толчам главата за некои нешта што секој ден ќе ми бидат пикани под нос заедно со лебот и водата? Ако сакате да бидам сосема искрен, нешто друго ми ја матеше главата, она што се случи во мешето на бродот додека Ванче ја пееше песната за Кулиман војвода. Ние цел живот сме ти слушале како зборуваат грчки и како пеат грчки, и самите не сме ти можеле ни да лафиме ни да пееме по нашински пред Грците. Ова ти е бре народна војска, комунистичка војска, па што ако Вани си запее како што слушал од дедо му? Навистина, Кулиман беше наш војвода, уште како дете за една торба крадени костени отепал турски падар и после пораснал со комитетлиите ама умот не му пораснал, по Уриетот ја скрил пушката за да ги пљачкосува своите селани. Ама дека бил јунак, бил, отепал и некои Геги горе во седбите селски и затоа народот му ја испеал песната. Кога слушам како Вани ја пее, иако знам што вошка бил, чинам градите ќе ми препукнат. И да речеме дека не знаат овие наши Грчиња што се пее во неа, е, нека повелат нека опитат, ќе им кажеме а не да тупотат со нозете и да плускаат со прстите! Му се опулувам на Вани и му велам А кажа ли нешто за нас? Тој трепка со очињата и се чуди Како, вели, што да кажам за нас? и не можејќи да погоди на што мислам, се сврте кон Шујде, ама Шујде имаше легнато на две штици и го ловеше сонцето со својот влакнест мев. Тој не му одговори на детето. И јас премолчев. Пред да го изврвиме морето ни се случија некои работи што не им се случуваат често на војници. Руснаците да ти бидат добри луѓе, по нашите муцки ми ти познавале дека ни е тешко и една ноќ со полна месечина не собраа пред она заградено место, ни рекоа да испоседнеме, се разбира, кој каде и како може, а самите тие седнаа на тоа високото. Свиреа на дувалка, па на некоја дрмалка, па пееја и играа, клекни ста- ни клекни стани чинеа, подвреснуваа, плускаа со рацете, и господи прости ми, ама на сите ни ги наполнија срцата. Си ги искршивме рацете од плескање, и Грци и Македонци. Русите викнаа и наши, се слушна и песна за Елада, ја пееја петмина пред сите нас, ама тие бараа уште некој, довикнуваа Где маленкиј... где маленкиј!... и мене ми текна за Вани и го натуркав сосила. Додека се качуваше кај нив викаа Вот он... вот он!.. Од тоа што ми стрежеше душата некој да не ја расипе работата не ни чув што песна испеа, се сепнав дури кога сите му заплескаа. Си реков ете така браќа Грци, така ве сакам! Којзнае, можеби и сум сонил за она под палубата и за песната за Кулиман. Ете така, таа ноќ како слепи се симнавме долу и се плеснавме секој на своето место. За спиење слегувавме долу, врз каците. Другите денови грееше силно и жешко сонце. Врз бродот измолкнаа пумпа, некоја крцавалка, двајца напред и двајца назад, па едниот горе а другиот долу, па другите горе а првите долу, и со едни големи цревишта смукаа вода од морето и ја качуваа на бродот, ја течеа од едно издупчено место. Ние се редевме и се триевме со едно сапуниште што малку засмрдуваше на катран. Велеа тоа било убаво оти симнувало секакви гнасотии што ни останале по кожата. После лежевме кој каде ќе најдеше и се печевме. Само брзо го рацапавме Црното Море. Ноќ да се погоди и не видовме како и се наближавме на земјата. Нè разбудија, ни рекоа да си ги земиме пљачките и се наврвивме по скалилото горе. Не плеснаа илјада светилки по очи, не ни гледавме каде шлапкаме и по кого, само се стискавме да не го раскинеме редот. Гледав детето Вани да не го загубам од пред очи, за друго не ми беше грижа. А Шујде по нас – како слеп за стап. Чудно ти е тоа – голем, израстен маж, што се вели со пепел врз косата, а ваму чевелот постојано ти го гази! Којзнае, може го уплашиле водјето што ги поминавме! А ако сакате да знаете и мене не ми беше сеедно иако ја имам поминато целана Европа, оти кога Германецот стапна во Франција мене ме најдоа како орам на нива па ни пет ни шест ме истопорија пред цевките на пушките. Сум ти имал ѕвезда на чело оти под мене беше еден трап и јас по него, ете така, а после од трено на трено се најдов во Берлин, во бугарската амбасада. Нели Грците ни велеа Бре палјо вулгаро! па така ти се кажав јас сум тој и тој од таму и таму и ако може да си одам до дома во ова матно време е, сполај му на Бугаринот што ми даде едно книжуле. Со него си дојдов дури дома, во селото. Ете така, ама сега пак ми стрежи душата, чинам јагне нелупено сум проголтал, оти што дека сме во црвена земја, кој ти знае какви патила нè чекаат. Ако Гонче, ако, само гледај да не ми ги собуеш чевлите, си велев во себе и гледав да не заостанам зад оној пред мене. Далеку не нè однесоа, блиску ти имало сташон и азар вагони, да простите, големи, чисти, со столови на кои можеше и да се легне, а озгора и една силна светлина. Не седнаа по еден на стол, ни рекоа дека можеме и да спиеме ако сакаме, а после ни донесоа јадење: чај, риби, месо, леб, млеко, млекото, да простите, не беше козјо, поинаку мирисаше, само сепак го испивме. Некои останаа на прозорците, им се радуваа на жените и на децата што стоеја на сташонот, ама сонот мене ми се имаше товарено уште од бродот и не сакав да го нападам. Така и не видов имаше немаше град оти кога се разбудив веќе беше ден и цапавме преку една планина. Така сме ти задрабале во руска земја. Кој како ќе се разбудеше се обесуваше на пенџерињата и чинеше зејни, и уште убаво не си испулил што има пред тебе, веќе си на друго место. Тоа тренчето да ти биде брзо како куршум, нè меткаше де во некое долинче, де низ некои дупки, нè симнуваше, нè качуваше и не нè оставаше да се доначудиме а камоли малку да си ги удриме латвиците.. Едни Грчиња на другата пенџера цацкаа со јазиците Бре бре мајко панагија и ова ти била земја како нашата! Сигурно човекот очекувал црвена земја, црвени дрвја, црвени камења! Хе, ми шумна, а прво удривме на Црно Море! Хи хи хи се засмеав гласно па сите се завртија кон мене, оти никој ништо не рече, глас не се чу, а јас како нетокму, да простите. Вели како нашата, мај- ко панагија! Како нашата ами каква, земјата секаде си е земја, каменот камен, дрвото дрво, само земјата и каменот и дрвото ние луѓето ги делиме и ги вапсуваме како што сакаме кој што црпнал и на што седнал вели ова е мое, ете така ми вели мојот прост ум, ама ми ти има лакоми, го сакаат и она што е под другиот! Е, мајчини, не може така! Гледам ми стежнува во умот, си велам ова не е за мене, и пак си ставив четири очи во главата. Друг пат сигурно не ќе поминувам од тука, а треба да им се прикажува на внуци, ќе речат си бил во црвена Русија а не си видел дали навистина дрвјата беа црвени. Она Грчето има право, камењата, да простите, исто како нашите – се повеќе црвеникави и беликави, како од скрката врз племјето, и голо, да простите, како газот на Грцијана – овде- онде по некоја дрмка. Не знам што ни станало, ама сме се пласнале во оние креветчиња и ништо не можело да нè крене и да нè напика во пенџерињата, се како да се угаснало во нас, да ни останат само искри колку да не истлееме. Што било, многу, многу, сме ти испозаспале сите, сме ти се престориле глуви камења. Поминале доктурите, нè пулеле, нè штуреле – ама без фајде. Велеле здрави се, прави, ама... не узнале ни тие завајлиите што е со нас. За тоа време вовчето пуфкало пуфкало и испуфкало преку Кавказ, ама не не симнале во Баку, туку не џитнале на некое малечко шташонче и чекале да видат што ќе е со нас – сме ли за товарење на брод или?... Се разбудиле чат-пат, еден од нив и Вани мој, го ѕиркале од ходничето, а тој се протегнал, го отворил пенџерето и гледа – стоиме, а пусто околу, никој нигде. Ми се уплашило момчето и фатило да не дрмоли. Скокни овој, скокни оној – така сме се разбудиле сите. Гледаме надвор, по ходничињата, луѓе во бело, чудно нè гледаат и чудно ни се забат. Велат Что било? Что случилос?... А, со нас? прашуваме, е ништо, спиевме им велиме, а тие со прсти ни лафат, ни ги топорат пред очи, два прста, три прста, си рековме не се токму луѓево па ги оставивме. Наскокавме од возот и кој каде скокна почна да се витка, да се тегни, после некој негде нашол железна рачка која кога ќе се потргнеше надолу одозгора се истураше цела река вода. Натрчавме таму и сме ти се накиснале до коски. Така сосема се разбудивме. Се вративме назад, на сташонот, поиспуливме што, како – ни се виде како оставено. После доктурите шеткаа меѓу нас, не чепкаа, велеа Ви здарови... Так... испугалис... Се смееја меѓу себе, си шушкаа, еден влезе во сташонот и не би час по нас дојдоа камиони. Прво не наредија, не напоија и кога сосема се исушивме од водата се изнапикавме во камионите и тргнавме преку еден рид, а кога таму, од другата страна – град завиен во чад и зад него голема вода. Е, си рековме, ќе нè враќаат назад како што гледаме. Ама водата не ти била Црното Море. Друго море да ти било тоа а градот да ти се викал Баку, само ние не сме ти го знаеле тоа. Додека нè префрлија пак на брод, ама овој пат бел и чист и со штици за седење, им се чудевме на едно чудо клупи што се креваа од самата вода нагоре. Нејсене, пак сме на пампур и овој околу е изограден за да не се откачи некој во водата. Ништо не се случи кога го рацапавме ова море. Луѓето се бесеа по синџирите околу и гледаа во темните води. И ние сме ти се обесиле, Шујде, Вани и јас, гледаме сите нешто ѕиркаат нешто удолу па си рековме и ние да видиме што е тоа. Ништо не видовме. А, ќе пливнеше по некоја риба, ќе се кренеше врз водата, ќе светнеше како да е од сребро и – пак ништо. Ама убаво да ми ти биде и тоа огледувањето во водата – пулиш пулиш, ништо не видуваш ама пак како да гледаш којзнае што, и чувствуваш како нешто ти лази во градите, нешто ти ја дуе душата, ти станува мило, убаво, и посакуваш да прснеш по пампурот и од ред да ги избакниш сите. На Вани кога му се наполнија градите викна да пее, да ми простите не знам која песна ја пееше, само он ја пееше по нашински, а Грците по грчки – една песна ќе да беше. Тоа кучето Ставропулос беше добро дете, сега сите ја паметевме не- говата свирка. Еден два еден два, налево, надесно, долу, горе, – без тоа не ќе можевме на нозе да си стоиме. Сега не нè чепна, не ни свирна, го немаше песот, а убаво ќе беше да ја свиркаше вежбата број еден, којзнае каде беше напикан. Уште кога нè качија на тренчето го загубивме од очи. Сигурно негде ја трае својата болка – право да ви кажам, сите ние си имавме по едно грутче. Колку сме далеку од дома? ме праша Вани а јас ни пет ни шест Ич не сме далеку, така да знаеш! На Вани не му се виде токму тоа што му кажав, ама не сакаше да се срамува. И Шујде ме чу, а чу и што ме праша пезевенкот, само се преправи недоветен, не се ни заврте кон нас. Ама знаев дека нешто си запиша во умот, видов како му затрепери пепелта врз главата. Е, да ме отепате сега не можам да се сетам колку сме ти цапале по Каспиското, сигурно не било ни толку важно штом не си фатило место во умов, а за срамои, не паметам ни каде и како не растоварија, ни што сторија со нас, едноставно, во себе гледам едно утро што распукува како црвена лубеница. Тоа беше во друг воз, и не знаев ни која, ни чија е таа земја што ја врвиме. Нигде планинка, нигде шума, нигде поле, нигде камен, нигде куќа, нигде човек, нигде птица – само песок бел и светкав, назад, напред, од едната, од другата страна. Само горе немаше песок. Горе стоеше срчата на небото, а сонцето само што почнало да се одлепува од песокта. Другите спиеја, сите спиеја, и кај нас и во другите вагони, на ниеден џам немаше човек па бргу–бргу нададов вик и сите ги разбудив. Никифор спиеше врз мене во горната камара, сурна како без душа, ми окара мајка на грчки, вели Нож на грло ли ти ставија? По него Вани скокна, прсна низ врата надвор, ама навреме го црпнав и го залепив за џамот. Врз него се залепи Никифор, а потоа и Шујде не си остана во легалото, и тој ја нагнети главата меѓу нашите. Гледаа, гледаа, чекаа некоја промена, да протрча куќа или човек, дрво или птица – ништо. Дури ни сонцето не можеше да се одлепи од песокот. Се вратија назад во леглата и молчеа. Шујде, песот, не дотраа, вели Ич не сме далеку од дома, а? А кај ти сме сега? Зар и ова ти е Русија? И оваа песок е црвена земја? Ајде, кажувај кога толку многу знаеш! Јас не се тргнав од џамот, не се уплашив од песокот, сеедно ми беше чија е оваа земја и дали воопшто е земја. Толку убава и лична ми се виде што очите не можев да ги отчепам. Таква земја имало кај Александрија прикажуваа старите, и до кај била арапска земја се таква земја било, ама тоа воопшто не е важно, им велев, зар што е песок околу сме си далеку од дома? Никој не ми одговори, дури ни Шујде. Може разбра што сакав да кажам. Нашите стари ти врвеле во Америка, а тоа велат е накрај свет, ама сите пак си ја намирисале дирата и се вратиле дома. Е, зар време е сега за такви нешта, пулите да се напулиме на оваа убавина! Тоа било пустина, од Касписконо се до каде што не растоварија. Мислев ете сега ќе сврши, ќе секне, ќе ја заградат шуми или планини! Ама сум се мамел. Песокта навистина беше убава и спокојна и кротка, како невеста кога и го клаваат превезот, ама таква беше само во утрата, додека сонцето не се одлепуваше од песокот, кога сенките на благите тумбички беа најдолги, кога далечината се чинеше раскршена вода. Ама сонцето тргнуваше угоре, се колкаше во срчата на небото и го потпалуваше сиот простор, ги вжаруваше вагоните и од нас испаруваше и последната пот. На крајот и јас сум се пласнал на легалото и сум го измолкнал јазикот како папсан пес. Руснаците што шеткаа по возот се смееја, ни нудеа чај а ние вода баравме. Така, додека сонцето не паднеше на запад. Ја еднаш ја два пати ако застанавме, сташончињата со едно или со две човечиња, а ние јуревме до оние големи пумпи и ги влечевме рачките ама вода не пуштаа. Оние двајца-тројца што се шуткаа околу туку ги пакажуваа забите и не сакаа да ни кажат како се пушта вода. Квечерините ги дочекувавме со ѓон на уста. Вагоните се оладуваа и ние заспивавме. Колку сме ти оделе не знам. Песокта не беше само надвор, таа помина и во вагоните, ни се напика во очите и меѓу забите. Жива душа не видовме. Преку ден ништо не шавнуваше, само во утрата и во квечерините затреперуваа некои сенки во далечината. Инсан ли, добиче ли, или гладен лиот? На џамот осамнував, на џамот омркнував. Напати ни најжешкото пладне не ме падеше од таму. Тие денови ми се случи нешто што не му се случува на жив човек. Висејќи така преку џамот додека возот пуфкаше и фрчеше, гледам некој трча крај вагоните, да ми простите, не трчаше туку одеше со обични чекори и возот никако да му избега. Гледам познат ми е некако човекот, ама кој, од каде, никако да ми текне додека не се заврте и не ме испули право во очи. Е, се стресов, што е ова чудо? Ем висам овде на џамов ем чекорам крај вагоните и си се пулам сам во себе! А и не ми е многу чудно, како да е обична работа да сум расцепен на две и еден да патува во воз, а друг да оди крај вагонот по земја. И лафевме ние двајцата, чинеше заврти го моето лице во мене и кажи ми нешто за дедо Ѓорго со мојата уста, го одмрсувавме сојот наш, кој од каде дошол во селото, кој од кого е, еее сè до татко Туши и до мајка Марија што нè народиле четири браќа и три сестри. Ова ми го кажуваше првиот пат, се смрачуваше, а тој одеше по песокот. Во ноќта не можев да го гледам, утринта се уште чекореше крај вагонот сиот испепелавен од песок, насмеан и со светнати очи. Тој ден ништо не ми кажа, само се смееше и одеше, си одеше сосема нормално и не знам како го настигнуваше возот. Другата ноќ иако беше со месечина пак го загубив. Вани и Шујде ме влечеа да ме легнат во камарата ама јас цела ноќ престојав крај прозорецот и не го видов. Срцето ми се стегна. И зората кога пукна него го немаше. Сосема сум се собрал, сум се свил на две и така ме пикнале во камарата. Сум прележал докрај пат ни здрав ни болен, ми носеле доктури, ме чепкале, ме штуреле, под мишка нешто ми клавале, јазикот ми го тегнеле, ама ништо не ми наш- ле, ме оставиле свиен в постела. Вани сè на глава ми стоел, мокри крпи на чело ми ставал, а Шујде ми зборувал за селото, за нашето село, ми ти кажувал дека моите момички ќе се измажат без мене и други некои нешта, така, сè до Ташкент. Сме стигнале во Ташкент, во едно градиште среде пустина а јас да не знам. Сигурно тогаш прв пат ме стиснало она пустиње во мевот, оти дотогаш секогаш сум бил прав и здрав, од каменот вода сум можел да пуштам. Нејсене, кога пак си бев само еден човек веќе бевме во Ташкент. Така. Втор дел Не ќе ви дробам кај и што ни направија, оти она што ни го направија, ни го направија, не црпнаа од нашата земја и не донесоа ваму некаде во Азијава. Ние првин и не знаевме кај е Ташкент, знаевме само дека работите ни се опаку, сонцето од друга страна излегуваше, а заоѓаше којзнае каде. Луѓето не ни личеа на Руси туку на Турци. Ако, и со Турци сме векувале. Е, напкум се ми беше токму, и со местото и со сонцето и со луѓето. Луѓето ти биле Узбеци, црвени Узбеци, руски Узбеци. Колку да знаете. На почетокот бев малку болен, ме стискаше во мевот, ама ми помина. Не ми помина сликата од пустината, кога бев двајца. Ем во возот ем крај возот и уште да си лафам сам со себе и да си се пулам со моите очи и да си кажувам работи што ги знаев! Е луѓе, луѓе! Ама човек не може да се чуди цел век. Ме стиснаа други нешта и така си останав токму. Нè сместија во едни дрвени куќи топтан како што дојдовме, што се вели, со сè што било врз нас, па дури и со нашата сирмија. По пат не сме успеале да се дотребиме. Руснацине не не оставија додека не ја дотолчија сета поганштина во нас, ете така. Не пепелавеа со бели правои, пљачките ни ги вареа, а нас не попаруваа со жешка вода. На крајот станавме црвени како велигденски јајца, а косата ни светна и ни се разлета како да е влачена со најдробни запци. Со јадењето беше малку зорт, ама веќе не мислевме на тоа. Ставропулос пак се шеташе меѓу нас ама овој пат молкнат и проѕирен како лист. Рекоа дека нешто му се случило по пат. Во Црноно Море ни се покажа еднаш или двапати, и од таму ваму ни аш ни беш за него. Луѓето прикажуваа додека тој врвеше по дворот, велеа Овој е син на Патридата! Така да знаете! а друг Го имаат месено малку како ми се пули затоа го нема свирчето во устата! Некои вака, други онака, а вистината била на средина. Момчето пискало и нè измачувало онака за да си останиме цврсти и јаки и верувало и тоа како и ние дека нè вртат одоколу за пак да нè фрлат во огнот, а кога видело дека нè истуркаа во Црното Море, му се стурил на оној друтиот Што е ова шиндрофе? Зар ваму нè чека Патридата? Рекол, барем така се шепотеше, ако знаев не ќе ме пикневте вие мене под овие штици! И го спастриле, не го оставиле да ни се појави пред очи ете сè до тука. А може вистината и не била токму таква, само кога тој поминуваше крај нас сите ние ги симнувавме капите, се поклонувавме пред храброста што шеташе по дворот. Чудно некое човече беше Ставропулос, ама не му се радувавме многу. Од ден на ден се тончеше, одеше накај казаните ама манџата што му ја туруваа ја оставаше во караваната. И секогаш кога тој беше во дворот нешто се забележуваше, некој шавнуваше зад џамот од командата. И така, едно утро долго го чекавме, само тој не се појави. А и не разбравме што стана со човекот. Во умот ни остана неговата свирка пррр пррр и ние клекни стани и пак прр прр па напред назад, и така, не сме ти ни осетиле како избега и од нас. Чудо време нè држеа така, како војска, стиснато, наутро – легни стани во дворот, потоа покасок, по покасокот нè собираа во едни големи одаи каде пљачките ни се залепуваа за кожата. Ни кажуваа за ова за она, дека ти сме тука само за малку (десет дена нè пикаа во Азија, а сме ти биле за малку). И Руси ни доаѓаа, не поздравуваа Здравствујте бајци! и тие лафеа, ама оние Грциштана што беа толмачи којзнае дали сè токму кажуваа. Ние сме ти го минувале времето кај плетот, а плетот од штици и високо кренат само најдовме некои дупчиња и проѕирки и се пулевме низ нив. Зад плетот – рамно, пусто, песок и никој жив да шавне. Градот бил на другата страна. Видовме откако искршивме неколку штици – ама немавме стискавец да појдеме сами. Бргу и нè растурија, може сфатија дека за да бидеш војска треба и пушки да имаш а ние веќе ни вошки немавме. Така, едно утро, а летото беше изминало, во дворот напикаа камиони и ни рекоа да се качиме во нив. Камионите горе немаа мушама и секој можеше да нè види, од птица до човек. По пат навистина имаше многу луѓе, и жени, се разбира. Помисливме дека в град нè носат па фативме да си ги мазниме буфките, ама патот сврте накај пустината и таму нè растоварија во едно непрегледно поле со малечки кадели. Бубаќ да ми ти биде тоа а нам ни дадоа големи прегачи и ни покажаа како се бери. Не знам зошто ама сите само стоевме на почетокот на нивата и не се наведнувавме да бериме. Узбеците се пулеа во нас, го пулеа бубаќот и мислеа дека не ни е јасно па пак ни покажуваа, ама полека, за да видиме. Е, тие не знаеја што се случува со нас, ама кога ни видоа солзи во очите, се тргнаа и не оставија сами. После толку години стоиме пред нива, а нивата нема крај, на сите страни се пикнала во небото и овие бели кадели како да ги откраднала од него. Не знам кој, јас или некој друг, ама се ми сè чини дека бев јас, ја џитнав капата во небото, вреснав колку што можев и летнав во нивата. После Узбеците плачеа кога ги гледаа капите како п’раат над нив. Така, си рековме, ова е друго, ова мо- же, и сме ти се загнале како кучиња. Сме ти фатиле една фаша и само напред, а зад нас црно останува. Првиот ден не набравме многу, рацете ни се фатија оти не навикнати. Ова да ти биде потешко отколку да го тргаш чаркот на топот. Ама што не ти може жив човек! Троа по троа – свикнавме, а и не бевме сами, полето почна да се полни со жив инсан, и мажи и жени и деца, што не ти никна во него, а лачени не можеа да нè држат. Ние натаму, тие наваму, едни натаму, други наваму, а ние страневме каде белееја фустани. За Вани ми остана грижа, ама не го клавав повеќе под мишка, а и тој самиот не бегаше далеку од мене. Кога нè пуштија во убаќот тој златниот ќе летне, такво едно нешто го крена, се здаде како гладен сколовранец по белите каделки. Така така и летна како пиле над белото поле, летна со песна. Тука никој не можеше да му ја заполти песната. Сите во полето ги креваа главите и слушаа, и после не се виде кој што е и кој од каде е, кој како го вели лебот, а како водата, сме се избркале како овци без нишан. Е, таму, тогаш, или други ден, или треќи ден, не знам, ама сум се фатил еднаш како лежам врз една жена, за живи срамови, среде бубаќот. Така и се сторивме двајца, јас и мојана Олга. Нè носеа во тоа бело поле додека имаше кадели, а навечер нè враќаа во бараките. Само Олга имаше одаа во градот и таму поминав многу ноќи додека сосема не избегав кај неа. Во тоа време веќе нè имаа дадено по фабрики, работевме ова, она, и лесно и тешко, додека не нè научија да стоиме зад машини. Олга секогаш ме чекаше пред фабриката и кога ќе ме здогледаше го ширеше лицето како насмеана месечина, потоа ме црпнуваше под мишка и ме туркаше низ луѓето. А не беше голема, одвај до пазува ако ми стигнуваше. Вани работеше во истата фабрика само кога ќе свирнеше таа буријата за да си одиме тој се загубуваше во луѓето. Тешко ми стануваше во душата. Олга не знаеше за тоа, таа за ништо и за никој не сакаше да знае, само мене ме стискаше крај себе. Не сум ти знаел дека некој може вака да ме пастри, цел живот сум го поминал в планина или на нива па со мојана Марија народивме три чупиња не знам ни јас како и кога, господ си ја зеде и ништо не се промени ни во мене ни околу мене. Е, овие работи не се за кажување, сум се срамувал сам од себе. Еднаш му велам на Шујде, таму, во фабриката, му велам така и така ми е работата, сè по мене како загар! Не му кажав дека и мене ми беше арно, ја оцрнав жената, не знам што сè не му нареков за неа очекувајќи дека ќе ме поучи поинаку, а тој Будала си, вели, ти не знаеш што е тоа што ти го дава таа! Лајно низаедно, му реков и избегав. Повеќе не се вратив во бараките. А никој и не ме бараше. Така, еден по еден, кој како ќе најдеше среќа, бегаше, некој кај жена, некој во сопче за да биде сам со себе. И Ванчето избега в град, посакал да биде сам со својата песна. Јас останав кај Олга. Таа ова, она – ме ранеше, ме миеше, ме облекуваше, што не ми правеше, ме имаше како малечко дете. Куче да сум ако речам дека не ми беше убаво, убаво ми беше а и нешто друго си фатив во срцето, нешто што беше и како грутка и што жежеше. Еднаш ги забрав Вани и Шујде пред мене и ги напикав во нашето одајче, ги седнав околу масичката, ставив чашки пред нив, ги наполнив со вотка, а се разбира, турив и за Олга и за себе. Таа сиромашката ме лови со очите, се чуди оти ништо иж немав кажано, едноставно ги седнав овие двајца пред неа. Сега да се напиеме во наша чест, им велам, зашто сме живи, а и за други нешта, ете, им велам, јас немам жена, вие знаете дека мојата Марија одамна е умрена, и Олга знае, е па ако таа сака, ја барам за жена! Вани и Шујде ги смукнаа чашките и скокнаа да ме прегрнуваат, ама Олга беше побрза, се стури како волчица и почна да ме бакнува како првпат да ме гледа, само јас немав завршено со кажувањето, поарно ќе беше да почекаше. Нејсене, се тргна таа, ме црпнаа Вани и Шујде, а јас нив лесно ги истуркав на столиците па им велам Уште имам да ви кажувам... ќе ја земам за жена ама не знам дали тука ќе останам... може ќе дојде ден да посакам да се вратам. Кажував просто, со наши лафои и со руски, а и со грчки како ќе ми дојдеше, а и што ќе ми текнеше. Олга сфати, пак дојде и пак ме бакнуваше, таа ме бакнуваше и кога иж реков дека можеби ќе посакам сам да се вратам, ако, велеше, и после сме ти пиеле не знам до кога и колку, сме пееле песни и наши и грчки и руски, сме играле врз масата, ете така јас и Олга не сме виделе кога си отишле гостите и утрината кога се разбудивме облечени во креветот, не верувавме дека нешто се случило. Па така, заживеавме како маж и жена, само што ни јас ни таа, не побаравме да појдеме да се запишеме во тефтерите дека сме маж и жена. Така и го засакав овој град, заедно со Олга, ги засакав и луѓето, и пастрејќи се од црвот на својата мисла сè повеќе се врзував за работата, за одајчето, за Олга, и бегав од нашите. Многу време не сум го видел ни Шујде ни Вани ни мојот стар и добар Грк Никифор, сè сам! Слушав кој каде е, кој што прави, кој што лафи, а и како се работите во светот. Заврвија годините како вода. Од Грција дојде абер, се јавија момичкине мои, пишуваа дека се среќни што сум жив, белки ќе дојде ред и ќе се збереме, пишуваа ех, срцето ми го изгореа. Фатив да бројам, аха, 49 беше кога не вртеа одоздола, и каде ни е сега крајот? Прснав по тоа градот да го палам Вани, Шујде и другите, а право да ви кажам, не ги најдов, само негде сум влегол и добро сум се опил, ама Олга ништо не ми рече, ме пресоблече и ме легна в кревет. После поначесто заврвија писмата навамунатаму и очите ми пуштија здрак дури до в село, како да гледав што се прави и што се чини таму. А не се чинеше добро. И пак нешто ме стегна во мевот, ме сви на две. Некое време ја оставив Олга да живее со нејзината сестра Лудмила оти мене ме однесоа во болница. Бргу ме кренаа на нозе, ама не ме пуштија кај мојата Олга, фатија да ме легнуваат и да ми пикаат де ова де она додека накрај не ми рекоа дека сум имал нешто во варилникот. Вани секој ден поминуваше и го пуштаа кај мене, ми носеше ќесиња од книги полни некои работи, седеше на креветот до мене и смеејќи се прикажуваше за себе, дека отишол негде да свири и да пее и уште рече Купив еден мев, грмошка. Го сакав како син, колку можев застанував пред него и го засолнував од ова или она, затоа кога ми прикажуваше за тоа, ми беше необично мило што нашол и други со кои ќе им се радува на животот, му реков Убаво си сторил, Ванче, така синко! Еднаш дојде со оној мев, вели Е, како ти се пули ова нешто? Како ми се пули, му велам, а што ти знаев јас како ми се пулеше? Обичен мев, а кога ќе го стисниш, џурнуваат некои гласови што не ти бегаат после од срце. А Шујде само еднаш помина, не ни седна на креветот крај мене, стоеше и си гледаше во нозете, вели Добро ти е сега, а? Како да не ми биде добро – лежи и јади, ама го прашувам Олга моја не дојде денеска! Ги крена очите песот и проломоти Не дојде, вели, со Лудмила отидоа да купуваат, и сè уште не сакаше да ме погледне. Си замина а мене ми остана студено околу срцето, значи со Лудмила отишле да купуваат! Од каде знае дека со Лудмила отишле да купуваат? Работата да ти биде поинаква отколку што мислев, тој ја намирисал Лудмила, сакал за жена да ја земе. Кога ме пуштија од болница тие веќе живееја заедно. Така спечалив и баџанак. Ем од едно село, ем накрај свет ем баџанаци! И тоа ми ти е нешто! Само имаше нешто меѓу нас што нè држеше далеку еден од друг. Не знам дали требаше друго да очекувам од животот: останав жив, ја најдов Олга, а и момичките ми се живи во селото. Работам во фабрика, добро ме плаќаат, ме научија да пишувам и да зборувам руски, и – толку. Во бараките сè уште има тричетириесет Грчиња што нè собираат еднаш месечно, ни дробат и ни лајат сè и сешто, велат да не заборавиме дека уште сме борци на демократската армија на Грција, Така да знаете, ние пак ќе се вратиме, во Грција ќе устроиме социјализам, другарот Сталин не ќе не остави на цедило! велеа. Што можевме, ги слушавме кротко иако в ум други работи ни се пикаа. А другарот Сталин пљусна ненадејно, сите ги завитка во црно, и нас, оти сега немаше кој да ни донесе социјализам во Грција! Помина време потоа, и се виде дека работата била гнила, мислам со нас и со нашата комунистичка партија. Фатија да се глодаат како кучиња. Многумина од нас се сетија дека не се Грци и фативме да бараме барем имињата да ни ги пишуваат по нашински и да ни дадат троа место во она нивно весниче, за да си кажуваме со наши лафови. Тие навистина се гложеа, ама за нас исто мислеа. Едно сме, браќа, викаа, сите живееме во една земја, сите сме од една земја, од нашата Патрида, а кога ќе се вратиме ќе ја видиме таа работа! Така велеа. А таа работа стана и жешка, нè слушнаа по фабриките како пцуеме и како фативме сè македонски песни да пееме, па почнаа да ни прават пачараси кај стигни. Веселбите со камења ни ги растураа, по трамваите и тролејбусите на многумина наши им ги одраа лицата со жилети. Таков ни бил кжсметот! Дури и меѓу овие кротки и добри луѓе кои не знаат ни каде е нашата земја, зар и тука ќе се јадеме? Ама некои работи си течат како што си течат, ветровите во пустината си дуваат сè на иста страна и песокот полека и сигурно го подместуваат сè на иста страна. Така, работата во бараките сосема се батали. Барем ние не одевме. Ни праќаа стројници, ни тропаа по вратите, и онака однадвор ни велеа Сигонисти, ти си комунист, ти си член на грчката комунистичка партија, мораш да дојдеш! Јас ниеднаш не им ја отворив вратата, а на улица како вунтури вртеа околу мене, од подалеку. Шујде одеше, кај го викаа одеше, велеше Не е време! и одеше, си даваше и пари, и одеше а и со наши и со нивни зборуваше само по грчки. Јас не оти имав којзнае каква мисла по нашине нешта, едноставно не сакав некој да ме влече за нос. Еднаш двајца во трамвај се обидоа да ми го нашарат лицето со жилетки ама ги црпнав навреме и на првата станица ги џитнав низ врата. Е, тогаш ме налутија, па појдов до нив. Веќе не беа во бараките туку имаа убави одаи во градот. Влегов право кај главниот и му се врекнав Само уште некој ако ми дојде питулици ќе го направам така да знаете! Вие ако си верувате во вашите приказни, верувајте си! сум се свртил низ врата и на улица. Не знам како не ме уљудија, може не им се здаде. Така престанав да бидам борец, а и животот ме засука на тонко. Од одајчето на Олга патот ме носеше само до фабриката, а и кога ќе свирнеше свирката за крај пак по истата дира сум се враќал. Дома веќе ме чекаше белата снага на Олга, нејзината убава храна, милувките, ама сè почесто се уловував како ми е поубаво кога не ќе ја најдев во одајчето. Тогаш можев да го симнам шишето на маса и цицајќи, ги препрочитував писмата од момите. Двете веќе беа мажени, кај братот останала уште најмалечката, Јана. Писмата она ми ги пишуваше. Кога излегувам пред куќа никој нема, пишуваше, погледнувам налево надесно – никој, мајка викам мајка не се одзовува, татко викам татко не се одзовува, да плачам солзи немам, се сушам како дрво на прагот наш! Олга ме наоѓаше со книгата в рака како ја враќам ракијата преку очите врз масата. Ништо не ми кажуваше. А и што можеше да ми каже. Го тргнуваше само шишето. Ни Шујде го гледав (песот, не сака да го заушат со мене), ни Вани мој. Долго не ми тропнал на врата, којзнае каде го свирка животот. Блазе си му, си мислев, слободен е како пиле. Пак фатија да ме падат по разни болници - овде, онде, дури на Кавказ ме пратија на ава, со воз уште еднаш ја одев пустината, а кога требаше да се вратам назад, се качив на аероплан и право во Москва, да го видам Ленин. Велеа спие во ковчеже и мислиш ќе ти проговори, ама покриен ти бил со дебел џам. Два дена сум ти стоел и никако да стигнам до него, а на третиот станав на полноќ, и го видов, ама мене не ми се виде како жив. Умрен човек си е умрен човек, а друго си е што Ленин си живее инаку. Сум го изодил црвениот плоштад од крај на крај, одлево надесно, од горе до долу, после сум ти се пикал под земја, колку да видам како е таму, и од каде толку луѓе извираат направо од земјата, само ни тоа не ме чепна во срцето па станав се качив на аеропланот и бап во одајчето на Олга. Таа да ми загладнила за мене, ме соблече угол гол и истури едно чудо жешка вода врз мене. Е, така, почувствував дека ми е арно и дека срцето ми е полно. Чинам ја измесив Олгана моја како бело тесто што се меси, таа само да стенка и да офка, дури жал ми падна. После си лежевме како јагниња. Ама тогаш, додека така си лежевме таа ми вели Барис!... а јас Е, кажи! Таа молчи, молчи, па како да плачи. Барис, ој Барис! писна жената,. Сум скокнал и сум се опулил во неа, а таа, топла и гола, се тресе од плачење. Што ти е бре жено, што ти стана? прашувам. Олга стана, се облече, вели Ја падлец, Барис... Од таму, од ваму и ми кажа. Вани мој си умрел! Ете така, просто легнал и си умрел! А јас магаре – на Кавказ, во Москва, а тука ми ти умирало моето дете! Не знам што ми беше, првин ништо, само како да снема нешто од мене, како да се отвори голема дупка. После плачев како жена, се туфкав и никако не можев да сфатам како можело туку така да си умре. Олга вели од рак умрел, му се затнало цревото. Уште кога сум тргнал за Кавказ тој се појавил кај Шујде, Лудмила се преплашила оти бил како мртовец, жолт и исцеден, и веднаш го однеле в болница, ама кога го поиспулиле им го вратиле да си умре кај нив. Барис... Барис ... ти не видел ево!... Ој... врескаше Олга. Му појдов на гробот, стоев и плачев. Зошто? Зошто си умре Вани мој? Оти не ме зеде мене, а, о господи? Ретчи ги ваквите немтури како мене, а тој со песна и со свирка одеше, срцата на луѓето им ги полнеше, ооо неее, не си смеел него, само него не си смеел, го вардев по планињето, под мишка сум го носел кога беше зорт, а ти овде цап – и ми го скри! Ама на гроб можеш цел живот да преседиш и пак ништо да не направиш, тој што си е под земја, под земја си останува. Ене, и Ленин ми го поклопиле со џам, го наружале и натокмиле, ама смртта му седи во лицето и во очите, ќе вртиш три дена како вунтур, ќе го призниш – и што? Си ги избришав солзите, ја фатив под мишка Олга и се вративме. После јас и Шујде му ставивме знак колку да се знае дека не е тамошен додека не го скрие пустината. Ете, откако го немаше Вани јас како да не живеев таму, сеедно ми беше дали ќе поминеше понекогаш Шујде и дали ќе ме прашаше како ми е. Што ти се двајца фрлени в море? Секоја птица си го бара јатото. Вани може од тоа си умре. И најнакрај цврсто решив – ќе се враќам кај своите, а како, ќе видиме! Време помина додека малку ги размрдав работите – прво пратив книга на брат ми во селото оти тој беше проедро и му се можеше, после и на братучедот Сабрија, и нему му го отворив срцето, а најнакрај и во Москва, пишав до грчката амбасада. Ветровите дуваа во пустината, дури во градот понекогаш го носеа песокот, ама абер од никаде. Брат ми жив не се стори ни по година, само Сабрија криеше малку надеж во своите писма. Од амбасадата анкета ми пуштија, да сум пишал сè по ред, дека не сум комунист, дека партизаните насила ме собрале да се борам против кралот, дека сум Грк и што ти знам уште што. Со месеци го носев книжулето в пазува, за нигде го направив. Е, си велам, ако се напишам така како што ме бараат ќе бидам ли друг Борис? Оти какви сакаш перја налепи му на петелот тој наутро пак ќе кукурига. Така ми рацапи умот, само срцето да не ми го чепкаат! И седнав една ноќ и напишав сè по ред, ете така, на крајот мислам дека сепак го посрав Борис на Туши Ѓоргов. Кога дојде ред да прснам за дома, Олга плачеше ама не побара и таа да дојде со мене. Знам дека ме разбра, умна беше. На бегање не се ни бакнавме, не ни се здаде, само очите си ги разменивме. Ете така. Трет дел Назад прснав прекутрупа и не ни видов како стигнав дома. Навистина, на секоја граница ме загледуваа од сите страни, не ми веруваа дека се враќам од Русија, само книгите кажуваа што требаше да кажат и јас од Воден нагоре излегов во неделен ден. Пљачките идеа по мене. Со себе мжкнев само една картонска валица колку да не речат селаните дека без ништо се враќам. 49-та кога бегавме преку Албанијана беше пролет, а и сега, во оваа 65-та беше пролет. Топло и убаво некое време, планината наметната со зелено, небото л’снато од жолчката на сонцето, ама во мене немаше место за сето тоа. Уште кога цапнав на грчка страна нешто ми го стегна срцето и чинам ми го стегаше така како да сакаше да го искорне па од тоа и очите ми мижеа и убавината не можеше да влезе во мене. Пред нашето село две планини се плеснати една во друга и најдолу, во трапот по кој вода тече само кога врне и кога се топи снегот на Кајмакчалан, усечено е патче колку да се врви за на кај град и од град за на кај село. Ми се виде растребено од камењата и чекор-два раширено, ама зошто, кога и како го направиле тоа не се помачив да си расебетам. Лесно чекорев по него и не ми тежеше валицата врз рамото. Така ја изодив планинката и се нурнав во нашето поленце, да простите, сега ми се виде колку еден газ место иако некогаш мислевме дека му нема крај. Ете таму, токму каде што патот ги имаше загубено камењата, настигнав еден фукара како води гол и црвен коњ, да простите, како да макнеше пламен зад себе, толку црвен беше. Му велам Здравствујте! на тоа човече така му реков, на тоа малечко и црно човече што одеше пред коњот и го држеше крајот од огламникот. Коњот ми климна, рзна, а тој – белата, ни лево ни десно, само пред себе. Поодив малку крај него, го погледнувам под веѓи да не ти го најдам познат, ама си велам вакво јаглење не сме имале во селото. И така, апансас ми се сврте и ми вели Калиспера, кирје! и немав каде, ги проломотив истите лафови. После го затеравме муабетот, на грчки, ми вели Сакам да го продадам коњчево, си реков денеска е недела и сите се по дома! Убаво, убаво, му велам и го гледам коњот оти тоа не беше коњче туку коњиште, а тој пак вели Ждребуле е, малечко е, ама сортата му е таква! Ете така чекорејќи крај него истрча нешто од мене, ја бапнав валицата во правта и го вчепив за рамења. За продавање е, велиш, го прашувам, а тој трепери и не може да ги исплука зборовите. За... за... за... Е, арно, му велам, ако не бараш многу може да ја наредиме работата! Тој пезевенкот ги опули очите, процрцори Како не ќе сме ја наределе, ако сака света недела ете уште тука да ги удриме рацете! Така и стана таа работа, тој ја рашири дланката, го плеснав по неа и кажа една цена, па ја тргнав како попарен, после кажа друга, сè така додека најпосле не го платив тој црвен и гол коњ со дебела пара. Не ми беше жал, реков барем ќе има со што да почнам. Човекот си ги црпна парите, ги изнапика в пазува и прсна назад. Останав сам со коњот и со мојата валица во правта. Ете така, со тој црвен коњ и почнаа моите маки. Додека го држев за огламникот беше кроток, само напати ќе направеше тупоти тупоти, ќе ја префрлеше гривата од едната на другата страна и пак ќе се стаеше, а со големите очи ме гледа така како да не ми верува многу. Сега да видам прво како е да се седи на гол коњ, си велам и го погалив по жарта на сапите. Само малку затрепери. Е, така да знаеш, пријателе мој, сега сме двајца, јас и ти! му се впив за гривата и му се џитнав озгора. Не знам како и што стана, се најдов во правта од другата страна. Тој пезевенкот ни да мрдне од место, нагоре-надолу со главата, како да ми се подбива. Си полежав малку долу, колку да се совземам, па ме фати еден бес, додека не останав врз него не го оставив, ама тогаш и од двајцата течеше голема пот. Само пак беше по неговото, немаше кој да ми ја подаде валицата и морав да слезам. Дури тогаш ми пукна пред очи дека може сум насамарен, си реков гласно А кај се продава коњ без самар? Така, грбот мој беше добар самар, ја нарамив валицата и го поводив кон селото. Врз полето и врз мене паѓаше гласот на камбаната. Градите ми се надуја како фуски. Не знам што ми кажуваше тој глас, ама јас заборавив на човекот што ми продаде коњ без самар. Така и влеговме во селото, јас со валицата напред, а коњот по мене. Уште од долното маа- ло почнаа да се збираат дечиња што не влегле в црква на литургија. Му се чудеа на коњот и мене никој не ме позна, а да си ја кажам вистината, и јас никого не стросав крај некое познато лице. Ми се наближа едно црнулкаво момче, стројно, силно и високо, вели Здравоживо! и јас му реков Здравоживо! а тој пак Убав коњ водиш за огламник! Убав, му велам. Толку црвен коњ никогаш не сум видел, вели, во сета Грција не сум ти сретнал! додава, а очите ги опулил како да сака да го изеде со нив. Некој од толпата му свика Вани пули да не ти удри некоја клоца! Ја кренав главата ама не заушив кој го кажа тоа, само момчето што го викнаа Вани продолжи да му се доближува на коњот, му појде право пред муцка, нежно помина со раката меѓу двете очи, па му ги тргна малку ушите, отиде преку гривата, преку плешката, грбот и го потупка по сапите. Коњот из’ржи со некоја необична радост, ја сврте главата и го погледна момчето. Го продаваш, праша момчето а јас Што, сакаш да го купиш? Волку убав коњ не сум видел! вели и одеднаш ми се сврте со голема молба во очите Да видам како бодиња, може ли? Му го подадов огламникот. Не се мислеше многу, се фрли врз него, го скуси огламникот, му ја сви главата и не му даде да скокне со задниот дел. Коњот испиште, ги крена предните нозе. Ние се разбегавме. Јурна по сретселото, сврте еднаш, два пати, трипати, сите не испретумба преку плетиштата, потоа бодна по сокаците, ги распади жените и дечињата, ги отера зад порти, по дрвја, камењата ги испофрчкаа лево и десно и не би час, еве ти го пред камбанаријата. Скокна од коњот, ми го подаде огламникот, уште еднаш се наведна кон коњот и нешто му шепна во ушите. Вели Сабрија ќе плати таков коњ ако го продаваш! Е, чие кучале ти било, си велам, ама пак не му се кажувам. Добро, му велам, ако плати ќе поразмислам! Така сме тргнале по средниот сокак цела толпа, а во толпата како пламен да гори каде што беше коњот. Сабрија го најдовме во двор, чепкаше нешто пред пондилата, ѓубрето го вртеше или кобилата ја чешлаше, не знам, кога виде толку калабалак се исплаши човекот. А бре Вани ти пак некој џумбус ми готвиш, му свика на синот. Вани ги растреби дечињата што беа напред и го откри црвениот коњ пред очите на Саб- рија. Братучедот туфна, рече Бре бре бабачко коњ! и иако ме поиспули од глава до пети не ме препозна веднаш. Му се приближи на коњот и го позаврте од сите страни, вели Убав коњ, ждребуле, самар не му е кладено, ама не го бива за овие наши скрки, копитата му се колку една педа! Вани го фати за рамо и како да го поткрена од земја Слушај стари, му вели, јас ќе го научам и самар да носи и други работи, а ти само плати го! Во очите на детето имаше голема молба, а во рацете му видов и голема сила. Сабрија почна да се тегави, фрли опул кон мене надевајќи се да чуе висока цена за да го откачи синот, праша А, го продаваш демек?... а од каде е... и зошто? Е, присторе и потскокна, Почекај... почекај Ти ли си бре Борисе! Мене ми падна валицата од рацете, нозете ми се потсекоа, за малку што не се урнав на земја, и така, нога за нога се доближавме сосема и се црпнавме како да ќе се бориме. Вани скокаше, викаше, вртеше околу нас, не заграбуваше двајцата, тој имаше големи раце и можеше двајцата да не опфти иако јас бев биналија човек, слушав како повторува Стрико Борис си дојде!... Стрико Борис си дојде од Русија!... и избега накај сокаците врескајќи. Не знам колку долго се стискавме и колку солзи истуривме со братучедот Сабрија, само кога се тргнавме еден од друг се најдовме заградени од многу мажи и жени, од дробни дечиња, од гласови, од прашања, и незнам ти од што, само како да не сум ги видел во животот. Тие беа нашите маалци, жени и бабички што се враќаа од црква, селани што го чуле и виделе Вани како вреска и скока по сокаците и дечињата што биле расфрчкани по градињето. Мислам ме кренаа и ме понесоа кон сокакот, околу градината на Сабрија и ме напикаа во мојот двор. Тие останаа во сокакот, а во дворот ме пуштија сам. Нешто ме фрасна преку половина, ме расцепи, и сум ти паднал во пепелта и во лепешките од братовиот добиток, со раце сум го алкал дворот, сум ти се наведнувал и сум ти ја бацувал истапканата земја и така сум долазил до прагот, сум ја кренал главата и сум видел чупе стои во отворената порта, а солзи иж капат врз фустанчето и врз мене. Тогаш сум скокнал и сум рикнал Ета маја доч! Људи, ета маја доч! Сум ја зел на гради, а таа малечка, малечка како да ми се загубила во срцето, само гласот нејзин уште го слушам Татко татко ти се врати мој татко! Другите останале во сокакот, поназад, гледале како лазам по мојата земја, мислеле ќерката ќе си ја заполтам кога сум ја стиснал на гради. Сабрија и неговиот Вани кроце дошле зад мене, ме фатија за мишки и ми велат Ајде кај нас, Борисе, в куќи ќе си влезиш друг пат, има време, ќе ја видиш! Ме забраа кај нив на неделен ручок, и мојата Јана, и некои баби и некои дедовци беа таму, ама јас не знам како беше таа работа, паметам само дека зад Јана портата беше отворена и имаше црна темница. Моето враќање дома не излезе како што го замислував. Првин братот не ми се радуваше, а за другите ич да не зборувам. Само Сабрија, братучедот, иако Караманлисовец, ми се најде повеќе од брат. Оти не само првиот ден кога ме забра на неделен ручок, туку со месеци ме викаше да си прикажуваме покрај чашка ракија. Така и узнав дека тој ја свршил работата околу моето враќање. Брат ми, иако проедро на селото, не сакал да стави потпис за да се вратам (му се можело на магарето и никој не ќе му врнеше лаф). Тогаш се стегнал Сабрија, знаел некој вулефтеа од Саботцко па дум кај него со полни торби ова и она. Само песот не ми ти сакал јајца и кокошки, туку да ти го удри по рамо и да му рече Слушај Христо јас сум од Караманлијата, а тој во вашето село нема ниеден глас – ако набиркаш десетина не ќе го заборавам твојот братучед! Времето било такво, Папандреово, и Караманлис се борел со што можел и кај можел, и Сабрија на идните избори гласал за Караманлис, а со него и дваесетина зетовци и братучеди и внуци – и така, еве ми те дома. Пулам човекот навистина многу претргал за мене, а и ручоци и вечери не знам колку изедов кај него – па почнав да се газам оти со ништо не можев да му припоможам. Ама ме тргаше накај него и заради тоа детето негово, заради Ванчето. Мене во Русија ми се загуби еден Вани, дробничко беше, ама му се радуваше на животот, го свиркаше и го пееше – не ми бегаше од срце и во селото кога се вратив. Напати Вани Сабриин му го зафаќаше местото во мене иако не знаеше ни да свири ни да пее. Душа имаше иста, и срце големо. Силен и голем беше како мене, некој прирече и дека личел на мене. Па и да личи, коренот ни е од дедо Ѓорго. Тој се уши сè по мене, јас надвор во дворот и тој во градината преку плетот, и така, севезден. Големиот црвен коњ го оставив кај нив, се присламчи кон кобилата, како нејзино ждребе да беше, а и што би правел јас со гол коњ. Вани го бодинаше низ село и по планината, велеше Ќе го научам и на самар, стрико Борисе, ќе видиш! Понекогаш и јас го вјавнував ама ми беше смешно олкав голем да вјавам на гол коњ. Му го оставив на Вани, да се радува. Брат ми, уште првиот ден додека селаните се врвеа кај Србија, дојде и ме прегрна, и солзи му прокапаа, ама на заминување не додржа, си ја отвори раната, рече Било што било, ред беше во братова куќа прво да влезеш! ја забра Цоца пред себе и си отиде. Си велевме здравоживо ако не сретеа патиштата, внучињата негови сум ги кревал и џиткал во небото како да беа мои, ама в куќи не му влегов. Да ти остане еден проклет инат во мене уште од пред матошините, и тогаш сум ти бил самјак и тврдоглав. Ако очекувал да си дојдам изменет, многу се лажел. А дечињата негови не беа дома, сите отишле во Германија и таму работеле. Мојана Јана не ја оставале да се мажи, Цоца и велела Прво мојата мома да си ја омажам после ти глеј си патот! Таков пат во животот не се надрабува два пати. Јана ми ти имала веќе одбрано. Сега јас бев дома и со Јана моја почнавме од најнапред, од куќата. Оти мојата куќа не личеше на куќа. Таа навистина беше под еден покрив со на брат ми, ама тој си ја пулел само својата страна, а ваму ги врзувал добиците. Додека биле момите на куп ја каварнисале некако, пред Велигден ја мачкале со троа вар по ѕидовите, а кога останала Јана сама живеела во малечката одајка во која живееше и во која си умре простената Танасеица наша. Си реков дека тоа не е ништо, куќа оставена толку години сама и не може да биде поинаква, важно е што сум пак дома, јас и Јана сè ќе направиме како треба. Јана немаше многу време, знаев јас, и нејзе годините иж беа на врат, а си имаше и армасник, еден пич од тие на бај Димовци. Ете така, почнавме од куќата. Прво лепешките од добиците на брат ми ги фрлав со вила и со лопата, ја раширив и портата да излезе смрдеата, ачик л’сната ја држев и дење и ноќе, ама малку фајде имаше. Ги закрепив и скалите оти можеа да се урнат под мојата тежина, одаите со струшка ги ронев за да не ни падне некој комат врз главата додека спиеме. Ископав дупка во градината, ја наполнив со печена вар, џурнав вода – клокотеше, пиштеше, се креваше пареа и на крајот стана мазна и бела како сирење. Селаните кога поминуваа по сокакот застануваа и гледаа што правам, слушав како еден на друг си велат Борис има донесено троа сирмија штом куќата ја прави! Ако, си реков, нека лајат. Така, троа по троа заличија одаите откако ги исфраскав со метла, ама останаа празни. Со трактор Вани Сабриин ми донесе два железни кревета од Воден па едниот го ста- вивме во едната одаја, а другиот во другата. На едниот спиеше Јана, а на другиот ниеднаш не легнав јас. Среде одаја имав послано една рогозина и врз неа ги поминував ноќите. Не знам зошто, ама срцето не ми беше полно. Борисе, си лафам, на се се измоча само за да се вратиш, трај сега! Кога прв пат дојдоа ќерките со зетовците имаше каде да ги седнам и што да им ставам на синијата. Вета, најголемата, имаше еден Томо од Рисковци, а Виша имаше влезено во Марковци. Тие не дојдоа на гости кај мене, туку имаа дојдено да ме канат мене за кај нив, ама јас уште немав фатено да одам по куќи. Им велам Прво да се наредам, има време! Вета иако голема, ми беше срамежлива, седи и очите сè во синијата – начекував да иж ги видам очите, таа ги носеше очите на мојата Марија, а Виша беше поинаква, слободна, отворена, бесрамно ме гледаше и ми велеше Ти татко се изнапати во туѓина! Не беше лесно, велам. Мило ни е што се врати, пак вели таа. Заради вас се вратив, велам пак јас, сè фрлив во вода заради вас. А Вета, не кревајќи ги очите Што тоа татко си фрлил во вода? Ме фати во тесно, не знаев што да иж одговорам, ги раширив рацете Ете... како да ви кажам... не ме пуштаа лесно! велам. Русинката ли? бапна Виша. Ороспијата, да не поцрвене ич, ни пет ни шест и право в ребра. Јас не оти ја криев Олга, ги пастрам само нејзините очи што иж ги зедов на бегање, ама ме натера да поцрвенам и уста не отворив. То- гаш скокна Јана, вели Вие да ми го оставите татко на мира! Радувајте му се што е со нас! Вета ја крена главата, вели Му се радуваме сестро зошто да не му се радуваме тој и нам ни е татко! Зетовците седеа како невести, ни уста да отворат, ни да ме погледаат како дедо. А вие зетковци, ги прашувам, како сте? Се погледнаа еден со друг како бравје и ни а ни бе. Виша се обиде да се извлече, осети кучката дека ме чопна во срцето, Тие ни се добри татко, ете не зедоа вака голи! В часот ми светна мене и пред да размислам чини или не чини, проговорив А што не сте си фрлиле нешто врз себе, туку сте излегле голи да ги срамувате зетовците! Виша како да ја боцна стршлен, скокна од синијата, вели Ти татко се подбиваш со нас! Е, дури тогаш гргнав да се смеам на цел глас, па им реков онака смеејќи се Чујте ме момички мои, а и вие зетовци, гледам зошто сте дошле, ако де, ама уште не е време за тоа. Јас ве имам само вас, друго ќе беше ако мајка ви не го родеше братчето мртво. Што имаме и колку имаме – знаете. Не сте додале ни педа на тоа! Ама сепак, не ќе го однесам в гроб, тоа е ваше, само ви велам, не е уште време. Знам, ве копка и друго, како сум живеел толку години во таа далечна земја? Така ли? И ај да е само тоа, ами толку години поминаа, а татко не беше стар, не ќе нè изненади уште со нешто? А сега сите чујте ме, сите три и вие зетовци, кога ќе дојде време за тоа јас сам ќе ве повикам! Овде сум вратен за да не го дробам она што го имам! Така да знаете! Кучките, не доседоа, ги напрчија носовите, ги црпнаа мажите и си заминаа. А мене веќе ми беа дојдени пљачките и за секоја од нив имаше по нешто, само не дочекаа да им го дадам. После Јана ги разнесуваше. Не им се лутев, имаа право, ама ме навреди тоа што не ме пречекаа ни како што треба. Видов не видов им префрлив по некое нивче, ама другото си го оставив. Сиот Ѓоргов сој изврви по мојата кука, и подалечни, од другите маала, и тие што ме сакале и тие што ме нејќеле, влегуваа во големата одаја, седевме на рогозината и туку се пулеа во голиот железен кревет. А гола беше и одајата — ни миндерлак, ни друго. Јана чинеше донеси ја синијата, а ние наврти се околу неа - сите сакаа да видат што руска ракија сум донел. Донесов две три бутилкички ама ги смукнавме уште првиот ден па на другите им го покажував шишето, им велев Ета називаетсја вотка, така да знаете ни многу ни малку туку 40 града оган ми ти има! Луѓето го одзатнуваа шишето и го мирисаа, вртеа со главите и велеа Којзнае што ќе да имало внатре ама мириса на шпирт, Борисе. Арно беше да имаше за сите ама не стигна, оти нешто по пат и сам сум исцицал. Белиот на Бељо мислам беше единствениот што искрено ми се израдува кога дојде да ме види, не оти ми беше од сојот, туку тој да ти биде единствениот комунист во селото. Грците го фатиле кога си ги пасел бишките, му рекле ти си партизан и му го клале ќотекот, ама после никој не можел да го убеди дека навистина ги пасел само бишките. Вистина е, им рекол, комунисг сум па што мислите дека ми е страв од вашето мавање! Којзнае и дали ти го распрашувале потаќи, му одрежале стотина и некоја и го однеле на островите. Тој кога дојде кај мене на рогозината седеа три-четворица: тогашното проедро Ичо на Чонголот, некои видни старци, мојот братучед Сабрија и не знам уште кој – а тој, Белиот, уште од врата летна да ме гушка, да ме бакнува, вели Добредојде Борисе, колку ми е мило што сега не ќе бидам само еден комунист, сега сме двајца комунисти така да знаете вие серковци, и се сврте, поиспули кој седи на рогозината. Бај Трајо беше најстар, а имаше син со партизаните кој сега живее во Скопје, може затоа се поклони кон него Тебе бај Трајо ти симнувам капа! му вели. Можеше да ја направи голема, ама другите премолчеа, освен Ичо на Чонголот, проедрото, му се овргали Ти да не прдиш во грне од кај сркаш грав, му вели, така да знаеш! Белиот не му го зеде лафот, седна крај мене, ја зејна устата и не проговори додека јас кажував како сум чекал три дни и три ноќи за да го видам Ленин, и за она како сум се пикал под земја, им велев Москвана сета е издупчена за да има кај да се кријат ако се запали светот! Ичо на Чонголот се муртеше, не веруваше кучето дека некој може да е умрен толку години и да биде цел и да ти се чини дека спие, еднаш ми го прекина лафот, ми вели Е, како можело така? Јас само здивнав и си продолжив потаму. Кој ќе дума што сè сум им прикажувал! Постарите, оној Трајо и оној Пжчката, може исто не веруваа, ама си гледаа во лулите и не се знаеше што вртат во главите. Белиот му се сврте на проедрото, а од очите нешто му бликаше, му вели Кај ти умирал таков ум! Само ти има ли крај прикажувачката? Без да сакаш ти се приклаваат лафои и нешта и работите излегуваат големи и нетокму. Нели јас го нашарав тоа листот што ми го дадоа Грцине уште во Ташкент дека ќе молчам? Човек убаво ќе си рече дека најарно е да си ја зашие муцката во вакви времиња, ама ти живеат едни такви црвја што ќе ти се напикаат и под кожа а не да не можат конците од муцка да ти ги изгризат! Така, ме влечеа за јазик, а јас сум ти кажувал ова, она – работи што мислам и не беа забранети. Еден човек не дојде да ме види. Пени на Тотле. И ми беше криво оти од Русија кога го пуштија од затвор сум му пуштил и пари и пљачки колку да закрепи човекот. Жив човек се преболува па јас сум ти го преболел Пени на Тотле оти којзнае каква му е работата, сигурно и него го имаат пуштено како и мене, со ливче. Не знам зошто, ама селаните престанаа да поминуваат низ мојата куќа и одеднаш се најдов сам, мислам останавме само со Јана. Тогаш излегов во дворот. Нашиот двор беше голем, погон место, па оставив колку да поминува братот и неговата челад, а на другото му се загнав со копач и го истремив колку до појаси. Зад мојот двор натаму почнуваше гра- дината на Сабрија па на нивниот плет го гледав Вани, гледа како сум се раслекол и како сум влегол земјата да ја ријам, се чуди, ми вели Стрико Борисе да го запалам тракторот и да му удриме два три плуга? Не миличок, му велам, каков трактор, јас сакам со мои раце да го прекопам! Не знам дали ме разбра оти големи магариња како мене тешко разбираат а не тоа прле кое не знае уште за самар а не за товар. Постоја постоја, погледа и си замина. Видов после како замина вјавнат на кобилата а зад себе го водеше мојот црвен коњ. Коњот кротко и убаво газеше зад кобилата, како да беше нејно ждребе, само два пати што беше поголем од неа. Популив популив оти како да се валкаше оган по сокакот и после ги заборавив и Вани и кобилата и коњот. Имав уште многу од дворот, а земјата беше стапната како камен. Дали некој пуштил глас, или некој ме заушил кога врвел по сокак, туку гледам почнаа да се врвчат. Прво беа некои баби од маалата, Кузевица, Чаповица, а и Цоца на брат ми шавна меѓу нив, потоа секаков свет се собра – мажи, деца, старци, не знам од кај толку се насобраа, го наполнија патот што му го оставив на брат ми за врвење, се наобесија и на Сабрииниот плет, нешто и му испокришија на човекот, а јас здаден во работата и не сум ги видел веднаш туку кога сакав водата од челото да си ја забришам, тогаш сум ги здогледал. Е, си велам, нешто се има случено што се насобрал толку свет! Ама ако имаше нешто лошо ќе кажеа луѓето, не ќе зееја како прлиња во мене. Се обѕрнав кон куќата, реков да не гори нешто во неа, ништо и тогаш ми падна в очи иско- паното – значи така, си велам, не виделе досега некој да си го прекопува дворот. Тие молчат, јас молчам. Ги гледам право в очи, а тие мене, и ни да трепнат, како да се плашат да не испуштат нешто. Падна дете од плетот на Сабрија, направо во копривите, а пантолоните му се закачиле на еден ставар, и пропиште. Никој не се заврте назад, се чу како пласна шамар по голиот газ, детето уште повеќе вресна. Во толпата препознав многу домаќини, и од Марковци, и од Диовци имаше и Рисковци од долната маала, и од оние наши Мандевци а да не ги набројувам оние што имаа куќи околу нашите градини. Добро, си велам, ако ви личам на мечка праите си сеир. Ги оставив да ме гледаат, а јас си ја продолжив работата, ама сега со поголем жар, копачот вира нагоре надолу нагоре надолу. Ја оставив ширината и фатив една фаша, удри удри удри и дојдов до нивните нозе, што се вели очи в очи, и продолжив, замавнав, и додека копачот уште беше во воздух се распиштеа и почнаа да се туркаат лево и десно. Не знам што имаа на ум, дали сакаа само малку да се растргнат колку да можам да замавнам, кој ќе ти ги знае, и тогаш се случи нешто, а добро беше што добро се сврши. Вани Сабриин беше излезен горнине ниви да го пројава малку коњот, и го бодињал, кобилата пасела, а тој нагоре надолу и се околу неа, и затоа што коњот не сакал да го фрли од себе и на враќање останал врз него. И одозгора, уште од кај племните заушил дека едно чудо свет се има насобрано пред мојот двор па ја испуштил кобилата и го боднал коњот. Со тупоти и трескоти се урна низ сокакот и во толпата влета како куршум. Прснаа пиштејќи кој в градина кој в река. Што беше ова стрико Борисе? Ме прашува Вани. Господ знае бре Ванче, му велам, никој муцка не отвори! Го тегни огламникот нагоре, му ја бери главата на коњот кон нозете, не му дава да се подмести од место, и продолжува да прашува А татко мој беше ли тука? а јас Не, не беше! му кажувам. Добро, вели Вани, сам ќе расебетам! За цело време беше врз коњот ама ич чудно, од секогаш како да го вјавал. Што ќе расебети? се прашував. Гледа дека го гледам со прашање, ми ја намириса мислата па ми вели Му покажував марифети на твојот коњ горе во нивјето, уште молку и самар ќе му клајме! После ме повика кај нив да си поседиме малку. Знаев зошто ме канеше кучалето, за да ме напои и да ме нарани, ама не појдов, му реков Јана нешто в куќи ме викаше, не можам сега! Никој не остана од селаните, ни стар ни млад, ни жена ни баба, само уште по некое дете се обидуваше да го прескокне плетот и да избега накај реката. Вани го однесе коњот кај нив, во нивниот катој, а по некое време и кобилата се прибра. Долго не можев да си дојдам на себе иако знаев зошто се имаа насобрано селаните. Не се памети во нашето село некој да прекопувал двор. Сигурно дојдоа да видат како не сум токму. Оттогаш не се наближуваа до мене, бегаа како да бев фатен од лошата болест. Само во кафето Нанчово можев да им се доберам до здивот, ама таму пак јас сакав да бидам сам. Годината не ја фатив од почетокот, кога можеше да се ора и да се сее, пристигнав во лошо време и ништо ни засеав ни засадив. Јана аргатуваше кај едни, кај други, носеше ова-она, колку да се прераниме, а јас откако ги ископав дворот и градината, се загнав на меѓата од кај реката.Две или три метра беше, тревјосана и полна со ѓубришта, ама токму затоа и се нафатив со неа. Ах, ќе заборавев, патати насадив во ко- паното и сега чекав да видам како ќе почнат да растат. Еден ден Вани ми ја донесе кобилата нивна и јас ја пречекорив и седнав на неа, а тој се смести врз голиот и црвен грб на коњот и прв пат заедно излеговме надвор од селото. Ги рашетавме моите прлози, нивичкине расфрлани и нагоре и надолу од селото, ги броевме остарените дрвца цреши оти веќе ги изела гасеницата. Кога добро се изморивме најдовме извор и пласнавме крај него. Коњот го врзавме за самарот на кобилата и ги оставивме во прелогот. Се напивме вода. Тоа беше првиот извор од кој пиев вода откако се вратив. Таму имаше многу песок, му велам на Вани, ништо друго од песок, и во тој песок да ти има вода, и тоа убава и студена вода. Има луѓе околу изворчето, по некое дрвце – и живеат. Не знам ни самиот зошто почнав да му кажувам за пустината. Му велам Секој треба да ја види песокта! Таа песок остана во мене, одам низ неа и никако да ја изврвам – ете затоа го копам дворот и меѓата. Вани ми климна со главата, ама гледам јас дека ова што му го прикажувам му се присторува како приказна. Приказните се сметаат за лажовни, луѓето не им веруваат многу. Ако, си велам со умот, штом ја разејнал устата ќе голтне нешто. Тогаш му раскажав за мојата прва средба со песокта, кога си се сторив двајца. Тоа навистина не беше за верување. Му кажував и за сонцето и за небото, за жешкото што те престорува во врела мокра крпа а потоа те исушува и остануваш како сува џумерка. Нешто оставив и за друг пат оти скокнавме и дојдовме до коњите. Стрико Борисе, вели Вани, да се обидиме да му го ставиме самарот од кобилата? Да му го ставиме, му велам, иако и вака без самар ми е убав! Ја распашавме кобилата, Вани го крена самарот како пердувче додека јас го стегав коњчето за огламник. Тој кроце го спушти врз него, мислиш дури дека не го ни допре, ама тогаш не знам од кај најде толку сила оти јас навистина сум голем и тежок човек, замавна со главата и ме џитна далеку во прелогот, самарот го отфрли во небото и ‘ржејќи побегна онака црвен, гол и слободен. Мене ми беше мило што го фрли самарот. Е, внучко, што велиш за ова? го прашувам Вани, а тој Имаше право стрико Борисе, сега ќе треба друг самар да и порачаме на кобилата! Ноќе и по темница се вративме в село. Коњот и кобилата пред нас си дошле, се разбира, голи. Она што остана од самарот јас го донесов на својот грб. Летото го поминав акајќи по скрките и по билата, по осоите и присоите, сум се качувал на чукине околу селото, сум драбал низ габер и зеленика, низ капини и смреки, сум слегувал долу кај лозјата, а сум бегал и во планината под Кајмакчалан, во буката – на Студента вода по спокојство во миризбата од гнилите лисја на годините. Синорите наши не беа големи, во еден ден можеа да се овртат, ама животот не се изодува туку така. Таму камен некој наоѓаш што си го вјавал уште како дете или костен што го засадил можеби дедото Ѓорго од кого и влече нашиот сој во селото, сè така, го повикував или го наоѓав мојот мирис што сум го оставил тука уште пред војната. Како не изветреал по толку години? Или овие нешта ќе го кријат и по мене? Така и видов дека чекор место сме ти биле, тука прелог, таму прелог, онде угар, сегде трн и гингер, капина и бодланка, и троска што се намножила и ја цицала земјата и којзнае дали сега нешто ќе може да се фати на неа. Лозјето само половината имаше пенушки со плодни прачки, делот на мојот брат, додека на мојата половина ни пенушките не ги довардил. Така беше сегде, братот си го копал и брстел само своето. Ама немаше зошто да му се лутам. Децата му се расфрчкани по Германија а тој и Цоца ни својот дел асолно не можеле да го сросат. И црешите беа изедени, само на по некоја гранка имаше род, додека костените стоеја иако и тие беа проретчени – со секира, кој ти знае чија. Од што да почнам, се прашував додека лежев горе во планината, во буката, во ланското лисје, во миризбата на вечноста. Чудно, немав грутка в грло, немав тупаница в срце, ни нешто ме стискаше ни нешто ме стегаше, лесен бев и полека миризбата на гнилежот како да ме креваше високо високо високо преку вршките во небото. Се плеснав по чело, си реков што сакаш повеќе? Се врати во дирата на дедовците, го прекопа дворот и меѓата, насади патати а наесен и свадба ќе правиш! Открив од што било полно срцето – од Јана. Само уште неа ја најдов, ме пречека на прагот, после одеше по мене како загар. Ти татко ич да не му мислиш, ми вели еднаш, ќе запатиме сè одново! Вредна беше мојата Јана, дробна на некој од сојот на жената, ама пргава, работна – жигавица. Испечена од сонцето, косата подгорена, ама лична, оти очите ендри, костенливи. Сакаше постелата да ми ја постила и нозете да ми ги мие, ама јас бев свикнат сам да си ги правам тие работи. Приквечер кога се враќаше од нива поседуваше пред вратата, крај мене, а после доаѓаше нејзиното момче и кршеа врат накај сретсело. Не се чуствував убаво кога тоа прле ќе се распиштеше во мојот двор. Добро вечер, дедо! велеше и ми се потсмеваше Ископа уште некоја меѓа? Ха, ќе присторев, да знаеш какви патати ќе јадеш! Ме оставаа сам пред црната дупка на портата. Чинам нешто живо и невидливо се подаваше низ портата и ми се завиваше околу снагата. Ми намовнуваа влакната по целото тело. Што останало од моето семејство? Врти сучи врти сучи, ама есапот никако да излезе како што го правев во Русија. Навистина, дома си сум, ама страв ми е од оваа црна дупка во портата. Го прескокнував плетот на Сабрија, одев во нивниот катој да го гледам својот коњ – штом ќе ја крц- нев вратата, ја креваше главата, чинеше за’ржи, нешто ќе му зашеташе по кожата сè додека не го допрев влакното што гореше како жар, после се смируваше, ја наведнуваше главата и продолжуваше да дреме. Кроце- кроце станувавме познаници. Ноќите ги спиев со цврст сон и без соништа. Понекогаш сакав да ја видам Олга, ама ниеднаш не ја сретнав во сонот. Немаше зошто да иж се лутам, таа ќе дојдеше со мене само ако клепнев со клепалата но на заминување само очите иж ги откраднав. Во кусите ноќи и тие ми се губеа. Јана, кучката, да ми знае да се умилкува па јас не ни видов кога ми истече паричката што ја донесов. Купи ова, купи она, еден такам друг такам, за сватот, за сваќата, за блиските и подалечните, за девери и золви, за снаи и внучиња, вели Една свадба ќе правиш, друга нема, нека запаметат во селото кога Борис ја даваше задната мома! Змијчиња да ми ти иж шетаат во очите, ете така, оти навистина имаше право, ако не удрат три рала свирки ќе речат Борис поарно да не си се врнел дома! А Вета и Виша туку праќаа нишани дека и тие ми се ќерки само јас веќе немаше со што да го потврдам тоа. И кога пукна срамот тие најмногу се радуваа. Тоа беше вака. Јана моја и она нејзино прле не оделе кај другите деца што се собираа по сокаците, туку да си ги ваделе очите по градините и негде при крај на летото, кога јас имав ископано еден куп прелози и јалови ниви, нејзе мешето иж се наду како фуска, а мене толку и ми требаше. Грабнав еден прт и ја изловав од дома. Џенем ороспијо, очи да не ти видам, пет мориња рацапав зар ова да ми го сториш? И не само што ја изловав од дома, туку не иж дадов ни крпче. Навистина, што се случи со мене? Ја преживеав борбата, по светот талкав, Олгана моја ја оставив, сè фрлив во вода, сите тие години додека сум го тргал чаркот низ планините, сум потпишал нешто што други би го измочале, – зошто? зар ова да ми го направи? Добро е што на тоа се сврши, што не сум црпнал сор или секира. Тогаш втор пат ги видов селаните собрани во мојот двор ама јас како што замавнував по Јана, така го вртев пртот лево и десно по селаните. Се разбегаа викајќи дека сум си избегал од умот. Сабрија не беше дома, отишол на овците да го одмени помалечкото, а Вани со тракторот вршеше по гумната. Кога сите се распрчкале сум го фрлил пртот, сум го прескокнал плетот на Сабрија и сум го нашол мојот црвен и гол коњ. Мене ми беше смрачено во главата, не знам што и како, ама после селаните кажуваа по село дека сум бодињал по сокаците како луд со црвениот коњ, сретсело сум го овртел пет пати, преку порта сум влегол во тремот на црквата, а после сум чукнал по вратата на Нанчовото кафе за да се напијам и да се опијам. Што сè не прикажуваа селаните, ама едно беше вистина, јас ја набркав Јана, не иж дадов ни парталче, и оттогаш ниедна од ќерките не сум сакал да видам во дворот пред порти. Не ни сакав да знам дека Јана со денови спиела во племната додека најпосле не отишол оној нејзиниот и не ја потерал кај себе. И свадба правеа, свирките и тапаните дури до мојот двор се слушаа, Вани и Сабрија со шеј иж отидоа, таму бил и братот мој со жената, целото село се собрало, ама јас се имав затворено в куќи до мракови а после избегав во ридиштата. Таму ја преболував болката. Ама преболува пустата? Преболува скршено, преболува рането, преболува драснато, и сечено со секира, брцнато со нож, удрено со рог или стап, ама болка затната во срцето не преболува. Може да замре, да се притаи, ти да мислиш пепел а таму само спуза. Акав не знам ни јас каде, по најгусти честаци каде не може ни секира габер од глог да раздели, по црни трапишта каде сонцето никогаш не слегло, сум го поминал дури и нашиот синор, не сум јал леб со денови, а којзнае дали и вода сум пиел, додека не сум паднал на некој прелог. Среќа моја што прелогот го паселе овци, а Вани на Сабрија го вјавнал мојот црвен коњ и одел од рид на рид, викал и во денот и во ноќта Ооо луѓеее! Ооо овчарчињаааа! Да не го видел некој Боризаааа! Некој од оние на Миљко ме видел на Танчив Прелог, извикал Има еден пласнат горе во прелогот! Вани дојурил, ме црпнал, ме префрлил пред себе на коњот, сум бил како вреќа, и така ме донел во мојата куќа, ме спружил на рогозината во големата одаја. Чекале да скинам, ама јас сум клоцнал еднаш, двапати и сум седнал. Стрико Борисе! писна Вани и ми се фрли. После чув и уште еден глас, гласот на Белиот на Бељо, му вели на Вани полн со некоја радост Ти велев... еден комунист не умира туку така! Ај не туку лај! му рече некој, а кога се свртив го видов спокојното и питомо лице на Сабрија. Тој секогаш имаше спокојно и питомо лице, очињата полека се вртеа со една блага кожлинка преку нив, исто така и покроце зборуваше, и тивко. Е братучед, се стори, нема назад! ми рече. Вани не ги остави многу да дробат, сите ги напади, остана само тој и мојот брат. Брат ми седеше скраја на рогозината, ги свил нозете под себе и молчеше. Молчев и јас и мислев ќе стани и ќе си оди без да ми проговори ни збор. Ама Ванчето, кучалето, истрча од одајата, рече дека ќе одел нешто да донесе па останавме сами, јас и брат ми. Еден спроти друг. Тогаш видов дека е остарен, лицето му се собрало, му се обесило, веѓите и косата до корен бркнати во млеко, толку му беа бели. Само очите не му беа менети, пак така тврди и студени и кажуваа дека знае што поминал и што го чека. Беше постар од мене со некоја година и друга ама вака кога ми седна сосема близу разбрав дека тој повеќе претргал од мене. Тука сум само да ти кажам два лафа, а добро е што сме сами, ми вели. Ти ми се налути што не ја потпишав онаа книга за да си дојдиш! Е, сега гледаш зошто не сакав да ја потпишам! Не сакав да си ставам грев на душата ни за добро ни за лошо. Јас ти сум брат и од едни жили сме потерани, ама секое дрво само си расте! Толку ми кажа, стана и си отиде. Тогаш открив дека не сум го мразел, ама не скокнав и не му се фрлив во прегратка, го пуштив да си оди без да му проговорам иако тој и не очекуваше лаф од мене. Чинам опаку ми беа и гордоста и инаетот. Тој ден му реков на Вани да ме остави сам. Го нападив и си останав со големата дупка во градите, како да го немав веќе своето срце. Летото изврви со многу дождови, луѓето одвај си го собраа бериќетот. Јас немав што да берам. Ги откопав пататите од дворот, од градината и од меѓата и ги пренесов во килерот. Се родија многу патати за чудо на селаните. Види види, како прасиња машала, рече Белиот на Бељо наоѓајќи ме како ги откопувам. Не му реков ништо, а тој како мува, вели Ти знаеш и други работи! Вакви патати ние купуваме од Мегленијата, а тие палените и тука да ти се чинат! Им велам јас на оние наши рочковци дека комунистите знаат како треба и со човека и со земјата! Кога не му го зедов лафот, си замина, а после се расчу по селото дека јас сум знаел комунистички марифети со земјата, затоа ми родила толку патати. Некои постари селани прип’раа во мојот двор, ги гледаа големите оџаци од каде ги имав собрано пататите, правеа ццц и си заминуваа. Од тоа ли, или што ја нападив Јана, повеќе се закопчаа пред мене и гледаа да ме одвртат ако ме видеа во сокакот. Не ми падна толку тешко ни од едното ни од другото и пред тоа бев сам како вунтур, ама еднаш Вани на Сабрија ми вели Стрико Ворисе, ќе ти кажам тежок лаф – не направи арно што ја напади Јана. Само да знаеш што има претргано, мислам сите три... без мајка и без татко... стринка Цоца за своите пулеше... Стоеше отаде плетот и ми ги кажуваше тие зборови, а кога јас ја кренав главата додаде На коњот му ставив самар, го прими, дури и дрва товарив. Има уште малку страв, само кога е врзан за кобилата ништо не му е... Да го до несам да го врзиме во твојот катој? Ме замати, кучалето, прво за Јана, за момите, а сега за коњот. Зар уште е мој? му велам, не, не носи го ваму, внучко, не притурај и ти на моиве рани! Ја оставив работата недоработена и си влегов в куќи. Нему можев да му кажувам, можев да се раслечам пред него, му фаќаше латвицата, ама овој пат и тој ми брцна нож в срце, сака да ми го врати коњот за да немаме одење идење, тоа! Тогаш не ми го донесе коњот, а друг пат не можеше. Оти кога ме побарал пак, јас не бев дома. Уште ноќта, засолнат од темницата, избегав од селото. Избегав, така се вели лафот, оти каде може да се избега во една педа земја? Сум ти слегол во Воден, ден, два, по анови и колипки, па уште подолу – Пазар, Негуш, а до Солун не слегов. Во Негуш надрабав на уште еден Вани, овој беше оној Урумовиот што одеше со една дрвена нога. Влегов в меана да локнам нешто, а тој таму играше комар, имаше собрано многу пари па го имаа овртено десетмина како волци. Гледам ќе го јадат детето па застанав крај него и по нашински му велам Фаќај думани, внучко, многу волци гледам околу тебе! Тогаш му светнаа очињата, ја тргна раката од патерицата со која сакаше да замавне и ме седна на столот до себе. Што им ебам мајката, вели, седни тука асолно да се видиме со тебе стрико Борисе! и му викна на шанкушот вотка да донесе, па мене Ти ништо не си ми кажувал за нашата Русија! Оние што се вртеа околу почнаа да се требат еден по еден. Останавме јас, тој и неговите пари. Се напивме вотка, пиевме и метакса со ѕвездички и не знам уште што, а не знам ни што сме зборувале. Првин ми стрежеше душата, си мислам ќе шепне некој в полиција. Вани по нашински, а јас дробено – нашински, грчки, руски – каша. До негде и умам што сме дробеле. Нè растурија, вели Вани Урумов, ни го напикаа ете олкав оти кога прснавте да бегате овие крилја си ставија! Не бегавме, му велам, а знаев дека беше во право, не само што бегавме, туку не се ни обѕрнавме да видиме што останува зад нас. Овој Вани е бел како снег, и кожата му е бела, и лицето му е бело, а косата и веѓите најбели и од најбелото. Тој бе- ше задната семка на Мици Урумов и на Виша наша. Вани продолжуваше За ништо не нè есапеа напкум! Мене ногата нарка ми ја скина, нивна нарка и не ми припоможаа – на нивните што не им даваа, така да знаеш! Стрико Борисе, ти си смел човек, вели, не знам кога го рече тоа, на почетокот или кога се ламкавме по улиците, вели да тргнеш од пичка му мајчина и да си дојдиш дома!... Овој Вани не беше учено момче, војната го остави и без писмо, ама некому и не му треба многу писмо за да ги одбира работите. Урумовата тајфа е растурена. Најстариот Гони бегал од македонската бригада во Битола кога овие тргнале балисти да ловат, ја цапал Црна и снеговите на Кајмакчалан па сиромашкиот и како да не се вратил, умре по месец два. Ичкото, со мене ги шеташе планини- те, водеше диверзанти по воденско и мегленијата, креваше камиони и убиваше бурандари, сега ти свил брлог отаде граница, во Битола. Едната сестра во Владово ја дале, а другата Кољо Филин ја црпнал. Мици, таткото, умрел апансас, на вратот на Вани ги оставил Наско и Вани. Наси сега е домаќин, има жена од Пицовите, ама повеќе клечи кај другите отколку дома. Јас не сум ги знаел овие работи, ама Вани ми ломотеше во таксито што не донесе во Воден, во центарот подзапре, Вани се подаде и нешто му шепна и нешто му тутна во раката и така не нè растовари во градот туку не претера угоре, до селото. Ти било недела и ти било крајот на денот, сенките од ридовите паѓале врз селото – жените пред порти, мажите и момчињата во кафето а децата по сокаци. Таксито нè растовари пред вратата од кафето Нанчово. Така продолживме да пиеме, јас и Вани Урумов, сами, на една маса. Ние пак можевме да пиеме, и пиевме повеќе од сите други. Од ќошот се јави гласот на Сабрија, вели О Борисе, долго те немаше! Тој таму играше карти – друга мана немаше мојот братучед, ни пиеше, ни цигара палеше, да простите ни по друго подаваше глава, ама картите му се имаа пикнато во семката. Здраво Стрико Ичо, му викна Вани, не ти врви некако, малечко купче гледам пред тебе! Ах, присторе Сабрија купчето се врти, тоа ти е како тркалото... Јас ги загубив од пред очи сите, ја стиснав чашата со двете раце и се опулив во неа. Еднаш му пи- шував на братучедот Цано во Скопје, убаво паметам, така, за тркалото, му пишував нашите селани забораваат дека животот е тркало и дека се врти, е... така си е тоа со тркалото само ако те нема исфрлено од спиците! Ја кревам главата и го прашувам Сабрија, му велам Вани твој не го гледам, о Ичо! В планина е, рече, со коњот и со кобилата уште рано замина, вели, ништо не го бери кога се загуби ти! Ичо на Чонголот, селското проедро, да ти биде таму, зад нив, му го слушнав гласот Ти Сабрија да си го припулиш детето, нека не шета толку со тој црвен коњ! Вани Урумов ги плесна рацете, вели Браво за проедрото! браво за проедрото! Стрико Сабрија добро ти вели човекот, да се вјава црвен коњ е опасна работа, е! Што велиш ти стрико Борисе? Нанчо почна да ни ги гази чашките, ама јас му вреснав, му велам Ако немаш вотка може и Метакса, за тебе не е важно каква е парата! На една друга маса, таму крај џамот седеа три-четири прчиња, Тодекузевиот, оној грбавиот, еден Миљков, мислам оној што ја има Пена на Сабрија и што секој ден ја толчи, и едно друго, едно сувло, Ѕ’гово да ти било, внуче на Пени на Тотле, она што остана без мајка кога Пени ја уби мајка му од катојот пробајќи ја пушката. Тоа за цело време напоречки ме гледаше, не знам што му имав згрешено. Јас сосема се имав опулено, како ништо да не сум сркнал. Го прашувам Вани на Мици Урумот, му велам Она петле на Ѕ’гата ли е? Ѕ’гово, вели, внук на Пени на Тотле. Тогаш се свртив кон нивната маса и право во него Како ти е името тебе? го прашувам, а тоа Не е твоја работа моето име. Јас со тебе ништо не сакам да имам, додаде. Ако де, ти пак немај ништо, туку ако си му внук на Пени на Тотле чини му здравоживо од Бориса Тушев. Тука сум едно лето а сенката уште му ја немам видено, му велам. Гледам во момчето нешто се собира, по кожата на лицето му се појавија црвени дамки, жилите од вратот му скокнаа. Стрико Борисе, зашто правиш лаф со тој мајмун? вели Вани, Пени не бега само од тебе, како да му е срам што лежел два- есет години на островите! Тогаш вресна Ѕ’говото Стрико ми ли? вели, тој? Сигурно дека се срамува кога кашата други му ја заматиле! И сега се обидуваат, ете овој што се врати од онаа црвена земја, и Белиот на Бељо, комунистот селски! Врти околу и лае, вели сега сме двајца комунисти! Имаш право, иако за него знаеме каков комунист ми е, ама ти... и по- кажа со прст на мене, ти... се знае работата, во селово влезе на црвен коњ за да се пошегуваш со нас! Во нашево село немало црвен коњ, никој не памети некој да имал црвен коњ, а ти бап – како капидан! И ај да е некој коњ, ама тој само за в катој! Уште долго лаеше кучето ама јас си останав мирен, спокоен, ништо не се поткрена во мене, ништо како да не беше навредено, оти никој од нив и не знае што е со мене, каква ми е работата. Камо среќа да беше така како што лафеше, ама поинаку стоеја работите. Со муцката на Ичо на Чонголот, и со забењето на ова Ѕ’гово кучале селото проговори за моето враќање. Гледам на сите како да им сум глотка. Оние што играа карти ги оставија и се вслушаа. Никој не застана ни на негова ни на моја страна. Оти јас продолжив, му реков Е слушај малечок, да ти кажам за стрико ти Пени. Во селото имаше една матошина и него го фатија со црвена петокрака в џеб, друго ништо не му најдоа, после го мерметисуваа долго, коските му ги испокршија и го осудија на сто и кусур, ама не ги излежа сите, го пуштија! А ти нему вака кажи му, чини му здравоживо од мене Борис Тушев. Додека бев во Русија му пуштив пљачки и парички и сега не сакам метании да ми прави заради тоа, ама и сенката не ќе му ја изедам ако го сретам на сокак! и заборавив на него, на тоа Ѕ’гово кучале. Се опулив во луѓето, во селаните, во домаќините што не си ги имаа испиено чашките со ракија, ги прашав Ќе ми каже ли некој зошто се вратив од онаа голема земја? Ме гледаа и се чудеа. Дури ни мојот братучед Сабрија не можеше да се совземе. А мојот брат знаеше, ми кажа тој мене, рече од еден корен сме потерани ама ветерот секое дрво побашка го бие. Умен е тој. Знае и што ќе се случи со мене, ама не ми кажува. А да бидам искрен, знам и јас. А овие што ги имаат наведнато главите? Сполај ти Ванче што ме донесе в село, му велам на Вани Урумов, бркнав во пазувите и оставив пари на масата. Си заминав право, цврсто, како да не сум испил ни капка пијачка. После станала маканица во кафето оти оној Ѕ’гов ми кажал грд збор за мене а бастунот со кој се потпираше Вани да ми ти стигал до нивната маса, ненадејно го акнал по рамо и го кутнал на земја, им се заканил и на другите, вреснал Се уплашивте, а, и со еден комунист беше тешко а сега со двајца каде ќе ни е алот? Станал и си отишол во Љакиевата позимата куќичка, кај жената и кај детенцето што му се родило пролетоска. Велеа ретко тој одел кај својата жена и кај своето дете. Со недели врз земјата течеа дождови, ситно и грдо. Водата во реката полека растеше, се ширеше врз камењата, се накачи дури до меѓата. Повеќе не можеше да се скока, само преку мовчињата се поминуваше. Водата прво беше многу матна, а потоа полека се избистри. Ама додека таа се избистри дождовите слегоа подолу во Мегленијата и на кај солунско, а нашите ридишта ги посла бел снег. Селаните ги позавршија работите понадвор, посеаја што требаше да се посее, донесоа дрва колку пгго требаше да се донесе, ги наполнија амбарите со жито и пченка, со овес и просо, со сусам, костените ги исчопкаа со чопалки, овците ги отераа на к’шла - им остана да се собираат по куќи, в црква и во кафето Нанчово. Троа троа си прибрав и јас за в зима: костени, патати, дрва од планината, купив и жито малку, дури и семе пред дождовите ама нивите не ги изорав и не ги посеав. Последен пат кога брат ми беше кај мене ми кажа два лафа, ама знаев дека третиот не ми го кажа. Луѓето се стрежеа, се копчаа пред мене, ме фати катара, си ги нападив ќерките - останав сосема сам. Вани на Сабрија замина со овците во топлите места каде што немаше снег оти толку овци не се презимуваа само со раначка. А Сабрија или дома си седеше или играше карти во кафето, сè поретко и поретко наминуваше кај мене, а и кога ќе дојдеше се тутулеше на голата и студена рогозина, како да немаше што да ми каже и што да ме праша. Еднаш седиме нога преку нога, турски што се вели, пулиме во оџакот каде гореа корења што сум ги вадел летоска, му велам Тебе ќе ти кажам, те имам близок и пријател, мојот брат навистина не влегува во мојата куќа, ама јас не го мразам! Чудно ти е, си мислиш, нели не сакаше да ти ги потпише книгите? Е, ништо не е тоа. Знаеш што ми рече летоска кога Вани твој ме донесе од планината? Од еден корен сме вели потерани, ама после секое дрво само си расте и побашка ветрот го бие! Толку кажа и си замина. Ете, тоа сакав да ти го кажам! му велам на Сабрија. Сабрија ја крена главата, лицето чудно му проблесна од пламењата во огништето. Добро ти рекол, песот! вели. Работата е во мене, му велам, затоа не го мразам. Си ја нападив Јана, и другите ги изловав. Навистина, Јана ме скрши. Ти мочам јас на срамот што ми го товари, туку друго ме скрши, му велам, тоа што јас и крај неа бев сам. Никој не ми е крив за тоа! Сабрија не очекуваше дека натаму ќе го свртиме лафот, се протегна, вели Време е да се префрлам преку плет – коњите да ги припулам. Си отиде, навистина требаше да ги припули коњите, да им се стави слама, да не се замотале со ортомите, така нешто. Мојот црвен коњ сè уште беше кај нив. Вани навистина му имаше ставено самар, и товар го имаше товарено, ама друг тоа не можеше да – го направи. Мене ќе ми го прегризише вратот кога се обидов, а и ме клоцна, со колената, како човек. После не се обидував, му го оставив на Вани, му велам што сакаш прави со него, јас кревам раце, а можеби и поарно беше што му го оставив. Ноќите не знам дали беа студени од тоа што секаде имаше снег или од тоа што јас лежев сам врз рогозината и гледав во сенките што играа на таванот! Ме копкаше она што не ми го дорече братот. Ноќите беа долги, далеку негде завиваа волци, а кучињата нигде ги немаше. Сонот ретко ме стиснуваше со својата измама. Очите ми се овртеа со темни тркала, веѓите ми клапнаа, а и косата скреж ми фати – апансас ми обеле. Наутро гол се појавував во дворот, се триев со снег по голата снага и таа ми стануваше црвена како рак. Дечиња завиткани во палтенца и скриени под капи доаѓаа да ме гледаат, а жените и другите шавнуваа зад прозорците. Едно утро ме начека братот, зад себе го водеше коњот и одеше некаде. Јас веќе се имав истриено со снег и ги правев вежбите на синдрофот Ставропулос, клекни стани, врти сучи, напред назад, лево десно, и гледам запре и ме гледа. Тебе да не ти се крена умот? вели. Уште не ми е кренат, му велам. Каде правеше така, во планината или во Русија? прашува. Сегде, и во планината и во Русија, му велам, мораме да имаме сила, јас топови влечев, чаркот го тргав. Ти имам мавано со гранати и по Воден и по Лерин и врз Негуш сум ти клавал, а Коница ни беше опаку, му велам и се облечувам. Во Русија сите вака прават, наутро пуштаат музика и старо и младо ми го прават ова за да бидат здрави како дрен, додавам. Добро, рече, кога е така белки ќе издржиш! и тргна да си помине. Чекај, му викам, можам и јас да дојдам со тебе? Не ми рече ништо, ни дојди ни не доаѓај. Трчаница си ставив војнички чевли, се облеков добро, ја црпнав секирата и вјасеничкум по него. Го настигнав кај племните. Снегот беше голем, до колена ни стигаше. Северот поземаше, во очи ни фрлаше. А ти по дрва по ова невреме, му велам, што ќе ти се кога имаш и за три зими? Дома не се доседува, вели, а и добичево да се размрда. Горе, во костените не дува, додава. Така излеговме во костените, а таму една мајна – како да си во друго место и во непознато место. Снегот се налепил на гранките, ги свил дури до земја, а под нив – суво. Го врзавме добичето и му се загнавме со секирите. Так так так, се носеше меѓу костените. Одвреме навреме од гранките паѓаше снег, сами како да се затресуваат големите дрвја и ја фрлаа белата облека. Насековме доста, ги накитивме ама не го товаривме добичето. Запаливме голем оган и седнавме околу него. Сакам да ти кажам, му велам, ова... ти мислиш те мразам... не... не те мразам и за ништо не те окривувам, му велам. Тој ги рашири рацете врз пламенот, ги топли и итро се насмевнува. Не ме мразиш, велиш а? Ама ако сакаш да знаеш јас те мразам, ако си ми брат, многу те мразам, ми вели. Не ти кажувам зошто те мразам, ако имаш малку во латвицата сам ќе се сетиш, вели, сврте на друго, почна да зборува за Пени на Тотле, рече Го ќовтеа дваесет години по островите само за една црвена ѕвезда. Каква е таа ѕвезда? Малечка, нели искра, како оние на небото кога е јасно! Е, а кога му ја отворија вратата и кога му рекоа дека може да си оди – што остана од неговата ѕвезда? Се затвори в куќи и не се брка со луѓето. Уште ако му стои ѕвездата – добро, ами ако ја има загубено? Малку папса, колку воздух да земе, па ми се сврте мене А сега тебе да те опитам нешто... Каде ти се годините? Господ? Кој те води? Што те турна наваму? Не ми кажувај, не сакам да чујам, што и да ми кажиш ќе биде лага оти ти си морал да платиш со нешто за да си дојдиш! Не ти верувам јас ни во твојата црвена вера ни во твојот црвен господ! Прифрли уште дрва во огнот, потоа си го товари коњот и си замина. Пламењата ми играа пред очи, се креваа високо, горе во гранките се топеше снегот и капеше во огнот, така и ми угаснало пустињето. Не знам колку сум седел и кога се угаснало, не можев да се совземам од зборовите на бра- тот оти сè она што кажа за Пени на Тотле можеше и за мене да го каже, и ми се чини дека тој воопшто и не мислел на Пени туку на мене. Се сепнав дури кога слушнав како низ костените завиваат волци, па иако бев храбар, прснав како без очи кон селото. Дури кога се натурив по скрката кон селото видов дека се смрачило. Селските кучиња лаеја на сите страни и ме наполнија со некое чудно спокојство. Пес е мојот брат, си мислев, тој навистина ме мрази! Не знаев дека толку многу го боли што не сме успеале да ја свршиме работата, тој многу години беше проедро ама си пастрел и инаква искра во себе, а кога видел дека нè пуштаат да се враќаме му се угаснала и таа палената. Ние сме предавници за него, ете тоа му шеташе на врвчето на јазикот ама не го кажа. Вели каде му е петокраката сега. Значи мене ме прашуваше каде ми е црвената надеж, каде ми е црвениот господ, вели ти немаш ни вера ни господ штом си потпишал и си се вратил, ти повеќе не си ништо. Не сакав да те имам на грев, рече, затоа не ги потпишав книгите. Знаел песот дека ќе се роди црв во мене, а црвот цели костени ми ти изгризува а не едно човечиште како мене. Навистина, какви ветрови задуваа во мене што ме дотуркаа до толку далеку? Таму ми беше јасно, таму знаев зошто се враќам, мислев не е важно што ќе ти ги сменат пљачките, важно е што ти останува истата снага. Ветришта. Песок. Мислата да ти остане нечепната, да не се заптиса патот меѓу мислата и срцето! Којзнае дали го знае тоа мојот брат. Такви се тие работи, ама на крајот на краиштата тој пак е во право, оти мислата ако не ја префрлиш во друго срце поразот навистина е срамен. Што можам јас овде? Белиот на Бељо вели сега сме двајца комунисти. Не знам дали сме двајца, тројца или повеќемина, ама селаните повеќе ги плаши мојот црвен коњ отколку јас и тој. Си имав еден Вани додека траеше војната, си го однесов и во Русија, ако требаше под мишка си го ставав ама си го носев, не го оставав далеку од мене, ми свиркаше и ми пееше, му се радуваше на животот за двајцата. После ме црпна Олгана моја и заборавив дека тој и за моето срце пееше и свиркаше, сум ти го оставил сам да пафка со крилцата, а крилцата да ти му бидат кревки и слабички, не ми го додржаа. Требаше да си го врзам под мишка, сега сигурно уште ќе живееше. А Вани на братучедот Саб- рија немаше ни песна ни свирка во устата, ама срцето му беше широко и во него имаше место и за мене ваков каков што сум недоделкан и голем. А во Негуш го најдов и третиот Вани, Вани на Мици Урумов. Овие двајца Ваневци дома имаат пушки, ноќе излегуваат околу селото и држат пост, се вардат од некого и од нешто, ама не знаат од што и од кого. Еднаш Вани Сабриин ми рече Не знам што чуваме и од кого чуваме, стрико Борисе, Русија е далеку, а ти и онака си веќе в село... Слатко се изнасмеа ама си замина на постот оти пушкарите си имаа командир, Наси Урумов навечер клаваше пиштол на појас и ги вртеше постовите. Само додека ги обиколуваше во темницата можеше ли да ме набрка од мислите на Вани Сабриин и на Вани нивен? Тоа беше мојата надеж. Тоа не го знае мојот брат. Само од надеж ни семка се фаќа ни век се продолжува! Децата си ги набркав, им реков не го дробам ова што ми останало од татко, инаку зошто сум се враќал? Ама зима голема, снегови длабоки, цел ден в куќи и човек не може да се одбрани од сопствената мисла – станав, пратив гласници и ми ги викнаа, ги наседнав на рогозината, тие главите удолу, а јас им велам Срам дека ми фрливте ми фрливте, дека вам не ви требал татко не ви требал, што ви требало сте си нашле. Кога ми пишувавте во писмата како немате солзи сте имале право, сте немале зашто, не сте сакале да плачите, а дека немало никој ни лево ни десно ни напред ни назад исто било вистина, е, ама нели јас сум пусти татко, сум ве кревал и сум ви ги опулил очите? Не можам без ништо да ве оставам на овие прчови! Ве викнав да ви кажам, снегот е длабок, ноќите се долги, јас спијам на гола рогозина, некое сабајле ќе нема кој ни да види дека не сум станал, така, за мене од сите нивчиња и од сите дрвца задржувам само: дворот, градината, три костени, црешите крај гробишатата со сè нива, лозјето и ништо друго. Другото ви го оставам вам, ама да си ја кршам главата што кому, тоа не ќе можам. Вие сами си знаете што каде има па сами и корнете си ги косите! Така им кажав и ги нападив оти сакав да си бидам сам. Не чекаа двапати да им се кажува, си ги подвија опашките и низ врата. После не ни чув кој што, каде и колку добил – знаев дека цел живот ќе има за што да се лајат. Четвртидел Зимата не ја поминав само дома на рогозина, со секирата шетав по зелениката и по смреката, задрабував и во најчест габер, наоѓав зајачки брлози и на лице место сум им ги сечел вратовите. Оти кога зајак ќе скокне од легало, а околу намети од мек и брашнест снег, нема каде, туку право под секирчето. Изедов подоста зајаци, ги делев со Сабрија во неделите колку и јас со нешто да му се оддолжам на човекот. Ама слегував и в град цапајќи го сам снегот. Душата ми горе- ше за пијачка, а срам ми беше да одам во селското кафе, а башка што луѓето ме одбегнуваа, се плашеа дури и дирата да ми ја настапат, како да префаќаше. Бев открил едно меанче накрај град, малечко и затнато од кадиш, ама можев да седнам на маса и сам да си ја испијам пијачката. Така сум ти заушил едно женче, малечко, дробно, црно, влегуваше во меанчето, купуваше нешто и си одеше. Не знам како и зошто, ама секогаш кога ќе влезеше мило ме погледнуваше и тогаш чинам куршум ми протеруваше низ срце, и толку – на заминување ни да знае дека сум таму. Еднаш ја оставив пијачката и по неа, ама така да не види дека одам по неа. Ми те ме изм’кна сосема накрај, во лозјата, во каменот. Таму чадеше една колипка поклопена од снегот. Ме зауши и ме почека, а јас Тука ли живееш? Тука, вели таа пеејќи, татко ми е стар и болен! Влегов да го видам човекот, да го прашам за здравје, а ако треба и да му поможам. Ама не се можело, по недела, по две ми умре пред очи. Зборуваше некој јазик што не го разбирав, а додека го закопувавме таа ми кажа сè – Арбанаси да ти бидат, од костурсконо ми ти се подале наваму, ја купил оваа педа земја, ја налепил колипкава, лозјенцето го насадил и легнал да умира, друго ми немал ништо. Таа имаше убаво име, Дрита ја викаше стариот, а тоа ми ти значело зора. Е, јас ништо не иж кажував. Често слегував од селото, донесував по нешто, мислам најмногу патати макнев на грб – поседував, ќе и го чуев гласот, и си се враќав. Тогаш не сум ти ставал ни капка ракија в уста. Преку ноќ ја викав Олга, сакав да ме доварди, ама не само што не ми доаѓаше во сонот, туку ни очите нејзини не можев да ги видам, се губеа во темнината. Еднаш го забрав Сабрија, му велам Да слезиме до градон, а? а нему непара му се тргнуваше по такво време, по снег и ветер. Беше ведро и студено, снегот ни го фрлаше сонцето в очи и скоро ослепени стигнавме во градот. Го однесов право во колипката. Ова е Дрита, му велам, јас сакам да ја земам за жена, што велиш ти? го прашувам, а и Дрита тогаш прв пат слушна дека сакам да ја земам за жена. Таа не се ни зачуди, а Сабрија се тегавеше, сакаше да знае која е, од каде е, зошто се вика Дрита, чие е ова лозје, и не ти знам уште што, па мене ми домачна да го слушам и го забрав пак назад, душата низ нос му ја извадив, олкав го имаше јазикот кога стигнавме в село. Што ти требаше лебати толку да ја должиш? му велам, јас те одведов да ја видиш а не и стројник да ми бидиш! Тој долго не можеше да си дојде до здив, најпосле рече Добро што тебе ти се вјасаше ама јас зошто по тебе како загар трчав? Така си е тоа, му велам, ако некој трча пред тебе сакал нејќел и ти ќе држиш чекор со него, туку – што мислиш, а? Таа не е многу помлада од мене, десетина и нешто, толку, само оти е дробна доаѓа како да е девојче! Сабрија се поткрена од рогозината, се насмевна и вели Е, ако си намислил и ако таа сака нема зошто да акаш по меани! Ништо не му реков, дури не ни покажав дали ме радува или не, едноставно избегав од кај нив, си дојдов во мојата голема одаја, го запалив огнот, фрлив големи корења за да траат цела ноќ, легнав крај огнот и сум заспал како топ. Излегува како да не знам кога сум се симнал кај Дрита, ама се мислам дека не дочекав да се крене снегот. Штом се појавија првите жолти глави спреж прснав удолу. Таа ме прифати отсекогаш како да ме познавала и долго како да сме биле маж и жена. Првиот пат кога ја ставив под мене се уплашив да не ја смачкам, толку дробна ми се виде. Ама да ти биде полна само спуза, ме запали како фитил, и како со нарка ме крена, ме вртеше и ме месеше додека сосема не ме папса, само фитилот во мене не угасна. Заживеавме ни добро ни лошо, како на мои години. Бргу дојде пролетта, снегот се крена, водите истекоа, лозјето наудри илјадници пупки па му се загнав со режачки ножици, од лево од десно, на една пет, на друта три очи – за ден два сум ти го направил како кокона. После му удрив и копање. Дрита чинеше застани пред колибата и гледај во мене. Јас донесов и малку парички, таа двапати во неделата слегуваше в град и купуваше храна. Сонцето по цел ден грееше, ја осуши земјата, ги стопли пупките и потераа широки лисја. Јас знаев дека е време и в село да скокнам да го изрежам и моето лозје, овде сум ја свршил сета работа, дури и плетот го прибрав, му наклавав глогови колку човечки бој по сите страни. Си мислев нека помине и оваа недела и утре заедно ќе појдеме в село да ја види Дрита мојата куќа, белки не ќе мораме ваму да се враќаме. Оти топло бевме излезени надвор да ручаме и да молчиме. Ние двајцата малку зборувавме меѓу себе, таа не знаеше грчки а јас од нивниот јазик ни лаф. Така јадиме, молчиме, го гледаме лозјето. Очите ми ја поминаа глоговата ограда се накачија во каменот, па сум ја фрлил лажицата. Она над лозјето чие место е, ја прашувам Дрита, а таа скоро уплашена Татково беше дури над камењата! Скокнав и ја црпнав како дете и со неа отрчав горе, го прескокнав плетот и трњето. Знаеш ли што ќе правам тука? ја прашувам и додавам Знам дека не знаеш. Е, па да ти кажам, тука ќе соѕидам куќа, моја, твоја – наша, и оттука ќе си го пулиме градот! Дрита не сакаше да верува, ломотеше Улаво едно, та каква куќа во овој камен! Тука само гуштери и змии живеат! вели таа, а јас Ќе видиш, ќе видиш! Се радував како дете. Првпат откако сум вратен најдов радост во моето срце. Таа тоа не го знае, таа не знае дека досега не сум бил среќен. Ќе ја кренам оваа куќа, а нашите синори ќе им ги оставам без моја миризба, така дазнаат! Тоа дека сакав да градам куќа ме позеде како пролетна вода одеднаш кога надоаѓа. Нели фаќа такво некое време кога се изненадуваш од сè околу тебе, сите стари и видни работи ти се прикажуваат нови и поинакви, така некако. Не знам што сакав да докажувам и кому, ама јас се грабнав со ридот, со црвеницата, со каменот, полека влегував во него, ги требев змиите и гуштерите и нивните седела, со денови така, со недели. Не знаев за починка, од мрак до мрак. Дрита доаѓаше, ги броеше отепаните змии, се чудеше, со бубаќни крпи потта и земјата од снага ми ги бришеше, леб и вода на камењата ми оставаше и со страв гледаше во мене додека надве-натри го лапнував јадењето. Неколку пати се обиде скришум да фрла камења, ама јас ја падев не ја оставав. Првпат кога дојде Вани на Сабрија вјавнат на црвениот коњ јас веќе имав дупено дупка во каменот, голема дупка, дури ја имав и зарамнето, исчистено, и каменот настрана на куп, а земјата на другата страна, исто на куп. Тој викаше Ба ба ба стрико Борисе, што е ова чудо! а јас му велам Дупка во каменот, внучко, што друго! Гледам дека е дупка, ама што ќе ти е? прашува. Тогаш му се доближив до увото и право во него му кажав дека куќа ќе правам, ама и му се заканив со прст никому да не кажува. Така и се разбравме со него. Тројцата ручавме во лозјето а горе во прелогот шеташе голем пламен – нашиот голем и црвен коњ. Иако јас му залепив светлина во очите, иако му го раступкав срцето. Вани сепак ме натера да си ја наведнам главата за да не ми види матно во очите. Ми кажа за кобилата нивна, имаше нагорено влакно, жилава и дробна беше, нашиот црвен коњ само крај неа се чувствуваше сигурен, нејзината близина како да му влеваше особена доверба во нас луѓето. Ова лето ми ја искасале пчели, диви или некое избегано улиште. Со татко му береле цреши на Дупен Даб, кобилата била врзана кај костенот, а коњот околу неа слободно аџамисувал. Вани и татко му биле качени на црешите и едно време чуле како из’ржал коњот, се расклоцал и како црвено веленце јурнал низ шумата накај селото. Кога отишол Вани да призне од што коњот се потплашил, видел дека кобилата била нападната од пчели, биле налепени врз неа па од страв прснал назад, кај Сабрија. Му кажувам на татко така и така, отиде кобилата, раскажува Вани, ја изедоа пчели, празно место нема на неа! Сабрија се завиткал во едни партали и успеал да ја одврзе кобилата, ама таа немала сили да побегне низ шумата. Вани вели Како што беше стрмно и падина ја соборија и со баботење ја истркалаа во трапот. Страв ни беше да се симнеме додека се слушаше бучава, а после, кога сè молкна, нога за нога се добравме колку да призниме. Знаеш што видовме стрико Борисе? Фуска, беше надуена како фуска! Пчелите забуцани во неа како куршуми и мртви, не знам колку беа, само немаше празно на неа ни колку еден прст! заврши Вани. Тој тоа не ми го кажа вака како што ви го кажувам јас, детето липаше и говореше, како да кажуваше за човек. Не го дојаде јадењето, ама продолжи, вели Овој црвен крњ тагуваше со недели стрико Борисе, ништо не сакаше да јаде! Мислев ќе ми умре па го носев в планина со мене и со овците да разбере дека не е сам! молкна и си ги избриша солзите. Коњот беше во прелогот, одвреме навреме ја креваше главата чиниш знае дека за него се зборува. Сега е како јагне, и дете може да го јавне и да го товари! Време беше да си оди и тој стана онака голем, висок, убав, повисок и посилен од мене, вели Е, седете ми со здравје, а јас ќе удрам направо по шумата! и тргна кучалето без коњ, изврви нагоре, тогаш сум ти го споловал коњот, сум ти го исфрчкал со камења, и мислам првпат радосно из’ржа и летна по него. После не ги видовме ни Вани ни коњот, слушавме само како ечи шумата. Ете така, поседев со главата надолу, па си плукнав на рацете и им залегнав на камењата – абре абре абре, додека не папсав. Ама си имав речено не признавам папсување, и така цело лето – камењата ги урнав, местото го растребив. Е, бидна и летото и куќата. Ја кренавме како што доликува, со камени ѕидови, со греди и врз гредите керамиди. По некоја змија ги шеткаше ѕидовите, ни се пулеше од гредите ама не ја ловевме – в куќа змија велат не се отепува. А да ви кажам јас не можев ни да ги ловам. Телото сè уште ми беше големо и полно со месо, ама нешто имаше пукнато во мене и сега само лежев среде куќа и гледав во гредите. Дрита секако се обидуваше, и доктори мжкнеше, и баби се вртеа низ лозје пред изгрејсонце, ама ништо. Вани дојде уште еднаш, ама ме најде без лаф в уста, пласнат на земја и здрвен. Само очите под клепалата можеа да ми се вртат лево и десно. Стрико Борисе, што е ова со тебе? рече Вани, клекна крај мене и се стегаше да не заплаче. Неговите лафови влегуваа во мене, ама јас не можев да му направам мои лафови. Не знам ни со очите дали нешто му кажав. Така, што се може со легнат човек! Се вртеше околу мене, се обидуваше да ме седне, да ме крене на нозе, ама попусто, кога човек сам не се управува друг не може да го подмести, тежи колку една планина. Што велат докторите, стрико Борисе? прашува кутрото, Дрита му кажа дека ме носеше и на доктури, и баби со тревки и гуштери вели му донесов, ама ништо не помагна. Требало на Ѓурѓовден да се запати спреж, со него можело да се стори работа, велеле бабите. Се измори стрико Борисе, вели Вани, ти папса снагата, а и лаф немаш в уста! Кој ќе ми каже сега што беше она што те истера од село? Светот пеш го имаш одено, нигде ништо не можело да те врзе – и сега така! Не е право ова стрико Борисе! се расплака како дете и прсна угоре прекутрупа низ шумата. Низ големата дупка што ја имав оставено за пенџере видов црвен пламен отаде падината и наеднаш влезе тој во пламенот и заедно се загубија угоре. А и како можев да зборувам, што можев да му кажам? Дека се уплашив да не умрам во светот? Дека ги фрлив под нозе сите години борба само за да се вратам во селото? Знам што ме чека и уште колку ми е останато, ама не се плашам. Сега можам да ви признам, ќе останев уште во црвената земја кај Олга, не ќе се наведнев метании да му правам на Гркот за да ме пушти дома – само гледам годините изврвија, а јас без семка во светот. Реков да видам што останало од мојот корен, така. Само да се вратам и да им се напикам во мислите на луѓето и за зло и за добро, сега само за тоа ми е тешко што не им кажав зошто се вратив. Оти сега кој може да одбере што има во моите очи. Дрита не ме остави да ме лазат змиите, во долгите ноќи го ставаше својот скут под мојата глава и ме топеше со солзи. Не знам од каде толку сила во нејзините малечки раце, како малечко дете ме соблекуваше и ме миеше за да мирисам уште на човек, ми облекуваше нова промена, а и брадата од лицето вешто ми ја стругаше. Знаеше дека можам да слушам ама ништо не ми зборуваше. А може и поарно беше така. Кога дојде Сабрија бев натокмен и променет како да го чекавме уште него за да одиме негде. Седна крај мене, си поплака машки, ми ја стисна раката и си замина без да призне во моите очи. Дрита се наведна и со прегачот ми ја забриша водата од очите. Тогаш таа долго стоеше врз мене и ми гледаше во душата низ очите. Така и ми ти го чула мојот глас и убаво ме разбрала. Уште до вечерта забрче тракторот во лозјето и таа и Вани ме легнаа во приколката, ми ја наместија главата во нејзиниот скут и ме вратија во селото. Оти гледав само горе, во небото, не ни видов кога и како ја поминавме планината. Во мојот двор долго се вртеа додека не пронајдоа нешто како тезгере со кое ме префрлија во големата одаја. Таму ме легнаа врз ново веленце послано врз рогозината. Очите ми се наполнија со мојот таван. Мислам ништо повеќе не ми требаше. Последен дел (кажувања на Сабрија) Татко ми Гони и татко му Туши беа браќа, а јас со Борис братучеди. Во исто време се паднало да се родиме, околу дванаеста, тринаеста година, и заедно им крадевме јајца на луѓето од јаслите и заедно служевме војска во Бер. Тајфата на дедо Туши беше голема, првин се родил Наси, Ичо, Вани па Борис, а и две моми имаше, Тина и Неша. Наси си умре од беснило, го касна Гулаково куче, си легна, си залаја и си умре со пена на устата. А Ичо нивен не се врати од грчкотурската војна, си остана во Микрашија, раскажуваа дека се прејал со мед и си останал таму. Имал блага смрт. После Вани стана како глава на куќата а Борис – по планината со овците. Не беше за машала, му чепкаше раката, за еден лаф нива можеше да му расипи на човек. Уште тогаш беше голем и како мечка, не знаеше што да прави со својата сила. Еднаш и нам ни загинаа едни кошови со пчели иако татко ги имаше врзувано со тел, а на другиот крај на телот– ѕвонци во килерот. Кошовите ги најдовме во Горни Цреши. После беше како посрамен пред мене, ама мед пусти, се изело и се заборавило, па пак си останавме добар ѕевгар. Понекогаш бевме и за плачење и за смеење, се случуваше во едно котле да надробиме млеко, а после Борис чинеше врти врти со дрвената лажица внатре и туку вели Овој залаг е од мојот леб, овој од твојот! Тоа време се падна и она со З’бот, татко му на Кулиман. З’бот беше арамија, дење куц куц со копралата по воловите, а ноќе со арамии ги пљачкосуваа луѓето. Само со Бориса не му излезе работата на арно, беше му извадил едни клопотарчиња од овците додека Борис ги пладнувал горе во Коритото и така сам си нас’ска волк во трлото. Борис низ газ му ги изваде и си ги кладе клопотарчињата на своите овци. З’бот лафел лево-десно дека ногата непаре го служела та инаку ќе му ја сварел попарата на Бориса. Е, мислам немаше таков човек што можеше да му ја свари попарата на Бориса наш! А за време на Албанската војна мене пак ме црпнаа, а тој за влакното се измолкна, беше заминал у свет, на печалба или колку да избега од овците на братот, не узнав, оти ме спотераа дури во Албанија, телефонист ти бев, во една лута и серта зима, од гратче во гратче, а луѓе нигде. После, кога си дојдовме веќе беше дојден Германецот и фативме да бегаме по планините за да го падиме. Моето не се знаеше ни в планина ни дома, ама повеќе дома – ме имаа за други работи, а не за пушка. Е, тогаш, еве ти го Борис со партизаните, облечен, натокмен, со пушка преку рамо. Така и не се прибра дома, а Вани, брат му негов, се пастреше – гледаше да не застане ни таму, ни таму. После со Бориса ретко ни се пресечуваа дирите додека најнакрај, кога се тури борбата, не чувме дека е во Ташкент, негде во Азија. А ние се вративме дома, кој како можеше и каде најди – само цела стреа ретко имаше во селото. Некако се прибравме, ги свиткавме главите и заживеавме. Боризовиот брат Вани едно време беше и проедро на селото, ама лошо никому не направи. Така, заврвија годините, се менуваа Папандреу и Караманлис, нè тегнеа наваму-натаму, ни ветуваа ова-она, ама цело време и едните и другите само нè стрижеа. Нејсе, и во светот некако се разлабавија работите, писма почнавме да си пуштаме и да си земаме и со братот Цано во Скопје и со братучедот Борис во Ташкент. И во едно од писмата еве го Бориса како моли да му правиме книги да си дојде дома. Брат му Вани не ја сврши работата, си имаше троа машки деца и гледаше понастрана да си остане, а јас набиркав троа гласови за Караманлис во селото и припоможа еден негов вулефтеа, пратеник шо се вели. И за мое големо чудо еден ден еве ти го Бориса в село. Се врати со една валица и со еден голем црвен коњ што го купил по пат, црвен и гол, без самар, ждребе и диво. Тој не го вјаваше, му го остави на Вани мој да го шета со нашата кобила по скрките и по нивите и да го учи на самар. Вани не знам дали и го пречека како брат, веќе не ни врвеше крај неговиот двор, дирата ја сврте по реката, таму си направи пат. Јас и Борис си одевме идевме и ја испивме таа руската ракија што ја донесе, да простите имаше мирис на шпирт иако гореше каде што поминуваше, и не успеав да откријам што било тоа што го вратило ваму. Од три моми само една најде дома, другите имаа скршено врат, ама и оваа што ја најде си ја имала сварено кашата, и човекот се најде посрамотен, пред селото, пред мене, вели Барем да не се видеше до свадбата, колку да чуев свирки! Мислам тоа беше втората работа што го скрши човекот. Си ја напади момата, со прт ја излова од дома пред очите на целото село, врескал и мавал не само по неа туку и по селаните, и после се загуби човекот. Никој не мрдна ни со прст, ама брат му Вани и Вани мој ја преораа планината и го донесоа префрлен преку голиот грб на неговиот коњ. Некое време го крепеше работата, дворот го прекопа, меѓите ги прекопа, и прелозите, и нивите ги ископа, отвори и нови во шумата, сè сам и со својата снага. Ама една, две години и паричките што ги имаше донесено истекоа, почна да продава од нивите, да пие и да пцуе, а и од село почесто бегаше. Чинеше витосај се ден, два недела и повеќе – и еве ти го пак, продади друга нива. Ама и селото не беше за машала, го оставивме човекот сам. Никој не застануваше со него, кога ќе го видеа во сокакот вртеа оддалеку, дирата не сакаа да му ја настапат, некои прлиња, како оној Ѕ’говиот, му префрлија еднаш во кафето за коњот, му велат не ти стига што се враќаш од црвена Русија туку в село ми влегуваш и на црвен коњ! Колку што ми сечи умот она мое дете не се заврте околу него само поради тоа што му го остави коњот, туку мелеа тие и за некои други работи, така ми се чини, оти зошто инаку Вани Урумов го акна со патерицата она Ѕ’гово петле? Така, што се вели човекот векот го помина надвор од селото и кога се врати, ние се направивме дека не е наш. Еве, и јас се чувствувам крив, иако никогаш не бегав од него, ама никогаш не се обидов ни да го одбранам. Така, еднаш Борис ме викна, рече ќе те носам в град да ти покажам нешто. И ме однесе, ми покажа жена, Арбанаска или Циганка, дробна, црна, ненаша ама убава. Му велам твоја работа. И ја зеде човекот жената. Таа да ти има накрај град педа место, во каменот и во стрмното. Борис ги засукал ракавите и почнал да дупчи, така кажуваа другите и Вани мој, а јас долго не бев го видел, ме викнаа дури кога легна. Го најдов под керамиди, имаше присобрано една одаја и на средината рогозина, лежеше без лаф во скутот на Албанката. Не можеше да зборува. Навистина, нешто ломотеше ама не му се разбираше. Ми падна жал за човекот, го легнав во приколката и го шетав сегде низ градот, само сите креваа раце и го вратив пак назад, на рогозината. Тогаш се падна и она со коњот. Апансас се разболе, по едно враќање на Вани мој од овци. Го донесе млекото и една заклана овца, а на другиот ден коњот ги навлажна очите, нозете му се надуја, само стенка и туку ти ја врти главата по Вани. Отрчав и довлечкав ајван доктор, овој пулеше, штуреше, му напика инжекција во дебелото месо ама отворено ни рече дека ќе ни умре, вели од далак е префатен! Што како, – и ни текна дека можеби овцата беше удрена та што го префатило и него оти нозете на коњот му беа надуени таму каде што најдовме засирена крв од овцата. Се уплашивме дека ќе изумрат и луѓето на кои им дадовме месо, а и ние јадевме од него, само сè помина добро, никој не се разболе, а коњот не го спасивме. Си умре на јасли, се наду, изгоре од некој страшен оган. Како да го запали неговата црвена боја. Вани мој плачеше како по чо- век, вели како ќе му кажам сега на стрико Борис? Ноќе го врзавме за тракторот, го одвлековме надвор од селото, го турнавме во еден скапец и го наривме со земја. Така, по недела две, Албанката прати абер по Вани мој да оди со тракторот. До вечерта го донесоа во селото, легнат во приколката. И кажал со ишарет, толку можел. И мислам добро направи што го донесе дома и што нè посрамоти сите што не ни текна да си го земеме. Човекот од врагот си дојде за да си биде на огништето, а ние да не ти се досетиме за тоа. Таа го донесе со тракторот и го легна во најголемата одаја. Таму Борис имаше рогозина и сега врз неа посла само ново веленце. Заврвивме да го видиме, да поседиме крај него, да му сториме измет, ама човек планина, клада, не се подместува, ни можеш рака да му кренеш, ни нога. Албанката го вртеше како дете, го миеше, го пресоблекуваше, го бричеше, сè сама. Ќерките дојдоа, влегоа и како од мрша со стиснати носови избегаа надвор. Така, се изврви целото село, сите, дојде и братму Вани со жената и со внучињата, ама Борис како да присобра сили и си ја сврте главата на другата страна па Вани посрамен си замина. Белиот на Бељо везден седеше во одајата, кој како ќе влезеше така и му се нафрлуваше, викаше Вие му ја изедовте главата на човекот а сега доаѓате да ви прости! Е, дојде и Пени на Тотле, постоја крај него, се гледаа со очите, ама којзнае што си кажаа, само Пени кога си одеше немаше срам врз лицето, сигурно се разбрале дека му простува за тоа што се криеше од него. Оттогаш Пени на Тотле не се пастреше дома, почна да шавнува меѓу луѓето, да живее. А Борис наш си умре, не ле- жеше многу на рогозината, кога веќе изврвија сите, му секна здивот. Го однесовме на гробишта и го пикнавме в земја. Целото село дојде да го испрати Борис на Туши Ѓоргов, го овртија гробот, се поткреваа на прсти за последен пат да го видат. Камбаната никогаш така не биела за умрен. Ама што се може, го наривме и ни избега од очите. Албанката остана во големата куќа на Бориса колку што требаше да му ги стори сите адети, и му ги стори – недела, четири недели, шест недели, сè како што доликува и како што треба за човек. После се загнаа неговите ќерки и ја нападија, си се врати накрај в град, во куќичката што иж ја остави Борис, за да биде со него додека е жива. Вани мој тешко ги прежали и Бориса и црвениот коњ, се утеше низ куќи и низ село, потоа се загуби некое време и туку еве ти го со невеста од Родиво. Оттука натаму нема што да се при- кажува за Бориса, оти си беше умрен. Вода пиј од твојот извор (црвениот коњ: дневник) Борис Тушев е братучед на татко ми, од два брата деца, значи од нашиот Ѓорговски сој. Неговата физичка слика едноставно ја пресликав, го проследив и неговиот пат низ животот, значи тргнав од вистински човек, му го задржав дури и името и презимето, исто така и другите ликови ги носат имињата на своите прототипови, меѓутоа, душата, мислата и срцето му ги родив јас и веќе не знам кој е Борис од животот а кој мојот Борис! Сакам да ви кажувам за зафатокот на книгата, односно, за да не шетам со распукани костенови ижувини во душата, ги исчепкував плодовите а трњето ги фрлав. Ама да почнам од оние денови кога ја ставив првата белешка во дневникот. Од Ташкент е дојден Гони Марков Шујде, го сретнав кај брат му во Бутел. Борис Тушев, Вани Јосмов, Гони Марков и Мици на Толи се единствени наши селани кои стигнале до Ташкент. Јас и братучедот Ристо Фодулов го посетивме во Бутел. Косата му е бела како млеко, а додека зборува неговите очи како да сакаат да видат дали му се верува. Кажува за нивната живеачка во Ташкент, особено ме потресе она за Вани Јосмов. Вани си умре во страшни маки, вели Шујде, не беше оженет, слободен како пиле, една грмошка стискаше под мишка и туку ја влечеше, убаво и пееше и свиреше песот. Од Борис до мене, од мене до Мици (Мици не го внесов во книгата) и не го изживеа животот. Така, еднаш се заврти троа време кај мене и легна, ни ваму ни таму. Да ти се затнал и не можеше да оди понадвор. Бргу-бргу јас и жената моја го однесовме в болница ама веќе било позно и ни го врнаа, ве- лат поарно кај вас отколку тука. Жената моја го тутлеше, го бљудеше додека се можеше, ама на крајот не се влегуваше кај него. Мици и Борис ни да признат. Видовме не видовме, гледаме конец му е работата, па го однесовме во една напуштена квартира, ја викнавме болницата по телефон, им велиме таму и таму има сам човек и многу е болен, и го зедоа. Таму, во носокомиото и си приумре. Појдовме, си го зедовме и го однесовме на гробишта. На закопот се лојави и Борис ама ни една китка не му остави крај главата, туку напкум од гробиштата право кај нас – по неговите пљачки, оти беа нешто род, така, за срамотилаци, го отвори куферчето, а внатре едно бело мантилче со кое си излегуваше во неделите па тој цап и врз себе, да види дали му чинел. А како ќе му чини кога Ванчето беше черек од него, а не стига тоа, туку и – парите, вели, ќаде му се парите што ги остави, книшката? А книшка, да простите, имаше, и во неа 50 рубли, само со нив го закопавме и му ги сторивме другите нешта. Ете така се изрезиливме и после уште еднаш не се признавме. Не знам ни кога си замина за Грција, вели Шујде. А брат му на Шујде само слуша, се свртува кон тебе само ако шавниш, ако проговориш, не ти гледал ноќе, кутриот, затоа. Така и избегав полн со болка, и нешто трепери во мене додека ги запишувам неговите зборови. Под овој текст сум додал: оваа приказна сигурно има и друга верзија, ама тоа не е ни важно. Четворицата од едно село, фрлени на крајот од светот и не си останале луѓе за да се крепат до кога можат! Леле, црни ние! (Така, тоа беше прво, а после се сетив дека татко и стрико Борис си одеа-идеа преку писма. Ги најдов во едно старо кофчеже каде што стариот мој си ги држеше бричовите и седнав да ги читам, ама не можев оти морав да ги сушам на греалка и да ги ветреам на балконот, беа мокри, мувлосани, мирисаа на дамнина и неубаво, а кога беа суви ги препишав на машина и ги има точно осумнаесет на број, првото од април 57 а последното од јануари 65, после секнале сигурно зашто се вратил во Грција. Долго потоа не мислев за стрико Борис. Бев зафатен со другите книги, продолженијата од „Црното семе” – Змиски ветер, Време на молчење, Рамна земја, Враќање во ветрот. Ама постојат такви искри што ни угасуваат ни се запалуваат, туку долго потајум тлеат.) 25.7.1972 го. Летово изделкав многу ликови во дрво, со тесла, со ножиња сам што сум ги правел и со длета што ми ги донесе Коле Манев од Париз, задоволувам една своја дамнешна желба. Така, седам на првиот басамак од терасата и делкам едно трупче од липа. Во дворот влегува момче во црвена кошула, црно, високо, неизбричено, доаѓа до мене, дури како да сака да продолжи нагоре по патеката, нешто како да не знае како да почне, на лош македонско-српски јазик вели дека е калајџија па ако имаме нешто за калаисување, само јас не му го земам лафот, продолжувам со теслата по трупчето и под око го испитувам, а тој вели Поп си или што си вака обраснат со брада, само сега ми станува сосема сомнителен и го погледнувам напоречки, и вели Добро де, ако немате за калаисување – и фрц назад, на улица. Ја оставам теслата и се поткревам да видам на кај ќе фати кога од зад зеленилото признува женска глава. И се сетив Ова ќе е Вани на стрико Сабрија, и истрчав и јас на улица. Се црпнавме како да ќе се бориме, долго така се држевме и плачевме. 46- тата, кога со сестрите ноќе го напуштивме селото, него го оставивме на три години а сега е висок, калеш, крупен, со густи веѓи врзани над носот и со подзавртени усни. Одеше за Германија со својата жена и со жената на својот помал брат. Три дена и три ноќи Вани прикажуваше за селото, за Белиот на Трпанот, за Вани на тета Виша, за Грујо и Љока, за тоа како ги мажел ќерките Ичо на Вани Кузев, одваму оттаму, падна лаф и за стрико Борис. Вели прво се запи, се сопкаше од камењата во сокакот, после, вели, се загуби човекот од селото, па чувме, вели, во Воден, во ридот, дупел за куќа, во каменот, којзнае што го терало кога си имаше куќа во селото, и таму падна, ама пред умирачка го донесоа во селото. Така, си умре како куче, вели. На станицата кога го испраќавме Вани се расплака и си замина угоре кон Германијана. Во мене остана стрико Борис и брат му Вани кој не му подал рака, и селаните кои вртеле од него, бегале како од лоша болест. (многу денови, многу недели, и месеци без никакви белешки за Борис Тушев) 9.10.1973 го. Случајот на стрико Борис: се враќа од Советскиот Сојуз во Грција, кај ќерките, ама тие го отфрлаат, го отфрла и брат му, ни власта не се интересира за него. Човек што се откажува од мислата што го туркала низ животот не е опасен за никаков режим. За него ќе раскажува Вани на своите поминувања низ Скопје, да се искористат неговите писма до татко, кажувањето на Шујде, смртта на Вани Јосмов, а да се внесе и приказната за коњот што го купиле стрико Сабрија и Вани. (ова е прва скица за книгата) 26.12.1973 го. Братучедот Вани, купувањето на коњот, доаѓањето, враќањето на стрико Борис, па она со ќерките, со братот, бегството, Воден, Циганката или Албанката, куќата во ридот, смртта. Коњот не прима самар, мирен и спокоен е само ако е врзан за самарот од кобилата, кобилата ја изедуваат пчели, умира, се подува од каснувањето на цел рој пчели, после и смртта на коњот, од далак, влечење со трактор надвор од селото, дупка, заривање со земја. (во заграда сум запишал: телевизиска драма, филм или книга) Паметам некои негови писма од татко и очекував да дојде кај нас во Југославија, а тој дома, во Грција! Му се восхитувам! Што знам за него? Бил учесник во граѓанската војна во Грција, на крајот пребегува во Албанија а оттаму во потпалуба на товарен брод е префрлен во Ташкент. Има Русинка за жена, работа во фабрика, стан а ги мрзи Грците, дури и оние со кои заедно се борел. Книгата во прво лице, документарно. Некако да се појде до Ташкент, да се види градот, небото, сонцето, луѓето, да се почувствува средината во која живеел (друга скица, поширока) 7.1.1974 го. Бошко Смаќоски, откако ги слушна моите кажувања за стрико Борис, ми предлага: Прво кажување (Шујде), Второ кажување (Вани), Трето кажување (Сабрија) а наслов на книгата Триптихон. Ќе поразмислам. Точка и стрелка што покажува во цртеж на ѕид. 11.1.1974 го. Вани Сабриин, како и другите момчиња од селото, има пушка дадено од власта (нив ги викаат пушкари) и ноќе додека чува околу селото се прашува: што, од кого чува? Од стрико Борис? Од овој Борис кој со одобрување од режимот е вратен од онаа Русија од која стравуваат дека би можела да влезе во нивното село? (Борис за сите младичи од селото кои малку се разбудени е далечната црвена Русија! РОМАН ЗА ЦРВЕНИОТ КОЊ! сум запишал првпат) Коњот на Вани навистина е црвен! И Белиот на Бељо, селскиот комунист што го имаат за мајтап! А Пени на Љаливица како од чума бега од Бориса кога ќе се врати во селото. 16.1.1974 го. (Љубљана) Нема снег, само облаците се ниско и притискаат – во душата. Едноставно може и КАЖУВАЊЕ за ЧОВЕКОВОТО УМИРАЊЕ. (Никако да иж најдам наслов на книгата) 23.1.1974 го. уро Ги прелистувам писмата од стрико Борис до татко, меѓу нив има и писма од стрико Вани, брат му на Борис. Тие се пишувани на грчки. А исто така и некои делови од писмата на стрико Борис се пишувани на грчки. (голема белина, па со големи букви) ЦРВЕНИОТ КОЊ (мислам ова е вистинскиот наслов) Тоа е оној прекрасен коњ што го купува Вани на самиот ден кога се враќа Борис во селото, а подоцна, скоро во исто време умира и Борис и коњот – коњот од далак, а Борис од срце, едниот со болка во очите по сонцето, другиот со празнина, а и двајцата црвени – коњот оти влакното му е црвено, а Борис зашто е вратен од црвена Русија (утро, 6,30). (Сиве овие белешки беа расфрлени по разни листови, тефтери и тетратки, а сега се собрани и препишани овде) 2.2.1974 го. Борис умира – додека умира од нешто како да му просветлува, проблеснува лицето. Знае, на неговиот гроб ќе симнат капа и оние што никогаш не го сакале, еден миг ќе останат без својата омраза. 4.2.1974 го. Првата жена на Бориса умира за германско, додека му раѓа четврто, дете машко, ама мртво, а после и таа умира. Ова ми го кажува мајка. Жена му се викаше Бода, вели мајка. Јас се сеќавам за уште една друга жена во нивната куќа, умре од лошата болест и пљачките иж ги фрлија кај Барзиѓановата нива на Рамнинката. Насивица, вели мајка, а Наси простениот си умре од бесно куче. (татко другпат ми има кажано за него) 4.2.1974 го. (на руга сраница) разбој, брдо, брдило, ништеуки, кросно, основа, основата се снове, се вие на кросното, вжтук (канурата во совалката) опку, лице, беу којн, бела кубила, маска, цау ден платно билила, црн којн, сиф којн, сијна кау, сијн камин, модру шпирту, црвен којн, зилено, ауцко, жоут вол, жоута крава, уреова боја, вапца, вапцува, секакви нешта, луде, лујто... 7.2.1974 го. Зошто се враќа Борис Тушев дома, во Грција, во Егејска Македонија? За да биде уште еден повеќе во својата земја каде што не ги бројат! 17.2.1974 го. (Москва) Недела, доцна ноќе во хотел „Украјна” на 9-22. Прозорецот ми гледа кон реката Москва. Мислам на Борис Тушев и се сеќавам дека веќе четвртипат сум овде, ама никако да се откачам од Ташкент. Тој доаѓал во Москва ама каде и што можело да го интересира? Сигурно мавзолејот на Ленин, потоа Црвениот плоштад и метрото. Ако било лете – пеколна жештина, во март – ја нема ни зимата, ама и пролетта е далеку, во јануари се погодив еднаш на минус 38 и не излегов на улица додека не се крена на минус 19, ама еднаш, мислам минатата година, доживеав вистинска руска зима. Од Болшој до „Росија” се враќав пеш – снег, ветер, меќава, ништо не се гледаше оти снегот не паѓаше туку одоздола нагоре како да се креваше, а уште го позема студениот ветар и ти го пика во очите. Видел ли стрико Борис ваква зима? Проблеснува реката со безбројните светилки што паднале во водата. 19.2.1974 го. (Москва) Денеска Москва осамна под снег. Сите силни бои што не можев да ги прифатам досега сега се угаснати со белата боја на снегот. Сината кафеавожолтата или жолтоцрвената, денеска се други бои, а и куќите што ги покриваат се други. Црвените тули не се црвени, Кремљ како да гори со одвај видлив пламен. Болен сум ама не можам да се откажам од одење по овој снег. Во какво време се погодил Борис наш? 6.3.1974 го. Прво бил дедо Ристо и имал три сина: Туши, Гони, Наси. Туши е жилата за Борис. Натаму: Туши имал Наси, Ичо, Вани, Борис, Тина, Мина, Неша. Наси – умрел од каснување на бесно куче. Ичо – се прејал со мед во Мала Азија и таму останал. Борис – умира околу седумдесетте откако се враќа од Русија. Тина – мајка на Вани Јосмов. Мина – мажена во Волкојаново, не е жива. Неша, мажена во Волкојаново во Ангелакевци. (Зжбот и клопотарчињата на Борис) Бода, Слободанка, жена на стрико Борис, патрлива, дрдорлива, ќерка на Трпче Пашалијата-Даскалот, ја земал само што се вратил од војска. Бода му роди: Марија, сега ја има Пени на вујче Пени, Лена, мажена во Фрзжмовци, а Неша ја има дете на Димо Марков. Борис и Вани се делени, куќата на две, а и нивјето. Од куќата Борис го има јужното крило, а Вани западното што гледа кон реката. Борис е роден во 1913 или 1914, војска служи 32-та или 33-та со Сабрија наш во Воден. 8.3.1974 го. Скоро секој ден одам кај татко и мајка и ги терам да чепкаат по минатото, може нешто повеќе ќе откријам за стрико Борис. Еве што ми раскажа денеска татко:.. еднаш јас и Борис со имањето кај Групарија, вели, Терај ги на кај Пет Кладенец да се напијат вода, а јас ќе појдам до костените, има еден рој лчели. И еве ти го по некое време, мислам баеги време, и носи едно јаре наденато на ластегарка. Кога удри да го забуца дрвото во земја целото месо се растури врз папрата, толку убаво беше испечено! Јади, ми вели, и сам му клекна, половина јаре изеде, жими крст, а јарето Кољашево, јако! Ете и таков беше Борис! 22.4.1974 го. Добив 10 примероци од „Проклето семе” словенечкиот превод на „Црно семе. Го издаде „Борец” од Љубљана во превод на Нада Царевска со мал поговор од Драги Стефанија и ликовно обликување на Цвета Степанчич. 23.4.1974 го. Големиот коњ! (Зошто големиот коњ?) Ја завршувам втората верзија на Време на молчење. Хесе, Демијан. Младен Д. ми кажува дека во НИН пишувало за островите во Грција – да се купи, да се исече и зачува! Доне гледа и молчи, молчи и страда, страда и не се буни – па тој е во својата Македонија, сигурно е грешка што ќе се исправи. Време на молчење. Доне молчи. Тој и на островите молчеше. 25.4.1974 го. Татко кажува за времето кога се мерело млекото – тоа се прави двапати во годината за да се утврди чии кози колку мери млеко ќе дадат за да се знае кога ќе му дојде редот да го зема, е, на такво мерење обично на крајот сите црпнувавме од своето млеко и го дробевме во котлињата. Вани и јас во едно котле, Сабрија и Борис во друго, раскажува татко, ама кога сркаа, Борис вртеше со лажицата во котлето и велеше овој залаг е од мојот леб, и сркнуваше, овој од твојот, и му го туркаше во лажицата на Сабрија, а ние другите кррр кррр – се турувавме од смеа. 21.5.1974 го. Мислата, идејата, духот стануваат богатство само кога не нè интересира материјалното богатство! ГОЛЕМИОТ КОЊ! Сите ние сме коњи, само товарот не ни е еднаков! 30.5.1974 го. Веќе триесет години сме нападени од огништето и ако никогаш не се вратиме никогаш и не сме постоеле! 18.9.1974 го. Борис Тушев се враќа во Грција, дома, што е сега тој – херој, предавник? Навистина врши предавство на идејата, на себеси, оти за да се врати потпишува едно книжуле со што изјавува дека дотука неговиот живот бил заблуда, дека сосила го одвлекле в планина, дека треба да заборави колку години живеел во црвена Русија. И што е сега – херој или предавник? Каде се враќа? Кај ќерките? Кај братот? Кај селаните? Нели знае дека ќе биде сам? Ама знае дека ќе биде и болест што префаќа! Не е ли тоа преголем товар за неговите плеќи? 7.10.1974 го. ЦРВЕНИОТ КОЊ Да се направи првиот обид, дефинитивниот концепт, графикон со туш на голема табла хамер и да се обеси на ѕидот! 9.10.1974 го. Во моето село сите имаат четврто име – прекар: Чобаник, Крцот Заифот Царот Кундакот Пжчката Патлакот Ѕрѕефот Мишот Лулата Шикирџијата Босиот Баалата Чонголот Аџијата Ќоката Беличот Бачот Ѕ’ним’ни Куљаш Широк Гуштерот Аљобаљо Биќарот Куси Чуле Гавазот Шарениот Лохијата Пицуљнамајка Сиври Шишето Нанчо Опа Пицут Јољко Прклито Пинонди Баљокот Чувекот Фудулот Дуче Карамичо Ѕ’љ’б’цот Ристобик Факирот Искимозот Калечката Завалијата П’пко Тутајле Дамчо Паљачо Шишко Ѕ’гата Тотле Шакле З’бот Пуфле Влаот Шујде Карата Брезе Кр’маноле Смујо Чапата Бечко (брат му на Борис) Томчо (Борис) Сабрија Шафкија Аџигого Цинци Иланџито Кроткото Лапчо Пахалото Чочката Џека Бајџата Гогата Шкопре Аџипалот Капре Белогаберот Итарпејо Паличникот Ѕури Л’скачот Мечката Бакарин (не знам зошто ми требаше ова само еден ден седнавме со братучедот и Ташо на Дијовци и скоро на сите постари селани им го откривме и четвртото име) 10.10.1974 го. Кај тетка Тана (сестра на баба) сретнав човек од Ташкент, брат на тетинот Васил: ист како него, исти гестови, престарен, поднадуен во очите и кога зборува ја потргнува главата наназад и подзамижнува. Реков да прашам за стрико Борис може ќе знае нешто. Вели познавав еден од Кронцелево, еден Борис ама долги години не сум го видел, не знам што стана со него... и еден Мици, а да простиш, не знам ка- ко се презиваше. Му велам Борис не е жив, а тој се чуди Како не е жив? и продолжувам Се врати во Грција и таму умре! Човекот остана без зборови, а по некое време, откако се созеде, рече Заедно бевме во армијата (мисли на ДАГ) па му се вплеткав во мислата Тобџија беше Борис, а тој И јас сум тобџија, во една батерија бевме. И додека се чудев зошто овој човек ништо не знае за Борис а заедно се бореле и заедно живееле во еден град, го слушав како кажуваше дека пребегнал преку Албанија, а после со товарни советски бродови, во потпалубите под товарот преку Јадранско, Тиренско, Егејско Море, па Алжир, Босфор, Црно Море, Баку, Касписко Море, преку пустина – во Ташкент. Вели во Ташкент беше префрлена само армијата, а старците, жените, децата, ранетите – ги оставија во Европа. Беше закопчан, не дознав многу. 17.10.1974 го. Коренот на Ѓорговци: од некаде дошол дедото Ѓорго (прапрабабата не знаат како се викала) и од нив останале Поп Димитри, дедо Ристо и Тина мажена во Димовци. Поп Димитри Попот со Пандора од Мандевци, Митраколевци, ги родиле Гони (умрен во Америка без семејство), Тина (мажена во Владово), Сава (мажена во Владово, во Курлиновци) Мици (оженет со Фиља, сестра на Кулиман војвода), Вани (загубува трага во малоазиската војна и подоцна, по педесет години се слушна дека е во Африка, во Конго) и Добра (мажена во Пачуковци). Ристо со Неша од Рисковци народиле шестмина и тоа Марија (мажена во Владово, веќе умрена), Туши (гранката на Борис) Гони, Тина, Наси, Софка и од овие деца по ред се создадени семејствата на Марија со Ѓорги од Поповци во Владово (деца Вани Јана, Стојан, Борис, Гица) на Туши со прва жена од Пачуковци а после со Марија од Бизово (Наси, Тина, Ичо, Мина, Вани, Борис – овој од Црвениот коњ, Неша); на Гони со Јана Индорова (Виша, Лена, Марија, Борис, Александар, Ичо, Вета); на Тина со Вани (Марија Ташо, Туши); на Наси со Цоца (Тина, Дине, Ичо, Пена) и на Софка со Лазо од Водеи (Гица, Павлина) (да се разработи, да се ископа, да се дорече, објасни сè до денешни дни, мислам и на крутот во кој се наоѓам и јас). 25.10.1974 го. Борис Тушев може да биде и Кривошеев Борис, татко му на мојот пријател Трендафил, од Секулево, Леринско. Тој пред војната работел во Франција и кога била окупирана за малку што не го убиле, ама побегнал од пред цевка и после од воз на воз скришум стигнал дури до Берлин каде што се јавил во бугарската амбасада и како Бугарин се враќа во Битола, а од Битола, преку граница – дома. Дома ако бил недела две, после со партизаните сè до 1949 кога ги настискуваат во Албанија американските и англиските авиони и со еден од бродовите и тој е префрлен во Ташкент. Од овој животопис нешто да се додаде во животописот на Бориса Тушев, да се накалемат еден во друг. 8.11.1974 го. Завршена е и втората верзија на Време на молчење па на ред е Рамна земја. Пиејќи кафе во телевизиското бифе му кажувам на Иван Чаповски дека мене Војводина ме интересира само како место каде што нашите не застанале, не закорениле, му велам Тоа нивно непрекинливо бегство ме интересира до нивното конечно враќање во коренот, во пепелта на огништето. 17.11.1974 го. Во Грција се одржуваат првите парламентарни избори по толку години диктатура. Ќе добие Караманлис. И Комунистичката партија се појавува на изборите. Само тие не мислат на нас. Книгата за Борис Тушев сè уште не е почната. Зад мене на ѕидот стои само графикон ишаркан со безброј линии кои врзуваат имиња на земји, на градови, на луѓе. 20.11.1974 го. Комунистите во Грција добија само осум места во парламентот. Зошто сакам да ги вратам Борис Тушев и Доне Совичанов на своето огниште? Грците никогаш нема да нè признаат. Обновувањето на министерството за Северна Грција не зборува ли дека ни самите тие тој дел не го сметаат за чисто грчки? (во мојот дневник под овој датум со ситен ракопис се исполнети три страници, ќе наведам само уште еден фрагмент) Борис мој е силен, крупен, голем, може планина да турне ако сака, ама кога ќе се врати во сплетот жили и жилички мртви и живи, кога ќе се обиде да го открие коренот на своите прадедовци, се уплашува. Нешто го разјадува коренот некоја опака, непозната болест. Ќе умре и не ќе дознае која жиличка е самиот тој, мртва и заробена меѓу другите, или само тој е мртов а жилата му е жива? 1.12.1974 го. Што е човекот и што е неговиот живот? Името, местото каде што е роден и патот што го поминува. Човекот е физички Заробеник во времето и во просторот, (само за неговата мисла нема граници). 3.12.1974 го. Ги напишав првите три реченици од Црвениот коњ само не знам дали токму тие и ќе бидат зафатокот на книгата. Времето кога Борис се наоѓа во Албанија не е почеток на неговиот живот. Сепак, од некаде треба да се почне. 15.1.1975 го. Толку луѓе во светот во име на нешто се прекрстуваат, си клаваат други имиња, ама си ја задржуваат мислата и срцето. Борис тешко го преживува сиот тој период додека е во Ташкент каде што исто го сметаат за Грк, а не за Македонец. Многу се зборува дека Караманлис ќе даде амнестија за сите оние што учествувале во граѓанската војна на страната на ДАГ, а сега живеат во други земји! Ќе се вратат Грците, можеби и по некој Македонец пишан како Грк. Сепак, тие се нашата надеж. Време е да го пуштам Црвениот коњ, доста го пастрев, ако има нешто во него, ќе преживее. 28.1.1975 го. Втор обид за првата глава: Албанија (само поминуваат низ неа и остануваат без оружје). Тука и планините имаат бели капи, мисли Борис. Лица: Пожаренецот, Вани Јосмов, Гони Марков- Шујде, Гркот Никифор. 29.1.1975 го. Борис се обидува да ме завлече по свои патишта, ама навреме се сепнувам. Не е време за буричкање по минатото, туку да се разоткрие мигот кога се натуркани во Албанија. Живи ли сме? Живи се – некој без рака, некој без нога, некој без лице, некој и без душа – ама живи се. 1.2.1975 го. Стигнувам до шестата страница и пак почнувам од почеток. Првиот обид е во трето лице, ама најпосле заклучувам дека најарно ќе биде ако Борис сам го говори својот живот. Што е Албанија за Борис и за неговите соборци? За некој крај, за други очај. Драмска ситуација – предавањето и одземањето на оружјето! Борис се обидува да ги зачува топовите, само албанските војници сосила му ги одземаат. 2.2.1975 го. Подпалуба на трговски брод, камара, Борис сам. 3.2.1975 го. Татко кажува дека борбата се растурила есента 49, Петре Галабов потврдува дека навистина тоа било во осмиот месец. Нашите направиле баражен оган за да овозможат повлекување на главнината преку Мала Преспа кон Албанија. Низ Албанија се задржувале во зависност од тоа како доаѓале бродовите во Драч. Јас почнувам со пролет, една невистина, ама ќе ја задржам. Не пишувам историја. 4.2.1975 го. Сè уште се премислувам како да ја продолжам книгата иако сум стигнал до единаесетта страница: во прво лице, поделена на кажувања или како досега – во трето лице со авторско проследување? 5.2.1975 го. На Ташко Ширилов и Паскал Гилевски им кажувам дека пишувам нова книга, им ја изложувам целата книга, и моите сомневања и дилеми. Ташко вели Голема работа е тоа, враќањето! Многу ме охрабрија и им реков дека книгата ќе биде готова до крајот на март, всушност како да си одредив рок. Сега барам кредитор за неа, им велам. Само ме погледнаа. 6.2.1975 го. Еден познаник, одамна вратен од Ташкент, вели дека со последните избегал преку Албанија, и од него го чув овој детал: „Бродовите пренесуваа штици и буриња со катран. Ги наредивме бурињата во потпалубата едно до друго и врз нив исковавме штици од крај на крај – на нив спиевме ние 200, 300 души.” По овој разговор со него јас уште еднаш ја преправав првата глава, овојпат штиците и каците со смола и катран ги внесов како драмски елемент во книгата. 7.2.1975 го. Војската не е војска ако ја оставиш да лежи. Така се појавува Ставропулос со своето свирче и ги тера да ги изведуваат вежбите еден и два. Ставропулос нема прототип што сум го познавал или за кој сум чул, се роди кога ја симнав војската во погпалубата, после го врзав со оној што ги прескокнуваше уште во Албанија. Денеска го обележав само нивниот пат на географска карта. 8.2.1975 го. Стигнав до 15 страница „ги наредија каците во два реда дури горе до дупката...” (оваа реченица ја нема во книгата). 9.2.1975 го. Борис не го поднесува Шујде. Да не е тоа дури од селото? Шујде има врска со З’бот а З’бот имал давањеземање со Борис (поради оние клопотарчиња кои му ги украл од овците). 10.2.1975 го. Книгата тече онака како што е замислена, да се поткрепи со детали, со вистински случки па макар и во анексот. (следува конкретна скица за сиот пат од Албанија до Ташкент со разработени драматуршски пунктови). Да речеме се случува престап на бродот што заслужува најстрога казна, имаат ли право да го осудат и да го казнат? Оти тие што ќе го судат знаат дека одат во слобода, во живот, па како тогаш нему да му го одземат? (празни редици и натаму) кога ќе продолжат со железница и по пустина, конфликтите ќе бидат во нив самите. Пустината во Бориса ќе разбуди мисла по коренот, оти ако човек некогаш посака да си дојде до сопствениот извор тоа ќе му падне наум само овде, во овој бескрај од песок – чиниш ништо потаму, крајот на светот и на животот. (празни редици и само една реченица) Поразот не е пораз додека не се прифати! 13.2.1975 го. (белешки наравени во бифео) Ми се случува едно наум, друго напишано. По толку денови во бараките знаев само дека ќе морам да ги направам цивили. Кога ги донесов камионите до бараките не мислев дека со нив ќе ги однесам до памуковите полиња. Веројатно таа ситуација ми требала како реална и логичка предисторија за она што се случува после: таму Борис се запознава со Олга, подоцна бега кај неа и заживуваат заедно. 14.2.1975 го. Завршено е првото кажување, Борисовото кажување, а сега – кажувањето на Вани откако Борис ќе се врати во селото. 17.2.1975 го. Се откажувам од замислата секој да има свое кажување, туку се определувам за единствено кажување, Борисовото. До тука во мислата моја течеа две приказни – за Бориса и за коњот, ама најпосле коњот и Бориса ги врзувам и продолжувам само една приказна. 20.2.1975 го. (сум препишал белешка од ливче запишана според кажување на Темјана Василевска). Запотнат спреж е лек. Спроти сам Гурѓовден, вечерта пред смрачување, се бара спреж, коренче, се запотнува (му се врзува црвено конче) и други ден пред изгрејсонце се откопува и се суши. Потката се вапсува на величетврток (истата ноќ се преде, се смотува, се вапсува во првата вода во која се вапсуваат јајца). Со таква потка се запотнува спреж, а и самата потка се носи од урок, како одбрана од кушање. 23.2.1975 го. Борис кога се враќа во селото проедро е Ичо на Чонголот, командир на пушкарите Наси Урумов, други од власт се уште попот, даскалот и две чупи од градинката – Гркини, а заграден е со овие имиња: градинките, садиштиту, горни цреши, групаријска скрка, купариви дупки, групарија, вранчив рид, горна падија, долна падија, пет кладенец, соровичово, нениш, танчив прелог, долни ѓурови, шкопетов гроб – сите на севе- розапад, а макриви страни, рамнакот, маркова нива, ичо танасови ниви, дупен даб, куријата, кувачува чешма, брајка, купиткалата, горни лозја, свети тодор, пеква капина, турски гробишта, буквиц, шопар, чешмичката, загорни, средното било, загоренско било, чардалово било, чардалова сујница, трпчива нива, новосел, кузовот, новоселска сујница, раково, шаркова копа, брлозите, бујклиев камен, пер, сридурекот г’зирот, араиљ – на североисток, потоа кремното, лисничка сујница, бурујнту, смесите, димбоки доу, жикрави, лиснички врв, чочкин вир, м’рмаров извор, садинкиту, чишмурките, високиот рид, куса ливада, долга ливада, лабана, јаворот, арапанов камен, вранов гроб, серкови страни, м’демот, умта, мирови лозја, фргуслон, грежот, ракиту, ракитску било, мисиркуви врници, уреут, падрницата, пресокта, доучито, задврби, бојкова круша, скинтијниту, благујнту, жолта прс, црквишту – на исток, пешчера, грапа, градишче, јамата, билојаса, падинките, кулонов рид, џајкова срана, чаир, доугите, пишчерски рид, грмајте, турски п’т на југоисток, леската, дукова нива, мајнушка, рисковски ниви, улицата, арапов габер, љошив рид, беучув гроб, главито, лузницата, старите кустени, извишијнту, паликанова туфка, гаганиц, миов дол, плочата, турлачка, сите на југозапад, повеќе на запад, и куритуту, гавранов камен, гомџи г’с, момингроб, динов коноп, д’бито, селиште, средни рит, рамните кустени, пангарови кустени, мучарите, сијнта кау, трите буки, нивата, водата, гребин, бунарот, студента вода, зајките, шилизницата, влашките кулиби, вирут, студен кладанец, обла – сите на север. (ги наведувам овие топоними за да се види дека нашите места не се грчки) 13.3.1975 го. Умре Иво Андриќ. Денеска во мене има само болка. 29.3.1975 го. По вторпат ја пишувам книгата. Никако да се одлепам од првите страници. Ме измачува Борисовиот родослов. 3.4.1975 го. Ништо битно не менувам, ретушот е невидлив, само сепак, чинам, сега е постегната, а истовремено и попространа. 10.4.1975 го. Ја завршив и последната глава која во првата верзија не беше ни напишана. Замислените две кажувања, на Сабрија и Вани, сега се само едно, Сабриино. 29.4.1975 го. Едниот примерок од книгата е веќе кај издавачот, а другиот го прочита Бошко. Вели, раскажувањето ти е такво што се има впечаток како да е симнато од магнетофон. Веројатно мисли дека е неможно така да се пишува. Мило ми е ако читателот на крајот остане со впечатокот дека читал една автентична исповед. Но стравот останува – ќе се крене ли до „црното семе”? 21.8.1975 го. Додека ја пишував навистина се надевав дека ќе пронајдам издавач кој ќе ја авансира за да можам поспокојно да ја завршам. Во „Наша книга” бараа синопсис, во „Мисла” ми рекоа дека планот е готов за оваа година, па тогаш ја повлеков „Време на молчење” од „Македонска книга” и им ја понудив „Црвениот коњ” за 120.000 стари динари по табак, но рекоа дека ќе ми ги платат кога ќе биде готова книгата. Чинам како да не беа задоволни што има само 120 страници. Зар само толку се? (имав повеќе начини да поминам преку тој простор и време ама на крајот се пикнав во Борис Тушев и со негова уста и со негови зборови кажував за неговиот живот, за времето, за просторот, за луѓето, за надежите и поразите, за радоста, за среќата, за тагата, за болката, за смртта. Од него излегував само кога требаше). 7.9.1975 го. Татко кажува дека стрико Борис со Русинката имал две чупиња. Зошто не ми кажал досега? Со овој податок и Борис ќе беше поинаков. А стрико Вани, брат му, кој овие денови беше во Скопје, вели Борис беше пишман штом дојде и иж пиша на Русинката да го земе назад. Така и се расцепил во себе: таму две мали момички, а во Грција три веќе мажени. Излезот го побарал во пиењето. 24.9.1975 го. Вани на тета Виша е дојден дниве, со зетот на најстарата сестра Јана, Геле. Биле на свадба кај братот во Битола. Наваму дојдоа со татко и со Гони. Вани има само една нога, личи на Ристо Маџирот, бел во косата и во лицето затоа и го крстив Беличот во книгата. Два дена го шетав по Скопје и се обидував да откријам дали има нешто во него од оној Вани што е во книгата. Не го засакав. Има нешто волчјо во него, потајум што се пробива низ погледот под веѓите онака од поднаведнатата глава. Вели јас сум неписмен од инат не знам ни да писам ни да пеам. Го распитував за селото и за одредени луѓе кои се ликови и од романот. Синот на Ѕ’га, вели е добар, не е руфјан како шо лафат. На Томчо, вели, (мисли на Борис Тушев) му се фатија нозете и така така си умре. Чинеше дојди кај мене и почни да пиј. Аднаш добро се напи, па појдовме кај Нанчо, и таму сè за Великиот Советски Сајуз, и нешто друго викаше, а кога го однесов дома ги симнуваше кадрата од ѕидот и ги бакнуваше... Русинката и некои чупиња... Друтпат утидовме у него, на то радјото фати руски песни и бајче Борис цела ноќ играше. Чинеше отвори го џамот на кај... и туку стенкај и викај Е море... и ти вдовица и јас вдовец ами за шо да не сне зајно!... За она во Нанчовото кафе го викнаа и во штиномијата... Мојот братучед Вани зборува за сите, особено со ќеф кажува за жените (кои и му ја пустат куќата) па кажа за една снаа (тој го кажа и името на домаќинот, само јас го испуштам), вели стоиме под брестот гледаме кон чешмата и таа полни вода па им велам на другите Е ова пак е надуена! Зар кандилото го држеше, велат, а јас Пулите како го има л’снато газо, го пучи за да не го стисне малечкото... За братот Наси зборува со злоба, Ликарот демек, вели, и не оти знае нешчо туку имаше адно ајван ликар и овој одеше пу него и го заушуваше шо му правеше на добиците, и така... 14.10.1975 го. Имаме други гости од селото – братучетката Јана со мажот Таки. Сега првпат се видуваме по дваесет и девет години. Кога заминавме имаше 5 години, дробничка, црнка, како Јанка на братот мој, а сега во мене се пули жена, висока, калеша, кренати веѓи исто како на брат иж Вани, тонки оти кубани од долната страна, па ми наликува малку на стринка, малку на Вани, ама нималку на стрико ми, и зборува силно, грлено, како стринка. Таки, мажот нејзин, е православен Албанец, роден во Негуш, но мајка му е умрена и сега маќеата му е од Саракиново. Имаат машини за правење мраз и од тоа живеат. Тој ми кажува некои работи за стрико Борис кои досега не ми ги кажале братучедите. Откривам дека стрико Борис скоро две години работел на железницата како пружен работник, сите му се чуделе оти по цел ден работел. Таму работат оние што не им се работи, вели. Тогаш доаѓал кај него да се посоветува, сакал да се жени со една Ѓупка. Јас не му реков ни вака ни така, ама после го забраа оние на бајче Дине (Иланџито) и го оженаа. Тогаш и му почнаа маките. Прво Гупка беше и мажите не иж траеја, двајца иж умреле пред Бориса, а овој до годината. Имаше место на Караманата, вели, и таму почна куќа да прави. Сето зајре, тули, песок, дрва, греди – сè на грбот колку адно километар. Дење на железникот, ноќе на грбот – куќата. Така и се фати. Се фати од нозете, околу шест месеци, умре дури седумдесетта. (Јас сметав околу 68, 69). Керките не го примија како татко. Сигурно се надеваше дека некоја со мажот ќе дојде кај него, а кога никој не се прибра – избега, вели тој. (Ќерките ли не го прифатија, братот ли, селаните? За да го остави селото му се случило нешто. Сè уште не можам да го разберам, да го сфатам мојот стрико Борис: ја остава фабриката и работата и Русија и жената со две мали дечиња и се враќа – во неизвесност!) Гупката му роди, вели Таки, ги немало наредите и било мртво. Гупката сега е мажена горе негде, кај Горничово. (ако ги знаев овие подробности сигурно книгата не ќе беше ваква каква што е сега ) 15.10.1975 го. Јас Нела и Кристи поминавме кај татко и мајка и таму најдовме двајца непознати, маж и жена, и Мишот – Ристо Брзиѓанов. Ми рекоа дека овој е Гони на бај Димо со жената, дошле на свадба кај Ристо Брзиѓанов. Едната мома на стрико Борис, Неша, мажена е во нивната куќа. Чудни човечиња, маж и жена а си личеа како јајце на јајце. 16.10.1975 го. Книгата уште не е излезена оти нема корица, ама си реков можам да ги замолам да ми платат. Не ми платија. 20.10.1975 го. Да се пушти писмо до Шујде во Ташкент и да се праша дали навистина стрико Борис имал деца со Русинката, а ако е можно да се воспостави контакт со неа и со децата, ние сме роднини, нели? 22.10.1975 го. Секое утро си го пијам кафето во друштво на луѓе од моите книги додека некој досаден и вистинит не седне кај мене и не ми ги набрка во некоја длабока темница на мислата од каде што некои после не се ни појавуваат. 31.10.1975 го. Го примив хонорарот за книгата, 560.000 стари динари сосе порез. Кутриот мој црвен коњ! 7.11.1975 го. (на ливче, колку два прста стои) Ако било кога се вратиме од каде што сме нападени... (ништо понатаму) 9.11.1975 го. Му однесов казан на татко за да вари ракија, а од мајка ги запишав овие зборови: истам, ист’крли, дип, в’тук, цавка, рудајн, виртено, уснова, усновата се снова, напкум се вие на кросно, се уведува во нишчејки, а конците со игла се извајѓат низ брдото и се клава во брдилото па се наврзува на другу кросну су утигачка. Цавката со в’тукот се става во суваљката и се ткае. Подлошките се врзани за ништеуките. В’тукот: се чепка волна, се влачи со греблу, се преди од кадели наденати на фурка или рудајн, напкум се бери на цавки. Дикељ, купачка, купачеуник, мутика, баутак, баутија, тесла, вила, греблу, лупата, ришето, дрмојн, читура, рало, плаз рачица, забој, палишник, јарем, жегли, пудв’зи, привој, утриш, нојкви, крк, сукало, синија, купајна, уџак, бучка, барија, пирустија, тиникија, маша, кација, типција, тундурџек, тигајн, сан, чинија, мисур, котле, пудница, вршник, жар, спуза, пепау, в’глин, ка- мара, дулап, кандиуце, ламба, шише фитиљ, шаматура, ругузина, миндер, пирница, пукров, виленце, примена, фустан, панталони, гајки, гашник, чурапа, аба, кушула, шијаче, дулама, сукарда, шалвари су гашник (кога ќе чујам шалвари и фустани го слушам дедо како прикажува: адни грчки евзони, су фустани, да ти бидат без гајки и пласнати на урлишчето а тие пилијната посинети субрани и убесени) к’наваза, мет, синдујк, греди, маија (појас од греди околу ѕидовите под покривот) чатија, кирамиди, баџа, баџаник (оџак), стреа, бољме, зид, путплисната (пудадена) (да се откријат уште за: земјата, за дрвјата, за жнајне, боите, имињата на козите, овците, добитокот) 14.11.1975 го. Добив три примероци од Црвениот коњ и веќе пак сум без примерок – ги дадов лево-десно. 16.11.1975 го. Деновиве во Скопје престојувал Пени на Љаливица, оној што во мојата книга се пастри од сенката на Бориса. Не успеав да се сретнам, не дознав, а сакав да го видам, како изгледа, лицето, очите, гласот, да чујам што раскажува за островите. 25.1.1976 го. макс’м, м’ж, цао м’ж, жаутица, треска, к’шлица, црна к’шлица, дробна сипаница, средна сипаница ендра сипаница, заушки, брунка црвена су врв, брунка зрела (су гној), брунка дупена (истичена) струп, сруп, засрупено, Срупино, јасно, јаснина, јасник, ублачно, јасник к’то млеко, ѕвезди к’то јунци, топлу, гуриштина, жигавица, врне ситну, врне тиу, врне турува, фуртуна, налунето, грмеж, трескавици, (за ветровите кои дуваат во Кронцелево) дауненикот (морскиот ветар) дува од кај полето штом дувне ду вечерта дож, југот од кај Калугерица, а ветрот шо идеше од кај Родиво го викакме кривакот, буравен ветер, и топлу и ладно, моише замрзната земја да распушти, а стариот ветер, северот, дујше од кај грубиштата, од кај Катуниц, ко ќе прајше грива од Кожух дури до Срупино кај нас ќе беше јаснина, силно дујше и ладно. И летто дујнуваше. Козите од пет ведра ни три не даваа, адн’ш, на жнајне, вели мајка, во Вранов Гроб ко дујна полоѕите ни ги крена. 26.2.1976 го. Вчера го закопавме Димитар Митрев. 16.3.1976 го. (ноќе). Соломоновите приказни: „Сине мој, ако те мамат грешници, не пристанувај, сине мој не оди на пат со нив, чувај ги нозете свои од патиштата нивни... (во прва глава) Милоста и вистината нека не те оставаат, закачи си ги себеси на грло, запиши ги на плочата од срцето свое... (во глава трета) а Не свртувај се ни лево ни десно, чувај ја ногата своја од злото... (во глава четири) и Вода пиј од твојот бунар што тече од твојот извор, нека се разлеат твоите извори врз полето и потоците по улиците, имај ги самиот за себе а не туѓинецот со тебе... (во глава пет). 29.3.1976 го. Госпоѓа Флеминг по доаѓањето на власт на Караманлис одела низ Грција и држела предавање за правата на човекот. Во северна Грција со неа како придружба имала и полиција. Додека говорела по селата, селаните со главите надолу. А Башевски во денешна Нова Македонија пишува од Атина дека во предлог законот на опозицијата за амнестија биле вклучени и статистачки податоци дека: во шест социјалистички земји живееле околу 52.000 политички бегалци од Грција и тоа во И. Германија 1.500, во Бугарија 6.800, во Унгарија 4.800, во Полска 9.000, Во Романија 5.600 и во СССР 15.000. Потоа следуваат проценки колку би биле сега со оглед на новите семејства, и тоа во проценти, ама нигде не се споменува дека такви има и во Југославија. Грците сигурно сакаат да го премолчат тоа, но зошто Башевски го премолчува тој податок? (Со ова не ги исцрпувам белешките што сум ги запишал во врска со црвениот коњ, само јас ќе запрам овде. И понатаму ќе истражувам за ликовите во неа, ќе откривам нови вистини и нови судбини, ќе доаѓам до нови сознанија, меѓутоа во неа ништо не ќе можам да изменам. И понатаму ќе ме мачи прашањето на враќање од светот во коренот, од талкање во спокојот, од туѓи зборови во свои, од животот на другите во својот сопствен оти во сите нас расфрчкани по светот тлее живата искра за сопствениот идентитет. Негде во понатамошните страници на овој дневник забележано е потресното кажување на мојот пријател И. Ч. за првата средба со коренот. Лани првпат имаше средба со себеси од пред триесет години, со сонцето што ги греело татко му и дедо му, со воздухот од кој се загрцнувал кога бил малечок, со изворите и реките што му ја гаснеле жедта, со миризбата на коренот што не ја раздувале никавки ветришта, што не ја изгореле пламењата на бомбите. Стигнал со голем страв во срцето. Додека сонцето сè уште богато се разлевало од Кајмакчалан тргнал да бара знак за своето постоење по бавчите и меѓите. И талкајќи по бурјаните и капините среќава еден свој врсник, сега маж и цврст селанец, па откако се поздравиле го прашал дали сè уште постои нивната куќа, а тој со мудроста на сите свои предци, му одговорил Важно е што ти постоиш, а куќа се гради и разградува!) Скоје, 19.3.1977 го. Вода пиј од твојот извор (кон дневникот на Црвениот коњ) 5.6.1983 го. неела (во авион за Москва) На вратата од пилотската кабина има еден цел жив свет: прво, најгоре, глава на маж, проќелав, веѓите како дамка (во профил), носот шпрт, како расечен во ноздрите, мустаќи нејасни, стиснати вилици, долу црна брада што го изразува и лицето со една црна линија кон јаболкцето. Окото врз јаболкцето со темно под него, оѕверено, како да е преплашено од нешто. Под брадата се наѕира нешто како лептир машна. Коле успеа да го скицира. Надолу од тоа место Коле открива друг лик, лице свртено во анфас, ама не е толку изразен, а уште подолу овца во бег надолу, детска глава, мачка, птица во лет, елен со рогови во рик (кон средината) – толку открив во живата шара на скајот од вратата на пилотската кабина, додека меѓувремено разговаравме со Матеја, Коле и другите. Веќе се разденува додека се приближуваме кон Москва. Сега е 2 и седум. . . ....слетување во самата зора, долга процедура околу пасошите, потоа со автобус до хотел „Украина” каде прездивнавме и појадовме. И веднаш на другата страна од градот, до аеродромот „Домодедово”. Чекаме полет за Ташкент, а уморни сме и ненаспани. 5.6.1983 го. сè уше неела (во авионо за Ташкен) Приближувањето кон Ташкент по спуштањето под најгорните слоеви од облаци – незаборавно: ја прелетуваме пустината. Која пустина? Чиниш бескрајна вода со разиграни бранови (тоа да ти бидат сенките). Ама оти сè уште високо, доживувањето не е толку интензнвно. Нигде ништо. Некои бели конци како пајажина туку чини покажи се. Веројатно некои древни патишта што ветрот сигурно не може да ги покрие со песок. Веќе сме блиску до Ташкент и пониско. Пејсажот ја менува бојата, ама не во некое зеленожолто нешто туку во нешто кафејаво и пајаковата мрежа станува посветла чиниш по кафеавата плоча некој како да влечел со шајка и така го открил светлото месо на земјата. Поминавме предел со канали и оризови полиња (Значи Столе не погрешил што борците наместо на памукови ниви ги внел во оризишта). Тоа веќе беше зелен појас, односно авионот како да следеше една голема река со безброј меандри. И слетавме. На аеродромот не пречекаа со леб и сол, со народни танци и букети каранфили. Топол, срдечен пречек. Топол и денот: 34 степени. По кусата церемоннја (со нас од Москва наваму патуваше и целата државна делегација на чело со Драгољуб Ставрев), не донесоа в град и не сместија во хотел „Узбекистан” во центарот на градот. Додека нè поминуваа низ градот, во овие места населував и други луѓе покрај многубројните физиономии – Борис Тушев, Ванчито, Шујде, Мици – како изгледале кога прв пат ги поминувале овие улици? Сфатив дека не ќе можам да иж влезам во трага на жената на стрико Борис од проста причина што на тргнување не успеав да понесам адреса од Горги Маркос (Шујде), само сепак, кога ќе се вратам ќе има со што да го збогатам дневникот на романот. 6.6.1983 го. онеелник Ташкен Синоќа открив неколку улици околу хотелот. Чудесен град, под жешкото и немилосрдно око на сонцето, една зелена оаза, една зелена убавина (ова зелинило ги чува луѓето, а луѓето го чуваат и го одржуваат него – за взаемно опстојување). Денеска со такси тргнавме во потрага на нашите Македонци кои овде ги викаат „Греки”: Коле Манев, Иван Чаповски и јас. Коле Манев имаше адреса од тетка. Таксистот не остави на главната улица во квартот, а после сами со прашање ја најдовме куќата 9 дом, 18 квартира. Куќите типски, со немалтерисана потемнета цигла (како чеганската во Ми- чурин), во просторот меѓу куќите дрвја, крај куќите сегде присутните каналчиња (геризи) во моментот без вода оти некои само што ги очистил. Нешто познато и тешко ни се сви во срцата. Двете женички на влезот не знаеја за Пејовска, рекоа: „Здес много Греков” ама ние веќе се качивме на вториот кат и Коле почна да чука по вратата (не ни виде дека високо горе има електрично ѕвонче). После го упатив на него. По некое зреме нешто се раздвижи зад вратата и ни отвори една старичка со наочари. Вели „Кто ви?” Ние со Иван рековме само добар ден, а Коле во темницата на ходникот вели, приближувајќи иж се: Не ме познаваш? Јас сум Коле! Колја?! Колче на тета, ти? Да, вели Коле, јас. Откуда? Как? Кога дојде? Вчера, синоќа, вели Коле, а таа вика кон внатрешните простории: Вита! Вита! И се прегрнаа. Подоцна, кога можеше, се поздравивме и ние со неа. Не внесе во дневната одаја и ние седнавме до една масичка. Кауч, две фотелји. Излезе и онаа што се викаше Вита, нејзината ќерка. Зборува многу добро македонски, а мајката повеќе на руски. Додека седевме и разговаравме ни призна дека скоро ништо не гледа. Кога стана забележавме дека навистина не гледа, си помагаше со рацете. Тогаш ми се стегна уште повеќе срцето: внукот доаѓа после речиси триесет години, а таа не може да го види. Го гледа само по гласот, ве ројатно потсетувајќи се на гласот од својата сестра, мајка му на Коле. (понатаму ништо за средбата, а знам и зошто. Ни тогаш ни сега не можат да се најдат вистинските зборови што можат во потполност да ја одразат таа средба. Знам само дека не се задржавме многу и така да се рече побегнавме изговорувајќи се дека ни се брза и речиси една долга и бескрајна улица ја изодивме пешки само за да можеме да се совземеме). 9.6.1983 го. чеврок Ташкен Коле и Иван појдоа на проекцијата на „Тулгеш”, а јас по картата на градот, тргнав да го барам Димитриос Анастасиу (Димитар Ташевски), од Тресино, девер на тетката Танка, односно брат на нејзиниот покоен маж Васил. Улицата Марксова тргнува од хотелот „Узбекистан” во правецот на исток, а потоа незабелижливо преминува во улицата Боткина, каде и ме упатуваше адресата. Реков ќе биде блиску и тргнав пешки. Откако одев речиси повеќе од половина час од нејзината лева страна посматрајќи ги куќите обраснати и скриени во зеленило, негде на крајот каде што преку една раскрсница (нешто во вид на плоштад) преку која минуваа трамваи, тролејбуси, товарни камиони, а самата плоштадка како да се наоѓаше на мост врз некој голем канал (од лево на широчинката продавници на малечки полугнили јаболкца, малку поназад продавиица на леб, касетен на изглед, и до неа уште една со кренвишли во излогот налик на растрбушени црева), фаќам такси, му велам Боткина 11а, и таксито само ме префрли преку едни ископини, односно ги помина новоградбите и навлеговме во Боткина улица. Ме остави негде на средина, му дадов рубља и излегов. Влегов во уличка таканаречена переход, проезд: сини бараки, дноспратни куќи, багреми и други дрвја сегде околу, канали со смрдлива тиња во нив. Во рацете носам завиткано шише „стомаклија”. Сите ме загледуваат. Малку сум им необичен, мислам пред сè со облеката: драп пантолони, платнени бели чевли, кошула – блуза со куси ракави копчана и со џебови. Запрев на крајот од редот бараки каде што беше отворена една врата во висо- ките штици што ги криеја влезовите. Еден маж (грчка фаца, со црно бела брада, куса, со малку недоверлив поглед) и една жена зад него нешто како да пржеше. Едно малечко, црно кученце ми се вплетка во нозете гамкајќи. Реков: Добриј вечер (оти сонцето на заоѓање) и го прашав за Димитрос Анастасиу. Грек? праша, не, му велам, он Македонец. После ме праша дали знам грчки на што негативно му одговорив. Кога го погледна пликото со името и адресата, ме упати да се вратам на почетокот на редицата и да видам од другата страна. Од долната страна, во просторот меѓу тој ред бараки и уште еден понатаму, неколку жени си седеа и си разговараа. На моето прашање дали е овде оваа адреса, ми пријде една од нив, малечка, сува, црнка, со малечко во рацете, ја погледна адресата, ме праша дали тој човек има кола (Во Скопје ми рекоа дека има син му), дали има две ќерки, не, велам, знам дека има само син. Ме поведе нагоре, од другата страна на редицата, каде двете редици ги попречуваше друга редица куќички, малку на повисоко, изѕидани, варосани, исто со заградени дворчиња. Ја прашував дали е и таа од Грција на што, за чудо, одговори дека е Ерменка омажена за Грк. Потропа на првата врата и излезе едно старче многу налик на оној што го барав, си реков тој е, ама не реагираше на името Димитриос, ме праша дали знам грчки, не, му реков, и вели прашајте во куќава до мене, јас не зборувам со нив, не живеам, и уште пред да појдеме понатаму, ја скри белата коса зад вратата. Ерменката ме запре пред една девојка од околу дваесетина години и ја праша случајно да не го познава овој од адресата. Не можеше да се сети. И таа ме праша дали знам грчки, Рече татко ми може знае, ене го онде, и го извика. Дојде едно човече во аба, со македонска фаца, а не зборуваше македонски. И тој не знаеше ништо. Речиси сите ги бунеше адресата. Рече Оној онде на клупана е Македонец, можеби тој ќе знае штом овој што го бараш е Макелонец. Човекот на клупата навистина беше Македонец, од Лерин рече дека е, ама ништо не знаеше за Димитар Ташевски. Девојката и Ерменката се вратија, а двете старчиња запреа едно момче по име Вангели и му го подадоа пликото. Да, рече, ова е Боткина. Ние сме четврти проезд, а овде стои трети, број 112. Не, велам, тука е напишано „за” наместо проезд, а ова треба да е 11а. Не ми се верува вели. Разговорот го водевме на руски. Сепак, вели, ќе одиме кај Борис од Буф, тој е Македонец, и сигурно знае. И ме поведоа понатаму. (Во себе си мислам: чудно, тука меѓу нив нема нејасно – Македонецот е Македонец, а Гркот Грк. Изгледа Македончето повеќе сака да биде Грк оти додека одевме преку улицата, Вангели ме праша зошто овој се пишува по грчки кога е Македонец? Не знам, му реков.). Пред вратата на Борис од Буф излезе една жена, дебелушкава, во црвен фустан со цветчиња, русокоса и бела (значи Русинка?) и рече дека Борис не е дома туку на млинот, на работа. Старчињата беа за да појдеме на млинот со трамвај, а јас се спротивставив, реков благодарам за ова што се изнамачивте, ќе се обидам сега сам (Сфатив дека во латиничната транскрипција има грешка, и дека е точно она што стои на пликото како адреса напишана од самиот Димитриос „Боткина, 3 проезд, дом 112” а не како што ми е запишано во ливчето 11а). Старчињата се вратија а Вангели тргна со мене и рече дека сигурно ќе го најдеме. Тој зборуваше по малку и македонски, ама одлично ме разбираше. На прашањето да не е Македонец рече не, јас сум од Коница, а знам оти заедно со Македонци имам работено. Работи како ѕидар, добро зара- ботува, а досега не се вратил во Грција оти едното дете му завршува четврта стоматологија. Одиме преку некои улички, поминуваме покрај самите куќи, каналчињата шумолат и смрдат, под некое место за кое тој вели „кладбиште”, а јас без да сфатам за што се работи, сакам да ми се појасни, а тој продолжува, вели здјес покопает мертвих, а, велам, гро- бишта! Да, додава, во овој дел овде ги закопуваат оние што се членови на партијата (и гледам – наместо верски симболи – петокраки), а во оној дел врз улицата Боткина (оти ние веќе пак излеговме на неа) таму, вели, другите ги закопуваат. И така се најдовме на почетокот на Боткина, онаму каде со таксито завлегов во неа, и таму, од десната страна група милиционери купуваа цвеќиња од една женичка. Вангели ја праша продавачката на цвеќиња која веднаш го упатува десно, вели, „Здес третиј праезд”. Преку едни раскопини, преку нешто турено, провирајќи се меѓу две сниски куќички, излеговме на една споредна и додека тој, Ванвели, се обраќа до две жени што си седеа пред една куќа, од спротива гледам број 112 на една осамена, скоро напикана в земја, куќичка и му велам: мора да е онаа. И жените му потврдија дека таму живее „Грек”. Куќичката сама, околу сè е разурнато, само зад неа има нешто како куќа и веќе зачекоривме кон вратата со бројот, речиси во самата квечерина, мислам сонцето беше сосема паднато, ама здивот никако не му попушташе. Влезот во куќичката не беше од кај улицата, на неа таа гледаше со две прозорчиња, туку се одеше од десната страна под стреата како по некое сокаче и сокачето удираше во една дрвена врата од двор. Зад вратата се разѓамкаа кучиња додека Вангели тропаше по неа и викаше „Хозјаин, у тебја пришли гости!” По некое време вратничето се поттргна на внатре и се појави човекот што го барав толку време. Го познав. Го имав сретнато во Скопје, дури и запис постои за него во овој ист дневник. Добровечер, му викам за да ги надгласам кучињата што скокаат на вратата, а тој прашува кои сме. Поздрав од Скопје ти носам, од Анастасија и Динка! О, од нив, повели, по вели! И сега јас сакам да го задржам и Вангели оти патем ми откри дека го знае Гони Марков (Шујде од Црвениот коњ) ама се преселил во Чиланзар, не му ја знаел адресата ама знае каде е, може да ми покаже. Само домаќинот не го повика внатре и додека да се свртам тој си замина. Така и се случи да не ја откријам трагата на Борис Тушев. Гони Марков беше таа трага и таа врска. (Поарно ќе беше да не го барав овој Димитриос Анастасиу туку да го качев на такси Вангели и да го однесев во другиот крај, кај што беше и тетка му на Коле Манев). Домаќинот, со престилка и извалкан, очигледно ранел нешто (кокошки, како што видов подоцна), со стап ги тера кучињата а мене ми вели да претрчам до една друга врата, влезната во куќата. Во дворот имаше повеќе од пет шест кучиња, ги видов и кокошките. Внатре: прво едно како претсобје, десно кујна со маса врз која има нешто покриено, многу муви, и Димитар, очиглелно изненаден од посетата, не знае што да прави. Го отскри купот, нешто што јадел, остатоци од риба, растргна нешто од ронките, направи место колку да стави нешто. Седнав на столицата а тој до мене. Ама ти, кој си? прашува. Јас сум зет од сестра на Анастасија. Мајка иж на жена ми и Анастасија се сестри. Имаат и уште една, Александра, а баба ми се вика Марија. А, така значи! Велиш поздрав од Анастасија и Динка. Да, му велам, ова шише ракија е од Динка. Колку за поздрав. Друго не можев да носам. Стана, се разврте, вели не знаеш колку се радувам што имам гостин од Скопје. Му кажувам дека овде сум од неделата, дека утре ќе заминеме за Џизак, и овде сум колку да го видам и да го поздравам. Додека зборуваме јас ја разгледувам просторијата: ништо особено, во аголот лавабо, нешто пљачки лево десно – напред, десно уште едно вратниче каде подоцна појде да вари кафе и додека беше отворено како да доаѓаше некое збивтање од таму. За жена му рече дека е појдена на гости кај сестра иж и дека добро би било да почекам да се врати. Не можам, му велам, утре рано заминуваме, а имам уште и друга работа. Едно кафе ако дадеш ќе се напијам, друго ништо не ми треба. Тој донесе комат сирење и од него пресече неколку парчиња со едно ’рѓосано ноже иако таму крај купот имаше и друго, големо и чисто. Од сирењето не каснав, а додека испивме по две големи ракии, едно краставиче што тој го посече во долги парчиња, ми беше мезе. Кафето го тури во големи чаши за чај и го испив докрај оти бев многу жеден. Додека пиевме ракија и кафе рече дека сака нешто да испрати за Скопје, топломер и електрично перниче, вели, да иж се најдат на Ана- стасија. Добро, му велам, ама друго ништо, оти одиме уште на неколку места. На тргнување ми отвори уште една врата и внатре железни кревети со многу постелина врз нив и од таа просторија се влегуваше уште во една исто со два кревета, пак од железо, исто така натрупани со пљачки, а на спротивниот ѕид раширен килим и закован на него (еден друг сè уште е свиткан во трмба и исправен во аголот за кој ми кажува дека сакал да го продаде ама жената не го оставала, велела ќе се најде во новата куќа што наскоро ја очекуваат). Несредено, неисчистено, тоа е можеби поради натрупаноста со сè и сешто купувано овде во Ташкент и таму во Скопје (оти таму често доаѓа), па и од жестината ми се чини дека не можам да дишам и сакам што побргу да побегнам од кај него. Долго буричкаше во креденецот барајќи ги топломерот и електричното перниче, а воедно откривајќи секаков прибор за едно дваесетина луѓе што би се рекло. Најпосле, во најдолната фиока пронајде пет топломери во картонски цевчиња. Зошто толку? прашувам, ако, ако, вели. Се согласив да ги земам сите, ги завиткав во хартијата во која беше завиткана ракијата, а во меѓувреме му потпишав еден примерок од „Земјата на Христос” посочувајќи му го местото од дневникот на „Црвениот коњ” каде пишувам за средбата со него кај тетката Танка. Не знам зошто, ама сакав што поскоро да си заминам од кај него, тие дванаесетина минути ми беа доволни за да го прифатам како лик за во надополната на дневникот – така, пак бранејќи ме со стап од кучињата, се најдов надвор. Му велам едно куче зар не е доста? А, не, зошто ние сме на крајот, а и сами останавме. Гледам на прозорчињата има опнато железа додека ми покажуваше што има садено во бавчичето (пиперчиња, домати, пченка, а ниедно дрвце). Веќе се смрачуваше кога се збогував со него и кога ги прескокнав ископаните канали. Долу, на Боткина, каде имаше шини за трамвај, горе жици за тролејбуси, ка- де што чекаа луѓе на станичката, јас запрев празен такси и му реков: гастиница Узбекистан. Ми беше криво што го испуштив Вангели, а преку него Гони Марков (Шујде), а преку Гони трагата за Борис Тушев. А може е добро што го посетив ова човече Димитриос Анастасиу кому запишувајќи му посвета на книгата што му ја дадов му напишав На Димитар Ташевски. Рече утре во девет ќе дојдам пред хотелот да ја до- несам електричната перничка. На збогување, срамувајќи се, некако ми приспомна да не кажувам во Скопје како го затеков. (Што го болело човекот! оти во Скопје многу гордо се држеше) 10.6.1983 го. еок Ташкен Ги чекаме автобусите. Треба да заминеме за Џизак. Иван Чаповски, Коле Манев и Коста Бојаџиевски нестрпливи се да го видат човекот, така да се рече еден од хероите во „Црвениот коњ”. Излеговме пред хотелот од каде се шири прекрасеи поглед на еден дел од градот. На бетонските блокови, на крајот од просторот, седи тој. Појдовме кај него. Се поздравивме. Вели дека не го донел перничето. Јас не се распрашував зошто. Синоќа не можеше да го најде, велеше жената го има затурено, а неа ја немаше, додека сега ми кажува како била изненадена жената кога иж кажал за мојата посета, (значи се вратила), ама перничето не го нашле изгледа. Некое чудно чувство проструи низ мене, чувство на премама, на страв. Им го препуштив на Иван и на Коле. Иван го дарува со шише вињак мислејќи дека е Пожаренец. А и јас така знаев. Излезе дека е од Тресино. Немавме многу време и се разделивме. Човекот со себе носеше две нешта: едно кожено куферче (како одсечено од цилиндер) и една платнена кеса. Подоцна Иван кажуваше дека навистина пензијата му била мала, ама бричи, вели, во болница. Значи алат за бричење има во куферчето. Тргнавме за Џизак. Ја видовме „гладната степа” што вредните раце ја претвориле во поле на памук и пченка. Средба со идните домаќини имавме кај софхозот „Ленин” – и ручек на еден засенчен чардак, а потоа нè вртеа по целиот реон додека не стигнавме во Џизак. Не сместија во нов хотел, концертот и вечерата поминаа во срдечна атмосфера. 11.6.1983 го. сабоа Џизак Појадок, ама малку се јади. Коце пие два јогурта. Купуваме сувенири: ножеви, торби. Тргнуваме. Го изминуваме гратчето (што дури сега го откриваме) и фаќаме по една долина на кај Самарканд. По еден саат возење се сретнуваме со автобусот во кој е Танец. Синоќа тие имаа концерт во Чирчик. Средбата е на Тамурлановата врата: две огромни карпи што ја препречуваат долината. Натаму ги гледаме првите села: ниски куќички, од глина. Зеленило има многу во појасот на долината, лево и десно ридишта голи со подгорена, изгорена трева. Патот полека се качува. Најпосле запираме. Придружбата од Џизак се враќа, а на чело на колоната застанува придружба од Самарканд. Значи пречекот не е на граница, туку пред градот. Пред градот: танци, рогови што свират, леб и сол за добредојде. Сите добиваме цвеќе, значка и покана за игра. Кој умее се вклучува во играта. Всушност никој не останува надвор од играта оти поканата доаѓа од девојки во узбечка носија, црнки ама светнати од насмевките во ритмот на музиката ги плускат прстите и ги кршат рацете и снагите. Тоа не трае долго. И додека одиме на кај хотелот Самарканд ги добиваме првите информации за древниот град кој пред три години прославил 2.500 години. Имаме кус одмор во хотелот со закуска па така и стигнуваме до вечерта: прво полагање цвеќе пред Ленин, па во посета на комитетот, па ручек, а по ручекот заедно со Коле Манев и Цветан Станоевски одиме на проекција на Црно семе. Не почестија со шампанско, со сладолед и со разговор, а малку се вклучивме и во гледање на филмот. Стигнавме и на свечениот концерт во театарот. Така, до доцна, вклучувајќи ја и вечерата. Спомениците дотогаш ги гледавме само од прозорците на хотелот, а по вечерата, Коле, Иван и јас појдовме до медресите на Улуг бег. Оти доцна не светеше ни еден рефлектор. Ги гледавме од далеку тие монументи што дошле до нас со порака за траењето. Во оваа смисла се водеше разговорот на амфитеатарот. 12.6.1983 го. неела, Самаркан Помина сè. Се враќаме, Ташкент, Џизак, Самарканд. Ја издржавме жештината, говорите, храната, гостољубивоста. Сиот пат останува трајно втиснат во нас, посебно доживувањето на Самарканд. Тргнавме приквечер, на зајдисонце и оти од исток се враќавме на кај Москва, мислам дека зајдисонцето го јуревме цели три или четири саати. Вистински во ноќта влеговме дури кога слетавме во Москва. (додека траеше патувањето немав многу време за белешки, подолгите експликации ги направив откако се вратив по скиците што постоеја во бележникот, а вистинско навраќање ќе има по многу години, кога ќе се занимавам со моите дневници. Овие извадоци ги правам колку да го надоврзам моето патување во Узбекистан со дневникот што е составен дел на „Црвениот коњ”. Бев во градот и во земјата каде што Борис помина еден добар дел од својот живот. Во трагата не му влегов. И на враќање цело време се прашував: ако ова патување беше пред пишувањето на кннгата ќе изгледаше ли таа поинаку? Веројатно, ама само во амбиентот, не и во основната нишка. Колку толку овие записи ќе бидат извесна надополна на книгата. а особено извадоците што ќе следуваат од писмата на Борис Тушев до татко ми Александар Георгиевски). Прилог - извадоци од писмата на Борис Тушев 4.7.1957 го. Ташкен, СССР . . . А за мене понанака ки видиме как ки биде политиката и јас ки се борам за да можиме да се сретиме Сега има адно Кустурчанец ки дојде се знајме од време но он мене не ме иперитисува прет нескољко време се раскараме за политнчки работи он се вика Тахидис Ламбро и лажовно џавела он вија дена ки дојде тамо он ки бега од тука оти и крепише нашите душмани Захаријади Барџотта Вландата и Гушополос Ташо и он викаше за Паскал и за Вера и за Киримичијата и за Хаџи- јанто од Воден за вија пет он викаше од ник загина борбата наша он велеше колку му е црно лицето и толку му е црно дробот така велјаше и Захарјадис крепише то что он оде со нејната политика но сега ка са прави 6 и 7 плено и исфрлија уд партијата Захарјадис Гушополос Барџота Вландас как душмани на грцкиот народ он не го бере тука и завршавам и велики поздрави на цела фамилија . .. 19.2.1958 го. СССР, Ташкен Зраво братовчет Цано, зравејте дарагии друзја позрављају и приветствују огромно привет жалају вам хорошо здаровие долга жизна и добри оспехи на ваша работа. Писмото шо го имаше пратено на 3. 11. го добих на 14. 2. науков за ного работи и за вашето здравје зравието е сама главно се радвах ного братовчет имахме долго време да писаш и да писам но сега се разбрахме кто вино ват и кто прав разбирасе ти виновен јас кога зевам писмо от тебе одма ти писам за то немаш право (следуваат две страници на грчки и со гчко писмо)... братовчет јас на ето завршавам мало писам но ного да разбериш на другото писмо повике ки ти писам сега писај ти нешчо ново как виа там живите как живат нашите сиљани Цинци Пицулот Брезе Биќарот Шишко и другите за шо не писат на мене писмо придавај поздрав от мене писај ми нешчо ново от там от Грција писај шо прават Уз. СССР г. Ташкен 15.7.1958 го. ... писаш стана некоа посадијо крај гарницата ка ки са научиш добро писа ми ако сакаш да са научам шо стана. Со твоито писмо братовчет читаем и са смејам ти писат братќата илјада години да стоја твоите пари нема да ти расипиме наверно они мислјат илјада години ки живат ебиму мајката братовчет крепи се гледи се ако бидиме живи цали работи ки и видиме Научи се јас сум добар также и Вани и Гони и Мици се добро до сатот. . . На 25. 11. 1958 добих писмо од големата чупа Марија ми писа са мажам е зетот Томо на Пеци дете на шурата ти Петре Марија ми писа нивесто Цанивице кажи ми татко ка ки излезам ут дома на дворот дека да испулам на как на лево татко нема на право мајка нема очите течат като извор никак не са сушат писа и други много тешки лафови Писмото братовчет не можам да го прочитам испих две оки ракија и после го прочитак тешко и горко но живи нека бидат така било нашто ксмет... 21.10.1958 го. СССР Пу 11 мисеци чера добик писмо ут тебе имавме виселја 14 годовчина ослободејне Југославскиј Белград од немецки фашистов со твојто писмо се радвах ного но радоста и жалоста е у мене се научих за сичко шо ми писаш но сама главно шо билисте живи и зрави цели кронцелци наши наши патриотов и пријатељи дај бог ишчјо подобри да бидите Братовчет Цано го читам писмото твојо и се чудам адна бакета цигари а испик и никакво мнејне не можам да извадам се чудам и се ума на какво насардено време писано такво писмо нимаше писано никагда јас не ки ти писам много зачто не можам никаква симперазма да извадам то што писаш ти кажал Искрата така е точно јас полочик писмо од Ичо на Ганушот од Почип он е о Полша он спрашавал дали зевам писмо от васка јас му варнак има 10 месеци немам добиено от Југославија, не знају шо става можеш да кажеш не добро е во нешто али шо писаш добици и бодали и писаи: дека јас су лафел пу чужди лјуде извинавај братовчет Цано ниа целите пу адно варшник се печиме положенјето не прави да бидеме будали и улави братовчет јаска на секое писмо (пис- мото понатаму продолжува со друго мастило, зе лено, а се гледа дека ни реченицата не е завршена)... Причинта е ва у нас беше чистота у удајте дека живиме на ето време цели адреси исфрлик зашчо на цели му имак варнато на писмата шо имак добиено И така твојта адреса а забрави улицата и за то писак у Полша, има други оти шо ми писаш 5 со во 6 јаска не вирувам твоите писма ако забават но не гинат мојта адреса аку са мене јас одма ки ти писам Писаш си го армасал Ташкото добро сте правиле живи да бидат милос да имат и касмет сос радос и сос мир да се праве свадбата а уд дека нивеста не писаш. . . 7.3.1959 го. СССР драги братовчет две важни нешта не разбрак, прво за Гуши писаш е војник, кој е во Гуши не знам! Ето интересно! Во второ писаш Урнија а суди Сабрија за што не писаш. Ако истина а суде Урнија му има бигано умот на Сабрија! Јас ти имам писано за главите но глава да не устане... За Ташо Гушопулос ти имак писано прет 8 месеци. Ошче 1955 зек писмо от него беше о Романија тогај после отиде доло за работа он се придаде... беше пратен од ќаата Прави ного гнасни работи таму он а сега са намерва у демокрацките држави. Братовчет за да се алантисаме ниа со тебе треба адно месиц да се лафиме су муцките а не со писма еби му мајката братовчет да пулиш да и учиш децта... јас два пати ниделјата одам на сколе научи се братовчет јас сам добар со здравјето и си работам по мало на производството жива добро слушам пу радиото ноикната Атина и Радио Солон ного добри отношенија имат Грција и Југославија... цигарата дојде о писмото се благодарик ного имаше 12 години да видам гарцка цигара... 25.5.1959 го. СССР ... братовчет Цано долго време нема писмо од тебе пачему не писаш что случило с свами дали заболели или что у вас и јес може бит работа многу у вас па за етому не писали писмо Братовчет Цано прет двацат (20) дена зимах писмо од Гарција от Нешка Писа добри биле со зравјето дош имале многу ва пролет и друго писа проедрос било Ичо на Трпче Пашалиен шурата андипроидрос Паскал Геле на Сабрија три писма пот рјат му имак писано трите и зимал а от много работа не можел да писа писмо на мене Но имат право ного мал не правтасуват така писа мојта чупа Неша Братовчет Цано јас со зравјето сам добар работам за да живам живам за да работам така братовчет Цано гајлето за мене е големо моите чупи порастеа се мажат Марија писаше татко јас се мажам испајгам уд дома нивеста, гледам на лево татко нема гледам на право мамка нема (последната реченица е подвлечена од него, а по натаму продолжува на грчки, околу страница и половина.)... 10.4.1960 го. ... зравејте драгии роднини поздравлјају и приветствују международнии дењ 1 мај желају вам хорошего здаровие долга жизна и добрии оспехи в ваше работе Самое главное здаровие Јас полочил ваше писмо за катори сердечно благодарју узнали что ви (прв пат пишува во множина, како да има некој крај себе, сигурно жената) живи и здарови и за много други работи Драгии братовчет драги друзја јас су зравјето су добар до овој час А гајлето е големо за понанака шо ки стане не знам за животта тука е ного добра но не за мене Братовчет Цано ти прави адна голема грешка 1948 година наможа да ме закрепиш за да бидеме зајно о месте да живиме Ти имаше повике критириу и пира шо велјат Гарците За та на Пашаљичето шо велиш а вирувам даскалот там живе у ник јас мо посака два пати не ми даде на мене за чапка велиш е ивдовица шо са стори Чапата умре или са утепа јас не знају также и Мино Гледам на писмата твои ного о ошигурисано шо јас ки си одам о Гарција и да поминам по тамо за да се видиме Ета работа не е извесна дали ки си одам и кога Јас правик молба за да дојдам таму не ма позволија не разришават само у Полша устават Драги братовчет ми писаш јас та чиник итар ценија работата, да! Братовчет ето имаш право полно, но јас си мислам повичке работи да знам ут тебе братовчет извинавај шо јаска така ти писа може да правам грешка Ти братовчет си ного високо којто от нашите места никој не може да те стигне шо ти можа да изучиш децата ето ва е највелика дела а за друзи работи шо ми писаш да можиш помини пу тука тогај ки видиш ех братовчет нија макидонците се правиме битер ут евреите евреите барем се итри баргу ајслагуваат работата а макидоницот ка ки помине попот со темјанот... Ти зевај пример адна малинка Албанија шо беше најдолна от цели балканцки даржави она сега като китка цвета. Борба са праве. Треба да бидиш челик как адин а не да пијш вино со јаболка и другио да го криј у Карсој и да биј нарот без причина. . . 23.5.1960 Ташке . . . има три месеци как трчкам за да дојдам тамо не ми одобрија не Тамошните наши не остават зимак справка од дохторите оти имам ревматизам на нозите за да а менам климата пак не ма оставија ми дадеа 2 мисеци одмор завтра 24. 5. бегам за у Кавкас на корорт на саатот 10 бегам со камјон ки са врнам со поезд тренто оде 7 дена до кавкас со ајроплан ки бегам со тренто ки са врнам ки пуседам малку о Москва и у Ленинград друго немам шо да ти писам. . . (вообичаени поздрави до целата фамилија) 16.11.1960 го. СССР . . . недамна зимак писмо от Гарција от момите от Нешка писа са добри со здравјето брале кустени имале ногу кустените зимак и от Ичо Сабрија писмо что јас го каскандисав оти бил богат он писа ако јас бек богат не ки го загазик детито от сколето да го пуштам да и паси овците Се чудам шо да му писам и так не му имам писано Така е братовчет нема он кабат таква е даржавата ти ако мижиш даржавата оште повике ке ти и стиска очите вечно да мижиш не му са љутам оти јас таков бек јас му и баталик сиромашките седби и башти и кустени и сичко тука чувек ки си и пордаде последните гајки а детито треба да го уче а на Гарција не му шинфере да са уче му писак на ного људе писма о Гарција на Паскал на Ставро Андонијади и на много другн цели и зимале а никој не ми варна да му ебам мајката... ти братовчет ми имаше писано да дојдам таму а на мене ми е мнението и тија нашите големи глави шо дојдеа таму не правија добро тија таму шо прават си пуљат животот ничто друго а ако беа тука ки гледаа шо са чине положението особено за макидоцкио нарот независимост национална Целите Гарци се радват за да бидеме распрскани јас така разбрак не знам ти как гледаш и не знам дали ки ме разбереш шо ти писам јас гледам тука са пичате гарцка газета со шес страници адна маленка сраница по македонцки как бут никаква историја нема македонцкио нарот ... не добро ки си пукнам од инат на ето заканчивају... 1.12.1960 го. СССР ... тешко за мне горе високо доло длабоко от Гарција долго време има да зевам писмо от тебе тоже нема писмо никој не писа толко от Пени Тотле от апцаната зевам по никој писмо има ного позрав от Пени и на нејната сестра Лена и на Гони он ми бараше помош јас му пратик адна голема посилка со ного пљачки не знам дали ки може да а зева недамна дојде една жена от Грција от костурско от тиа места а она кажува много матошини имало не знам аку е истина Писак писма на Геле Паскал и на Сабрија са научик и зеле а они на мене не ми варнаа Сега сакам да му писам на Паскал ако не ми писаш ки ти пуштам такво писмо шо одма ки та пуштат при Тотле така да знајш! И ки му написам братовчет одма ки гу суберат не знам дали е кинотата о нашто село или о Тејво кажува едно тијофче на Паришка дете оти била о нашто село кинотата... 12.1.1961 го. СССР ...Јас ки ти писам малку неинтересно за тебе братовчет но за мене е ного тешко. Прет нескољко време зимак писмо от Гарција от големата чупа Марија писа со зравјето биле добри но со нејното писмо јас ного са сакалдисак. Јас ти писам на теп а очите течат като извор не се сушат со на Ванивица лафовите средната чупа мојта Лена като са посакала со адно дете на Димо на Наси Марков целите наши сакале за да а дадат детето и момата са аресале а Ванивица сказала дори да не и женам моите деца и да порастат внуците на Ичо и на Наси Лена нема да а мажам не ки са маже. Така рекол и брат ми Вани. А цело врак било от Сабријка. И писа Марија не сака да ме срете на патот Ванивица а не дома да одам да са полафам со сестрите и така братовчет Цано за да продолжам ва вапрос а причикак новата година со тага... 13.8.1961 го. Ташкен ...требаше да поживиме за да видиме шо ки стане ва дујна, смртот е доближено опчко много е наближено огнот и за баргу писаш, да братовчет работите беа јасни ошче 46 а ниа не можикме да правиме диафортика шо вељат Гарците особено ниа как макидонци за нас или смарт или слобода! Писаш за пенцијата как ти кажуваш ного од нашото село ки зеват пенција ето во нешто е добро... скоро сретимсја чекам одговор.., 15.9.1961 го. Ташкен ...Узнај браточет что јас жив и здрав до овој час шо ти писам также желаем и вие да бидете подобри от мене. Также братовчет ето време зимак да ручам и те гледам на сликата со цела фамилија и малки Цанко син на Ташко на раце также и Ичо на бајче Наси со златни фамилии околу вас. Драгиј братовчет ного се радвам со вас да живејте ного години и часливи радосни и добрии оспехи во ваши работи. Писам братовчет и очите мои не са сушат течат как извор се чудам и се умам сам как кукушка на планинцку дерво и се чудам как живам годините варват јас остаре братовчет. Научи се братовчет шо на мен ешчјо адно гајле ми дојде. Пред нескољко дни дојдеа документи од косулата греческо (продолжува на грчки)... 11.7.1963 го. Ташкен ... писмото од 15. 6. 63 го добик вчера имак одено о Москва имак одмор зено кога си дојдох и го најдек твојто писмо науков за сичко. Радоста и жалоста и варвам о месте така вељаше Мирка Гинова от село Росило она вељаше Парадисос и пеколјат о месте и варвиме братовчет прет во писмо имак зено и друго писмо от тебе писаш за ликарства от стомајкот јас палак билки от стомајк по аптеки и по доктори они велјат как можиме да дадиме бес да знајме болја драгиј браточет ние сне тука 23 илјади Гарци, трите чирека сне болни от стомак мене ме боли од 59 година три пати отидик на санаторио о Кавкас на најдобрите места да разменам клима и срество не најдох докторите вадин ти дават адна билка завтра друга билка се борат каква ки поможе и они сами не знајат има седом месеци мене не ме боле сам се леков бес доктори 15 дена пик нафталин чифотима по нашо шо мо клавакме на царливите овци три пати на ден пик и сега не ма боле браточет ет да ти пушчам билки јас не можам не ме остават ние сме зајно су Трифун на вујче од Бизиво он има ќерка тамо у Скопје она писа оти ки доје тука со одмор ако доје јас по нија ки ти пратам а инак мене не ме остават не разришават јас браточет зевам писма од Пени на Љаливица и зевам од сестра ми Неша и они барат ликарства јас не можак да му пратам и они на мене са љутат они си мислат јас сам о Кронцелово они о Воден не си мислат оти друга даржава јас браточет не ти варнак на првото писмо бек ного сакалдисан со Ванчито бок да го просте он си умре лижа адна година у болницата от мај до мај на 14. 5. умре на 15. го закопаме нејната болја беше ного тешка адна цела година са мачи изгни о болницата 21.8.1963 го. УЗССР ... радоста е голема что ви живи и здрави јас од Ташко полочил телеграма ето браточет е втора жизна ваша писаш ного лошо стана о Скопја ето ние знајме а и цел свет знаи... одма пратик писмо и талиграмо на Сабрија мо писак целите са живи и мо писак за да ти поможат денес па ки мо писам на Сабрија писмо за сичко оти дујната е скали скали со дарва јас браточет на Сабрија и на друзи о селото мо писак ного работи не знам дали ки ме разберат од 1912 година колко пати се мена животот на нашиот народ да не си мислете оти ниа ки умриме а вија ки живите треба да знајте оти тркалото на секак са обраќа зато помагајте лошото и доброто не са забрава... има тро време зевам писмо от Сабрија и он се обиштава за да ме зева о Грција не знам шо ки направе имал адин нипотат значи волевтис от Воден познат прават за да си одам а не знам што ки направат јас сакам да си одам не сам за тука си като куку адин от тука си отидоа мајори комисари еглиматиј на нарот а јас простој чоловек... вулефтеата нашол моите дукоменти на лошо положение но он му рекол ки пичалам така писа Сабрија јас се скара тука су вија нашите мрсни браќа за да ви пушчам нешто помош и не ме оставија... 19.11.1963 го. ... научи се браточет јас сум болен лежам о болницата има 2 мисеци ме боле стомајкот страшно боле има рана епкос Писаш ко ки бегам да поминам ут таму ах браточет кога ки дојде тој ден и јас не знам писаш за то вулефтијата бил со Караманлијата јас го знам шо панукла је јас зимак от него документи да го јебавам он писа от тука да правам Дилоси људе гнијат о апцанајте не прават ва работа не јас ничто не писаш шо ти раскажа Сабрија от Гарција дали прифтаса да го псифиса Караманлијата ничто не писаш... 27.2.1964 го. Ташкен ... зимак писмо от Гарција писат са пуштил Петре Попов от Родиво којто беше осудепо на 101 година он сега е дома а тајфата у Југославија јас дадох молба тука за да му поможиме со пљачки на него и на Пени на Љаливица мислам ки ми одобрат... дали поможва Сабрија, ех браточет от Сабрија ништо не са чека от брат ми Вани цало село да сакат ако Вани не сака нишчо не се праве цала работата са чека от брат ми Вани цала работа да са сврше на крајот негу ки го питат... 18.9.1964 го. Ташкен ... јас браточет правик молба ја пратик на југославјанскиј консул за да ми одобрат да дојдам со одмор таму ако доје рет да те опитат тебе да му кажиш имам брат у Русија у Ташкент а не браточет јас писак брат така и ти да кажиш на мене ми е умот за у Гарција да си одам но ништо не става пишуват от дома правиле книги и и пушчиле о Москва а от тога има 3 мисеци ништо нема да доје на мене от Москва... ета работа зависа от сељаните наши селото не сака да си одам јас, на ного идат визи од Гарција а на мене сакаат су анкети да правам Дилоси да му ебиш мајката! Гинирали су визи а на офчарите су анкети... 19.1.1965 го. Ташкен ... Мици на бај Толи он е добар Шујде Гони и он е добар со Гони се скараме за мало пари на Ванчито шо си умре јас му и барак за да му и пуштам на татко му он не сакаше за то он ми са љуте на мене он има руска жена не добра стара и деца немат и нилти ки имат на ето завршавам те поздравам и целата ти фамилија поздрав на Ацко (внучето) и на Ташко и нивестата и на Тина и на цели патриоти, писал Борис Тушев. (писмата се препишани на 31. 1. 1974 година кога книгата сосема јасно ја гледав. Ова што се понудува овде се само извадоци од писмата, посебно оние места што се важни за книгата и кои влијае таа да биде токму таква каква што е печатена.)